1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кисела Вода ја „откачи“ Северна Македонија

29 март 2019

Извојувавме мала победа, но голем чекор за падот на оваа власт, соопштија советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои ја симнале од дневен ред точката со која Северна Македонија треба да се најде во општинскиот статут и печат.

Neue Schilder an Grenze zwischen Mazedonien und Griechenland
Фотографија: Government Republic of North Macedonia

„Благодарение на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, во Општина Кисела Вода и понатаму останува името Република Македонија“. Под овој наслов опозициската ВМРО-ДПМНЕ објави партиско соопштение, во кое со текст и видео е објавена изјавата на Весна Бошковска, советник од ВМРО-ДПМНЕ. 
„Градоначалникот на Општина Кисела Вода повикувајќи се на одлуките на Владата на Република Македонија, предложи да се промени статутот на општината така да, прво печатот на општината наместо досегашниот назив Република Македонија да го носи називот Република Северна Македонија. Второ предлага секаде каде што се споменува зборот Република Македонија да се замени со зборот Република Северна Македонија. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија, предложи оваа точка да се симне од дневниот ред на седницата при што предлогот беше едногласно усвоен од Советот на Општина Кисела Вода. Денес победи Република Македонија. Во Општина Кисела Вода и понатаму останува името Република Македонија. Како советничка група, сакам да изразам големо задоволство дека денес извојувавме мала победа, но голем чекор и најава за падот на оваа власт“, изјави Бошковска.

Законот не е предмет на слободно толкување

Откако на 12-ти февруари стапи во сила Конечната спогодба со Грција, беше формирана владина Меѓуресорска работна група задолжена за координирање и извршување на обврските што произлегуваат од таа Спогодба. Таа група ја објави динамиката и роковите во кои сите институции треба да ги спроведат промените во дигиталните записи - логоа, меморандуми, електронски комуникации, веб-страници, печатени материјали, папки, индикатори, печати, табли на централно и локално ниво... Роковите за дел од тие обврски истекоа и веќе се реализирани, а за поголемиот дел се уште течат. 
Може ли на ваков начин да се опструира спроведување на законските обврски - го прашаваме Драги Рашковски, Генерален секретар на Владата, кој ја води и Меѓуресорската група.
„Не може. Промената на името е факт. Промената на Уставот е факт. Законската обврска сите да го применуваат новото име - е факт. Тоа не е работа на нечие слободно толкување, на индивидуална желба или на 'мала победа'. Тоа е законска обврска која по автоматизам се спроведува, без оглед на опструкците што некој сака да ги направи. Ако секој индивидуално ги толкува законите и се бори против нешто што смета дека не му е прифатливо, на пример, за данок или за санкционирање кривични дела, ќе дојдеме до степен на анархија и правната држава ќе ја ја изгуби својата функција“, вели Рашковски.
Тој потврдува дека обврските што произлегуваат од Конечната спогодба со Грција се извршуваат на сите нивоа, според предвидената динамика и без никакви опструкции.

Иванов се уште е „претседател“ на Република МакедонијаФотографија: Investigative Reporting Lab Macedonia

Иванов со старата практика

Исклучок од ова, покрај вчерашната постапка на советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Кисела Вода, е и шефот на државата, Ѓорге Иванов. Откако во сила влезе употребата на новото уставно име на државата - Република Северна Македонија, единствено веб-страницата на институцијата претседател нема никакви измени: Иванов и натаму е „претседател на Република Македонија“. Со истиот потпис „претседател на Република Македонија“ тој во февруари продолжи да доставува укази и одлуки за објавување во „Службен весник“. Ваквата практика „Службен весник“ ја прекина во почеток на март, соопштувајќи дека повеќе нема да ги објавува указите и решенијата на претседателот, бидејќи го нема сменето називот во претседател на Република Северна Македонија.
Но, истата практика Иванов продолжи да ја спроведува во сегментите каде таа не зависи од други институции - во одликувањата што тој ги доделува. Пред истекот на неговиот мандат, веб-страница на претседателот е преполна со соопштенија за голем број признанија што тој ги доделува, а во кое е заобиколено новото име на државата. Така, на 27-ми март го доделил признанието „Повелба на Република Македонија“ на Турската агенција за соработка и координација - ТИКА. На 20-ти март со „Медал за заслуги за Македонија“ ги одликувал професорите Акан Сувер и Исмаил Серагелдин, а признанието „Повелба на Република Македонија“ и го доделил на Организацијата „Македонија 2025“. На 19-ти март ги одликувал со „Медал за заслуги за Македонија“ лингвистите Волф Ошлис, Виктор Фридман и Кристина Крамер, а истото признание една недела претходно им го доделил и на лингвистите Коста Пеев, Стојан Лекоски и Олга Панкина.
Како што дознава ДВ, веб-страницата на Иванов до крајот на неговиот мандат нема да претрпи никакви измени, ниту ќе се бара да биде ставена надвор од употреба поради непочитување на законските обврски. До крајот на мандатот тој ќе може непречено да „го брани“ името.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми