Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп водеше телефонски разговор со тајванската претседателка Тсаи Инг Вен и со тоа „згазна“ на насоките на американската дипломатија. Кина реагира невообичаено опуштено.
Реклама
Доналд Трамп ризикуваше да се соочи со гневот на Кина - тој постапи спротивно на однесувањето на американската дипломатија кон Тајван и водеше телефонски разговор со тајванската претседателка. Двајцата ги нагласиле „блиските односи меѓу САД и Тајван во сферата на економијата, политиката и безбедноста“, соопшти тимот на Трамп. САД во процесот на приближување кон Кина, ги прекинаа своите дипломатски односи со Тајван во 1979 година.
Белата куќа се дистанцираше од постапката на Трамп. „Нема промени во нашата долгогодишна политика“, соопшти портпаролката на Националниот совет за безбедност, Емили Хорн. Вашингтон ги прекина дипломатските односи со Тајван во 1979 година и ја призна владата во Пекинг како единствена влада на Кина. Меѓутоа, неофицијално, американската влада и натаму одржува пријателски контакти со Тајпеј.
Поради прашината која ја крена неговиот телефонски разговор, Трамп појасни дека всушност нему му се јавила тајванската претседателка Тсаи. „Престедателката на Тајван МИ СЕ ЈАВИ за да ми честита на изборот за претседател. Благодарам“, напиша новоизбраниот американски претседател на Твитер. Еден час потоа додаде: „Интересно е што САД во Тајван продаваат воена опрема во вредност од милијарди долари, но јас не смеам да прифатам телефонски разговор за честитање.“
Кина не се возбудува
Кинеската влада реагираше невообичаено опуштено на телефонскиот разговор. Од Пекинг се вели дека Кина не смета оти Трамп ќе предизвика историски пресврт во американската политика кон Тајван. „Тоа е мал атак од тајванска страна“, изјави кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји. „Не верувам дека тоа ќе промени нешто во политиката 'една Кина' која има поддршка од страна на американската влада со години“, рече Ванг.
Тајван се отцепи од Кина на крајот на граѓанската војна во 1948 година, но од страна на Пекинг и натаму се гледа како одметната провинција. Со изборот на Тсаи за претседател на Тајван годинава, тензиите дополнително се зголемија, поради тоа што таа е критички настроена кон Пекинг.
Трамп: популист, могул, претседател
Тој е градежен претприемач, бестселер-автор, ТВ-ѕвезда, а сега и 45-ти претседател на САД. Во Трамп многумина гледаа комична фигура, но тој сега се вселува во Белата куќа.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Семејството, империјата
Во кругот на најмилите: Доналд Трамп со сопругата Меланија, ќерките Иванка и Тифани, неговите синови Ерик и Доналд јуниор, како и внуците Кај и Доналд јуниор III. Трите деца работат како заменици во „Империјата Трамп“.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Неговиот татко: Фредерик јуниор
Почетниот капитал за своите бизниси Трамп го добил од својот татко Фредерик. Тој на почеток му подарил еден милион долари, а по смртта во 1999 на Доналд и неговите три останати деца им оставил во наследство имот од 400 милиони долари.
Фотографија: imago/ZUMA Press
Милијарди заработени со помош на марката Трамп
Трамп инвестира агресивно, постојано доживува неуспеси, но долгорочно има успешен биланс, на пример со Кулата Трамп во Њујорк. Својот имот Трамп денес го проценува на десет милијарди долари. Експертите сметаат дека пореална е третина од оваа сума.
Фотографија: Getty Images/D. Angerer
„Многу добар, многу паметен“
Тао го вели Трамп самиот за себе, додавајќи дека студирал на елитниот универзитет Вортон во Филаделфија, каде се стекнал со бечелор-диплома во 1968. година.
Претходно неговиот татко го испратил 13-годишниот Доналд во воен интернат во Корнвол за да учи диспциплина. На крајот на школувањето се стекнал дури и со офицерски чин.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/
Со коскен шилец избегнат ангажман во Виетнам
Трамп меѓутоа успеал да избегне учество во војната во Виетнам. Спортскиот млад човек бил прогласен за неспособен за војска поради коскен шилец во петицата.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo
Првата сопруга: Ивана
Во 1977 година Трамп се ожени со чешката манекенка Ивана Зелничкова. Три деца се родени во бракот кој постојано беше во сенка на гласините за различни афери.
Фотографија: Getty Images/AFP/Swerzey
Семејство број два
Во 1990 година Трамп се разведе од Ивана и се ожени со својата втора сопруга, 17 години помладата Марла. Заедничката ќерка се вика Тифани.
Трамп не се покажуваше радо во јавноста само со својата жена, туку милуваше да се фотографира опкружен со „мисици“ од различни избори на убавици. Од 1996 до 2015 година тој беше главниот спонзор на изборот за Мис универзум во САД.
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Lemm
Како се прават пари
Како брзо да се заработат милиони? Книгата на Трамп „Начинот на склучување зделки“ дава упатства, таа е делумно автобиографска, делумно советник за амбициозни бизнисмени. Ова дело на Трамп не само што стана бестселер, туку и го стави авторот во фокусот на вниманието на јавноста.
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Schwalm
Трамп во политиката
Трамп настапуваше во свое ТВ-шоу, се појавуваше пред камери, но со политика не се занимаваше. Но, на 16 јуни 2015 година најави учество во трката за избор на републикански претседателски кандидат. Неговиот слоган е „Да ја направиме Америка повторно голема“. Кампањата ја водеше со настапи со семејството и со навреди кон доселениците, муслиманите, жените и своите конкуренти.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Lane
Функција со достоинство
Дали популистот и шоумен сега ќе се претвори во предводник на слободниот свет?Многумина тоа не можат да си го замислат. Но, животниот пат на Доналд Трамп покажува: овој човек располага со преобразувачка способност на камелеон.