1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проблеми со климата: Најлошото допрва доаѓа

ЕМФ | АРД
23 јуни 2021

Повеќе топлотни бранови, глад, поплави, изумирање на видови - Светскиот совет за климата исцртува мрачна слика во случај да не успее спречувањето на загревањето на Земјата. Луѓето се во опасност, оценуваат експертите.

Symbolbild Globus Erde Sand Wüste
Фотографија: picture-alliance/beyond/Tips RF

Ако загревањето на планетата не се ограничи на 1,5 степени Целзиусови, како што е предвидено со Парискиот климатски договор, последиците ќе бидат катастрофални, проценува Светскиот совет за климата (ИПЦЦ). Во предлог извештајот на ИПЦЦ, до кој дојде агенцијата АФП, се зборува на „непоправливи последици за луѓето и еколошките системи“. Експертите сметаат дека загревањето од 2 степена ќе изложи на дополнителен ризик од топлотни бранови уште 420 милиони луѓе. Освен тоа, до 2050 година се очекува од глад да бидат загрозени и дополнителни осум до 80 милиони луѓе ширум светот. Колкав ќе биде ризикот зависи од развојот на состојбата со издувните гасови, се вели во предлог извештајот.

Уништување на цели екосистеми, недостиг на вода и храна и болести како последица од загревањето на Земјата ќе стануваат сѐ почести во наредните децении, дури и ако на луѓето им успеее да ги намалат издувните гасови. Притоа, човекот е тој којшто ќе страда најмногу од кризата која ја предизвикува самиот.

Веќе сега - загревање од 1,1, степен

„Животот на Земјата може да се опорави од драстична промена на климата со тоа што ќе создаде нови видови и нови екосистеми. Луѓето тоа не можат да го направат.“, стои во техничкото сиже од предлог извештајот.

Земјата е веќе потопла за 1,1 степен во споредба со прединдустриската ера. Парискиот договор предвидува органичување на затоплувањето значително под два степена, најдобро на 1,5 степени.

Колкав ќе биде ризикот за луѓето зависи од развојот на состојбата со издувните гасови, се вели во предлог извештајот на ИПЦЦФотографија: Imago-Images/Action Pictures/P. Schatz

Дури и кога загревањето би изнесувало два степена, последиците за луѓето и природата би биле тешки, констатира ИПЦЦ. Во моментов, меѓутоа, затоплувањето се одвива со темпо кое води до три степени. 

Промената на климата во изминатите 30 години веќе придонесе за намалување на жетвата за 4 до 10 проценти, во Африка и Јужна Америка уште повеќе.

Крајбрежните градови на „линија на фронтот“

За натамошни промени светот е лошо подготвен, оценува ИПЦЦ. „Најлошото допрва доаѓа и ќе го погоди животот на нашите деца и внуци многу повеќе отколку нашиот“, проценуваат експертите.

Морето им се заканува на британски градови

01:42

This browser does not support the video element.

До 2050 година, при затоплување од 1,5 степени, околу 350 милиони луѓе во густо населените региони ќе страдаат поради тешки суши и недостиг на вода. При загревање до 2 степена погодени би биле 420 милиони луѓе.

Крајбрежните градови се најдоа на „првата линија на фронтот“ затоа што сѐ почесто се погодени од бури, кои стануваат сѐ поопасни поради зголеменото ниво на морињата. „Актуелната состојба на прилагодување ќе биде недоволна за соочување со климатските ризици во иднина“, стои во предлог извештајот.

Особено тешко погодени од последиците од промените на климата се сиромашните земји. Но и Европа ќе го почувствува тоа - штетите од поплави до крајот на овој век ќе бидат многу поголеми, прогнозираат експертите врз основа не меѓународни истражувања.

Климатска катастрофа во сиромашните земји

01:41

This browser does not support the video element.

Повисок ризик од смрт поради промените на климата

Доколку Земјата се загрее за три степени, бројот на луѓето во Европа кои се загрозени од смрт поради климатските промени би бил трипати повисок отколку во случај загревањето да изнесува 1,5 степени. Тоа особено важи за централна и источна Европа.

Освен тоа, Европа, според ИПЦЦ, би била соочена со повеќе баратели на помош од Африка и болести кои се пренесуваат со комарци, како маларија, денга или зика треска.

Освен тоа, во предлог извештајот се укажува и на опасноста да бидат достигнати т.н. гранични вредности, од каде огромното забрзување на промените на климата веќе нема да може да се запре, како преку топење на ледениот штит во Гренланд и западниот Антарктик.

Авторите на извештајот предупредуваат дека е важен секој „најмал дел од еден степен на загревање на Земјата“. Според нив, неопходно е граѓаните, општините, компаниите и владите да следат нов концепт на „климатска праведност“. „Мора наново да го дефинираме начинот на којшто живееме и нашата потрошувачка“, велат тие.

Предлог извештајот на ИПЦЦ е резултат на работата на работна група на ИПЦЦ која се занимава со загревањето на Земјата. Конечната верзија на извештајот, на којшто работат над 700 експерти, не би требало да биде објавена пред февруари. Претходно, во октомври, ќе се одржи Самитот за биодиверзитет на ОН, а во ноември следува Климатската конференција на ОН.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми