1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина поважна од САД

СН/ агенции
24 февруари 2017

Во 2015 година САД сѐ уште беа најважен трговски партнер на Германија. Сега Кина ги престигна САД, говорат најновите податоци. Тие му даваат нова муниција и на Доналд Трамп.

Deutschland Hamburg - Luftaufnahme des HHLA Container Terminals Burchardkai
Фотографија: HHLA/T. Rätzke

Кина во 2016 година за првпат се искачи на првото место како најважен трговски партнер на Германија. Извозот и увозот меѓу двете земји збирно изнесувал речиси 170 милијарди евра. Овие бројки ги наведува новинската агенција Ројтерс повикувајќи се притоа на податоците на германскиот Сојузен завод за статистика (Дестатис).

Според овие податоци, на второ место се наоѓа Франција со вкупен извозно-увозен волумен од 167 милијарди евра, а САД паднале на третото место со речиси 165 милијарди евра. Во претходната 2015 година САД беа трговски партнер број еден на Германија.

Константен извозен столб

Најголем извозен пазар за германските производи меѓутоа и натаму останува оној на САД. Според податоците на Дестатис, таму биле продадени германски производи во вредност од 107 милијарди евра. Но и во оваа статистика Франција го намалува заостанувањето. Цената на извезената германска стока во Франција во минатата година изнесувала околу 101 милијарда евра. 

Најважни трговски партнери на Германија во 2015 година

Франција долго беше најголем купувач на производи од соседната земја. Дури во 2015 година Американците за првпат купуваа повеќе германска стока отколку Французите. Важна улога игра и Велика Британија, која е трет по големина увозник на производи „Мејд ин Џермани“.

Нова муниција за Трамп?

Во Обединетото Кралство, Германија извезла далеку повеќе производи отколку што увезла. Трговскиот суфицит изнесува повеќе од 50 милијарди евра. Веднаш потоа следуваат САД, со кои Германија остварила суфуцит од 49 милијарди евра.

Германскиот извозен суфицит во последно време често беше цел на напади од страна на американскиот претседател Доналд Трамп. Обвинувањето гласи: Германија вештачки ја одржува вредноста на еврото на ниско ниво за така да ја стимулира побарувачката. Трамп меѓу другото говореше и за казнени царини како можност за санкции. Новите податоци би можеле да му дадат нова муниција на Трамп. Бидејќи, според бројките на Дестатис кои ги објавува Ројтерс, Германија изминатата година остварила трговски суфицит од четвртина билион долари. Со тоа Германија се надоврзува на трендот од 2015 година. Тогаш суфицитот изнесуваше рекордни 247,8 милијарди  евра.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми