1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Кина против Индија- долга историја на спорови и судири

БГ /АП
17 јуни 2020

Азиските регионални суперсили Индија и Кина имаат долга историја на недоразбирања и конфликти долж заедничката граница. Тензиите ескалираа вчера со нов судир по пауза од четири децении.

Archivbild | Indien Ladakh | Chinesische Truppen an Grenze mit Banner
Кинески војници на границата кон Индија со банер „Ја преминавте границата, вратете се назад“Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Во вчерашниот судир на неутврдената граница меѓу Кина и Индија во стратешката долина Галван загинаа најмалку 20 индиски војници. Драматичната ескалација ги донесе првите воени жртви во судир на двете земји уште од 1975 година. На судирите им претходеа повеќенеделни тензии кои кулминираа пред неколку недели со тепачка меѓу кинеските и индиските војници во спорниот регион.

Минатата недела обете земји соопштија дека ќе бараат мирно решение на конфликтот преку директна средба на воените команданти. Но, состанокот не само што не донел решение, туку ги заострил недоразбирањата откако двете страни започнале со меѓусебни обвинувања.
Двете најбројни светски држави и нуклеарни сили никогаш низ историјата не се договорија за заедничката граница околу Хималајскиот регион. Освен честите престрелки, двете земји водеа и крвава војна во 1962 година.

Индија го наследи граничниот спор со Кина од својот колонијален владетел Британија- која во 1914 година организираше конференција со владите на Тибет и Кина за да ја утврди границата. Но Пекинг никогаш не ја призна границата од 1914 година позната и како Линијата Мекмахон, и бара да му се врати територија од 90 илјади квадратни километри, односно речиси целата индиска држава Аруначал Прадеш. 

Спорна карта за ескалација

Граничниот спор за првпат ескалираше за време на посетата на индискиот премиер Џавахарлал Нехру на Пекинг во 1959 година. Нехру реагирал на границите кои биле исцртани на официјалните кинески карти, на што кинескиот премиер Жу Енлаи му одговорил дека неговата влада не ја признава колонијалната граница.

Спорни гранични региони меѓу Кина и Индија

Кинеските трупи ја преминаа спорната граница со Индија во 1962 година, што предизвика четиринеделна војна во која загинаа илјадници луѓе на индиска страна, но потоа Кинезите се повлекоа. Но Пекинг го задржа Аксаи Чин, стратешки коридор кој го поврзува Тибет со западна Кина. Индија се уште тврди дека тоа е нејзин регион, исто како и долината Шаксгам во северен Кашмир кој е под контрола на Кина.

Спорна точна е и Нату Ла, највисокиот планински премин на Индија во североисточната држава Сиким кој се наоѓа меѓу Бутан, кинескиот дел на Тибет и Непал. Таму се одвиваше и последниот воен судир меѓу двете земји во 1975 година.

Уште една спорна точка е регионот Доклам во Бутан каде војските на двете држави со месеци се држеа на нишан откако Пекинг започна изградба на пат. Доклам е стратешки важен затоа што и дава на Кина пристап до ткн. „кокошкин врат“- тесен премин кој го поврзува североистокот на Индија со остатокот од државата. Судирот таму всушност е меѓу Кина и Бутан- кој е сојузник на Индија. Спорот беше решен преку разговори.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми