По ублажувањето на рестриктивните мерки, тежиштето на борбата против Ковид-19 на македонските здравствени власти сега се префрла на вакцинацијата и на апелите за индивидуална одговорност.
Реклама
И покрај поместувањето на полицискиот час и фактот дека ублажувањето на ковид-рестрикциите вчера ги наполни летните тераси на угостителските објекти, македонскиот министер за здравство Венко Филипче не очекува зголемување на бројот на новозаболени од Ковид-19 и влошување на епидемиолошката ситуацијата.
Според него, не е проблем излегувањето на граѓаните надвор особено сега кога времето е веќе топло и тоа го дозволува, но мерките мора да се почитуваат.
„Граѓаните мора да знаат дека имаат индивидуална одговорност и дека мора да ги почитуваат мерките“, истакна министерот.
Освен на ваквите апели, фокусот на справувањето со епидемијата сега се префрла на имунизацијата. Филипче најави дека утре треба да пристигнат кинеските вакцини а секој понеделник во мај ќе пристигнуваат меѓу 5.000 и 7.000 вакцини на Бионтек/Фајзер, односно вкупно 26 илјади. Згора на тоа Србија и донирала дополнителни 13.000 вакцини Спутник V на Северна Македонија, со што досега вкупно се донирани 48 000 вакцини.
Како коронавирусот го промени животот
Пандемијата на коронавирусот го промени од корен начинот на живот на каков што луѓето беа навикнати.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Ставете маска
И покрај тоа што македонските здравствени власти постојано предупредуваат дека носењето маска е важно за превенција од пандемијата на коронавирус, дел од луѓето сѐ уште се противат на носење маски. За неносење маски казната за граѓаните е 20 евра, за правните лица – 2000 евра. Затоа влезовите на продавниците од почетокот на пандемијата се „украсени“ и со вакви предупредувања.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Рестрикции и на отворено
Во С. Македонија маски мора да се носат и на отворено, а забрането е и групирање на јавен простор на повеќе од 4 лица по 21 часот. Не се групирајте, е апел кој постојано се повторува од страна на надлежните. Резултатите се половични – покрај дисцплинираните, сѐ уште има луѓе кои се групираат и не преземаат превентивни мерки. Оваа празна клупа трпеливо чека на крај на пандемијата и рестрикциите.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Здравствена криза, економска криза
Угостителските објекти работат со ограничено работно време – само до 21 часот. Исклучок се оние со сервис за испорака. Празните ресторани и кафулиња ја отсликуваат новата реалност што ја создаде пандемијата на Ковид-19. Многу фирми, посебно малите, се плашат од пропаѓање. Ќе им бидат ли доволни средствата за помош од државата?
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Каде се другарите?
Околу 90% од учениците следат онлајн-настава, а без проблеми се одвива и наставата со физичко присуство, тврди министерката за образование Мила Царовска. Пандемијата ја забрза дигитализацијата на образованието. Но, привремено го запре нормалниот детски живот. Како актуелното намалување на социјалните контакти влијае врз детскиот развој ќе биде веројатно предмет на многу истражувања во иднина.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Помала осаменост со домашно милениче
Домашните миленици, во време на затворање дома, можат да бидат добар чувар од психолошкиот стрес што со себе го носи пандемијата. Според студија на универзитетите Јорк и Линколн, 90% од испитаниците сметаат дека домашното милениче им помогнало во емоционалното справување со „локдаунот“, а дури 96% се уверени дека со помош на домашното милениче останале во добра физичка кондиција.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Сѐ за здравје
Од почетокот на пандемијата на Ковид-19, во пораст е побарувачката по витамини и сѐ што може да придонесе за зајакнување на имунитетот. Конзумирањето суплементи стана секојдневна рутина на многумина. Притоа, голем дел од она што го препорачуваат лекарите, не го покрива Здравствениот фонд, туку е приватен трошок. Лекувањето чини пари, превенцијата исто така. Но, сѐ за здравје!
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
6 фотографии1 | 6
Што се однесува до претстојните празници, Велигден и Бајрам, кога полицискиот час нема да важи, министерот Филипче соопшто дека верските лидери преземале обврска да обезбедат редарска служба за спроведување на протоколите и секој настан да го организираат надвор, пред црквите и џамиите.
Инаку во земјата паѓаат бројките на новодијагностицирани, а според министерот, тоа се чувствува и во болниците каде притисокот се намалува и нема многу приеми и префрлања од една во друга здравствена институција како што беше случај во почетокот на април.