Кинескиот претседател му пружи рака на помирување на Тајван
9 октомври 2011На големиот собир во кинескиот парламент, пред околу две илјади највисоки кинески личности и пред големиот портрет на Сун Јатсен, инспираторот и водачот на Кинеската револуција во 1911 година, Ху Џинтао денеска (09.10) отфрли можност Кина да го признае Тајван:
„Во најголем и основен интерес на кинескиот народ, а и на нашите сонародници од Тајван, би било повторното обединување на мирен начин“, рече кинескиот претседател, додавајќи дека Кина „мора да го зајакне своето спротивставување на независноста на Тајван“, но и да „ја зајакне соработката и размената меѓу сонародниците на двете страни“. Според него, двете страни треба да ја зајакнат својата конкурентност, треба да работат на промоција на кинеската култура и да развијат заеднички национален идентитет.
Тајван де факто стекна независност по завршувањето на граѓанската војна во 1949 година, но Пекинг го смета за свој неотуѓив дел. По изборот на Ма Јинг Џеу за претседател на Тајван во 2008 година, кој се залага за јакнење на врските со Кина, односите на двете страни се подобри од кога и да е во последните 60 години. Кина е главен трговски партнер на Тајван и прва дестинација на тајванските инвеститори.
Автор: ЕМФ/СН/дапд/бета
Редактор: С. Недевски