1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клима: Светот соочен со двојно повеќе кататсрофи

Жанет Цвјенк
27 октомври 2021

Актуелниот извештај на ОН за емисиите на штетни гасови покажува: светот и натаму оди кон зголемување на температурата од 2,7 степени Целзиусови во овој век. Потребни се итни мерки.

USA | Waldbrände im Sequoia National Forest
Фотографија: Noah Berger/AP Photo/picture alliance

„Ќе биде жешко“ - ова е насловот на новиот извештај за емисиите на штетни гасови кој го објави Програмата на ОН за заштита на животната средина, УНЕП. Во него се анализираат актуелизираните цели за заштита на климата, или на англиски nationally determined contributions" (NDCs), на 120 држави во светот.

NDCs се дел од Парискиот договор за заштита на климата. Со него сите држави кои се дел од договорот се обврзани да постават национални климатски цели и редовно да известуваат за нивното спроведување, како и за новопоставени цели.

Во извештајот на УНЕП се вели дека актуелизираните цели би ја намалиле емисијата на штетни гасови за само 7,5% до 2030 година, а за да се постигне целта на Парискиот договор и затоплувањето на Земјата да се ограничи на 1,5 степени Целзиусови (во однос на 1900 година), издувните гасови би морало да се намалат за добри 55%.

„Часовникот отчукува гласно“

Тоа значи дека до 2030 година светот мора да „заштеди“ емисии на 28 гигатони ЦО2-еквивалент (GtCO2e) годишно. За затоплувањето да се ограничи на два степена, државите ќе мора да ги намалат емисиите кои се штетни за климата за уште 30%, односно 13 GtCO2.

„Кажано јасно - имаме време од осум години да правиме планови, да спроведеме мерки, да ги имплементираме и да постигнеме редукција. Часовникот отчукува гласно“, вели Ингер Андерсен, извршна директорка на УНЕП.

Повеќе: 

САД: Сметката за екстремните временски неприлики сѐ повисока

Најтопло лето во Европа во историјата

Глобалното загревање - катастрофално за Средоземјето

Доколку земјите се држат само до своите национални цели, на чие дефинирање според Парискиот договор имаат право, тогаш светот се движи кон затоплување од 2,7 степени. „Тоа за последица би имало катастрофални промени на климата со кои воопшто нема да можеме да се справуваме и тоа мора по секоја цена да се избегне“, предупредува Никлас Хене, раководител на истражувачкиот институт New Climate во Келн и професор за заштита на климата на холандскиот универзитет Вагенинген.

Концентрацијата на ЦО2 во атмосферата е поголема од кога било претходно во последните два милиони годиниФотографија: picture-alliance/K. Niehus

Пропуштена „Ковид-19 шанса“

Според УНЕП, разочарувачки е што поттикот на економијата во рамки на корона-пандемијата одвај да ја зема предвид заштитата на климата. Помалку од една петтина од инвестициите придонесуваат за намалување на емисијата на штетни гасови.

Пандемијата на коронавирус во 2020 година придонесе за намалување на новите емисии во светот за 5,4%, но истовремено концентрацијата на издувни гасови во атмосферата достигна нова највисока вредност, покажува последниот извештај на Светската организација за метеорологија.

Порастот во споредба со годината пред тоа е поголем од просечното зголемување во изминатите 10 години. И, „концентрацијата на ЦО2 во атмосферата е поголема од кога било претходно во последните два милиони години“, оценуваат авторите од УНЕП.

Климатски промени – Земјата забрзано губи билиони тони мраз

01:29

This browser does not support the video element.

Надеж носат нулта нето целите?

Според УНЕП, шанса за просечната температура да се зголемува за не повеќе од нешто над два степена, даваат т.н. нулта нето цели. Ваквите цели се содржани во рамки на Парискиот договор.

Нулта нето значи дека сите емисии предизвикани од издувните гасови во атмосферата треба да се одземат на друго место. „Доколку се спроведат целосно, нулта нето целите би можеле да го намалат затолувањето за уште 0,5 степени и со тоа да го намалат прогнозираното зголемување на температурата на 2,2 степени Целзиусови“, се вели во извештајот на УНЕП. Во него, меѓутоа, критички се гледа на тоа дека многу држави сакаат да дојдат на нулта нето дури по 2030 година.

Мочуришните предели апсорбираат екстремно многу издувни гасови, но во светот одвај да има сѐ уште нечепнати мочуриштаФотографија: Jochen Tack/picture alliance

Екстремен свет дури и со затоплување од „само“ два степена

Државите би морале своите долгорочни нулта нето цели да ги поврзат со тековните национални цели за заштита на климата и во тој дел брзо да напредуваат, бара извршната директорка на УНЕП, Андерсен.

Зашто, и при затоплување од два степена светот нема да биде удобно место за живеење, додава Никлас Хене. „Во моментов имаме зголемување на температурата од еден степен и сведоци сме на суши, изумирање на шумите, поплави како во Артал, како и пожари ширум светот. Затоплување од два степена значи двојно повеќе поплави, двојно повеќе катастрофи предизвикани од екстремни временски услови.“

Во катастрофалните поплави во Германија летово загинаа најмалку 180 луѓеФотографија: Sabine Kinkartz/DW

Метан и ЦО2-трговија

Друга шанса за намалување на јазот помеѓу целите и фактичката состојба по прашањето на намалување на емисиите на гасови лежи кај метанот, се вели во извештајот на УНЕП. Метанот е гас кој настанува при користење фосилни горива, при гниење на органски отпад, или во земјоделството, пред сѐ во сточарството или одгледувањето ориз.

Гасот метан се разградува во атмосферата по 12 години, но во својот релативно краток животен век е многукратно поштетен од јаглерод диоксидот. Оттука, брзо намалување на емисиите на метан би можело краткорочно побрзо да го ограничи зголемувањето на температурата отколку намалувањето на ЦО2, се вели во извештајот.

Господин Грацел се обидува да стане климатски неутрален

02:38

This browser does not support the video element.

И механизми како трговијата со ЦО2-сертификати би можеле да доведат до ситуација државите да посегнуваат по поамбициозни цели за заштита на климата, пишуваат авторите на УНЕП.

Извршната директорка на УНЕП, Ингер Андерсен, нагласува дека новиот извештај за емисиите на штетни гасови не покажува само на пропустите и проблемите, туку укажува и на огромниот потенцијал за поголема заштита на климата. На пример, преку мерките за заштита на климата кои се преземени од 2010 до 2021 година би можеле да се заштедат 11 гигатони емисии на ЦО2 до 2030 година.

„Не треба да очајуваме, но светот мора да се разбуди и да стане свесен за опасноста на која сме изложени како суштества. Мора да делуваме решително. Мора да делуваме брзо. И, тоа мора да го сториме сега.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми