Кипар контрира - „не“ за приватизацијата
28 февруари 2014Кипарскиот Парламент синоќа не го прифати спорниот закон за приватизација на државни претпријатија, што може да ја доведе во прашање исплатата на новата транша од меѓународниот кредит во износ од 10 милијарди евра.
Дваесет и пет пратеници гласаа „за“ прифаќање на предлог-законот, исто толку се изјаснија „против“, а петмина беа „воздржани“. За усвојување на текстот беше потребно просто мнозинство или во случајов 28 гласа.
Во текот на вчерашниот ден неколку стотици демонстранти се собраа под зајакнато полициско присуство пред зградата на Парламентот во Никозија.
Предлог-законот, кој имаше за цел да обезбеди 1,4 милијарди евра од приватизацијата на државните фирми, ги предизвика првите посериозни конфронтации откако островот беше спасен од банкрот пред една година. Планот предвидуваше да бидат приватизирани кипарските пристаништа, телекомот и електростопанството.
По неусвојувањето на законот за приватизација, државната телевизија извести дека постојат две опции: или гласањето во следните денови ќе се повтори или претседателот Никос Анастасијадес мора наново да направи договор за приватизација со Европската комисија, Европската централна банка и ММФ. Аналитичарите сметаат дека претседателот на Парламентот ќе му достави на гласање малку променета форма на законот за приватизација.