1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клаус Кинкел - самокритичен либерал

5 март 2019

Клаус Кинкел, кој почина на 82-годишна возраст, ја водеше германската надворешна политика во времето по поделбата на Европа и Студената војна.

Klaus Kinkel Politiker
Фотографија: Getty Images/A. Rentz

Клаус Кинкел, член на Либералната партија на Германија, кој почина на возраст од 82 години, на функцијата министер за надворешни работи во 1992. година го наследи Ханс-Дитрих Геншер, кој 18 години ја водеше германската дипломатија. Кинкел, роден на 17. декември во Мецинген, јужно од Штутгарт, со децении му помагаше на Геншер, од политички службеник стана врвен политичар.

Првиот цивил на чело на БНД

Претходно, меѓу другото, четири години, почнувајќи од 1979. година, во одмерен и решителен стил ја водеше БНД, германската тајна служба: тој беше првиот цивил на нејзино чело и ги зацврсти нејзините можности. 

По сојузните парламентарни избори во декември 1990, дипломираниот правник го презеде раководењето со Министерството за правда, во кое претходно неколку години работеше во функција на непартиски државен секретар. На средината на своите 50-ти години тој стана топ-политичар: министер за надворешни работи, наскоро и вицеканцелар, а од 1993 до 1995 и претседател на Партијата на слободните демократи. Во меѓувреме, и сојузен пратеник во Бундестагот.

Претходно, меѓу другото, четири години, почнувајќи од 1979. година, во одмерен и решителен стил ја водеше БНД, германската тајна служба: тој беше првиот цивил на нејзино чело и ги зацврсти нејзините можности. 

По сојузните парламентарни избори во декември 1990, дипломираниот правник го презеде раководењето со Министерството за правда, во кое претходно неколку години работеше во функција на нетпартиски државен секретар. На средината на своите 50-ти години тој стана топ-политичар: министер за надворешни работи, наскоро и вицеканцелар, а од 1993 до 1995 и претседател на Партијата на слободните демократи. Во меѓувреме, и сојузен пратеник во Бундестагот.

Клаус Кинкел беше министер во владата на канцеларот Хелмут КолФотографија: picture-alliance/dpa/T. Brakemeier

Неговите две години како лидер на ФДП останаа само епизода, тој беше принуден да стапи на функцијата за да спречи на неа да стигне една противкандидатка. „Морав да ја заземам позицијата, иако воопшто не ми беше до неа“, изјави подоцна во едно интервју. Крајно, Кинкел беше принуден да го напушти кормилото на Либералите под притисок на фактичките партиски политичари, поради скудните изборни резултати. Самиот тој се опишуваше себеси како секогаш солиден и човек од доверба.

Германија и Советот за безбедност

Кинкел ја имаше палката во германската надворешна политика во времето по поделбата на Европа, по Студената војна. Тој беше прв кој офанзивно и континуирано го формулираше барањето за постојано седиште на Германија во Советот за безбедност на ОН. Од негово гледиште, ова светско тело сѐ уште го отсликуваше светот од крајот на Втората светска војна, „но не и нараснатото значење на Јапонија и на обединета Германија“, како што предупреди.

Неговото пледоаје наиде на блокада кај етаблираните сили, вклучувајќи ги и западните сојузници, и остана безуспешно. Но, политички, тоа е актуелно до денешен ден. Начинот на кој Кинкел ја отвори дебатата, беше типичен за него. Тој водеше помалку сметка за етаблираните политички конвенции, а повеќе за крупните потези, иницирајќи дебата која ја сметаше за нужна, настрана од политичката принуда.

Минатата пролет, во неговото веројатно последно големо политичко интервју во весникот „Аугсбургер алгемајне“, Кинкел се изјасни околу растечката одговорност на Германија во светот. „Ние пречесто стоиме настрана, посматраме, критикуваме, даваме пари“, изјави тој. „Во повоениот период, воздржаноста беше вистински потребна. Но, тоа време помина. Последен пример беше интервенцијата во Сирија, предводена од САД. Тој не беше сосема без шоу-ефекти, но Германија, како најголема економска сила во Европа и регионална сила, сепак не може да заземе став во стилот: интервенцијата ја сметаме за правилна, но не учествуваме.“ Тоа спаѓа во рамките на дебатите за германската улога во светот, во која германската политика моментно тешко се снаоѓа, критикуваше Кинкел. 

Клаус Кинкел во интервју за Дојче велеФотографија: DW/M. Martinovic

Сребреница... „тука и јас потфрлив“

Во ретроспектива, тој беше самокритичен, истакна дека како „министер за надворешни работи на една голема и богата земја... премалку можел да постигне“. Тоа првенствено се однесува на најгорчливите часови во неговата кариера како шеф на дипломатијата, масакрот врз околу 8.000 босански муслимани во Сребреница во босанската војна во 1995 година, најтешкото воено злосторство во Европа по крајот на Втората светска војна. Во 2015 година за босанската програма на Дојче веле во овој контекст тој изјави: „Во моите очи, потфрлија ОН, потфрли НАТО, потфрлија Европејците, па и јас...Гледано отпосле, морам така да кажам, неразбирливо е како меѓународната заедница не беше во состојба да го спречи ова страшно крвопролевање.“

Масакрот во Сребреница, еден и од личните порази на КинкелФотографија: AP

Во овој контекст, на Кинкел, самиот католик, во последните години од животот вистински му се допаѓаше јасниот стил на папата Франциско - со кого се родени на ист ден, 17. декември - неговите пораки „без влакна на јазикот“ во поглед на клучните прашања во политиката. 

„Нѐ напушти германски патриот и голем Европеец“, изјави претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, по смртта на Кинкел. Како германски министер за надворешни работи, тој „постави патокази и темели за повторно вкотвување на обединета Германија во срцето на обединета Европа.“

„Сакав самиот да го одлучам моментот на моето заминување, мислам дека сега е вистинско време“, изјави Кинкел пред неговото доброволно повлекување од Бундестагот со изборите во 2002. Оттогаш, тој остана мирен политички набљудувач. Но, на свој начин, остана и дел од Бонската Република. Никакви биографии, никакви дневно-политички предлози, никакво твитање. Со дом пред портите на поранешната германска престолнина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми