Хилари Клинтон за првпат јавно проговори за исходот од претседателските избори во САД, признавајќи колку тешко и паднал поразот. Таа ги повика своите симпатизери да бидат силни во ерата на Трамп
Реклама
Во првиот јавен настап по изборите Клинтон им порача на своите симлатизери „никогаш да не се предаваат“.
„Знам дека ова не е лесно. Знам дека во изминатата недела многумина се прашуваа дали Америка е земјата која мислевме дека е“, рече Клинтон на настанот организиран од Детскиот одбранбен фонд, каде што ја започна својата кариера. „Но ве молам слушнете ме кога велам: Америка е вредна за тоа“.
„Зависи од секој од вас поединечно да продолжите да работите за да ја направите Америка подобра, посилна и пофер“.
Повеќе се фокусираше на иднината барајќи од своите приврзеници да „останат ангажирани на сите нивоа“.
„Потребни сте ни. На Америка и е потребна вашата енергија“, рече таа.
Изненадувачкиот пораз ја фрли во криза нејзината партија, а либералното крило ја обвинува кампањата на Клинтон дека не успеала да испрати повеќе популистички економски пораки. Во приватни разговори со донаторите и со функционери на Демократската партија, Клинтон ја префрли вината за поразот врз одлуката на ФБИ повторно да го отвори случајот со користењето на нејзината службена електронска пошта.
Во говорот, Клинтон не презема одговорност за евентуални пропусти кои можеби ги сторила за време на изборната кампања, иако призна дека изминатата недела не била лесна.
„Неколку пати изминатава недела единствено што сакав да направам е да се свијам со добра книга или со нашите кучиња и никогаш повеќе да не ја напуштам куќата“, призна таа.
На претседателските избори во САД, Клинтон доби речиси еден милион гласови повеќе од републиканскиот ривал Доналд Трамп, но убедливо загуби во трката за делегатски гласови.
Победата на Трамп предизвика серија протести во повеќе градови во САД и загриженост ширум светот.
Жената која не потклекнува: Хилари Родам Клинтон
Падни, стани, направи го следниот чекор, продолжи понатаму. Овој опис одлично одговара за Хилари Клинтон, која се надева дека ќе биде следниот американски претседател. Само уште да го нема Доналд Трамп
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Harnik
Политика, психологија, право
Хилари Родам во 1965 година. Во колеџот најпрво студирала политика и психологија, па се префрла на Универзитетот Јејл на правни студии. Може ли еден човек „да има конзервативни сфаќања, но во срцето да биде левичарски либерал“, го прашала таа својот професор-ментор. Тоа важи и денес, вели нејзиниот биограф Карл Бернштајн.
Фотографија: Getty Images/T. Boyle
Ние сме семејство
Иако тука можеби не изгледа така, ова беа веројатно најубавите времиња во животот на Хилари Родам Клинтон: на 27 февруари 1980 се роди ќерката Челси, која можеби и самата во иднина ќе се ангажира политички. Од ерата на Кенедиеви, политичките династии им се слаба точка на Американците.
Фотографија: imago/ZUMA Press
Третиот најмлад- и неговата Прва дама
Кога Вилијам Џеферсон Клинтон го одржа инаугуративниот говор на 20 јануари 1993 година, со 46 години стана третиот најмлад претседател во историјата на САД. Првата дама Хилари уште тогаш им стана сомнителна на политичките противници. Таа не се задоволи со одржување на градината во Белата куќа.
Фотографија: imago/ZUMA Press
„Скандалот Левински“
Само доколку успешее да се држи подалеку од младите жени... Но моќта ве прави секси, велат некои. Она што следеше беше скандалот околу Аферата Моника Левински. Длабоко неполитичка, но доволно силна за да ја потресе Белата куќа. Во едно подоцнежно интервју, Хилари рече дека никогаш не се посомневала во љубовта на Бил кон неа.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/APTV
Солидарност со сопругот
Веројатно најгорчливиот момент во животот на Хилари Клинтон: 26 јануари 1998, Претседателот на САД на прес-конференција мора да одговара на прашања за неговиот однос со практикантката Моника Левински: „Немав сексуални односи со таа жена, Левински“. Хилари Клинтон застана лојално до него. Не само тој ден.
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Naltchayan
Нов почеток
Девет години откако ја напушти Белата куќа, во јануари 2007, сенаторката Хилари Клинтон влезе во трка со Барак Обама за претседателската номинација на Демократите. Клинтон важеше за голем фаворит и уживаше поголема популарност. Но, потоа младиот Обама се огласи со слоганот „Промени“ и го смени текот на настаните.
Фотографија: Reuters/Larry Downing
Дуелот
Тој е млад и паметен- а таа одеднаш се најде на губитничката страна: Хилари Клинтон и Барак Обама на дебата во 2007. Откако увиде дека ривалот е во голема предност, таа му ја даде поддршката. Обама подоцна се реваншираше именувајќи ја Хилари за државен секретар.
Фотографија: Getty Images/AFP/C. J. Gunther
Во собата за кризни ситуации: Товарот на одговорноста
Во оваа историска фотографија снимена на 1 мај 2011 во Белата куќа: претседателот и неговите најважни соработници ја следат егзекуцијата на Осама Бин Ладен. Една од двете жени на сликата е Хилари Клинтон. Нејзиниот став кажува сѐ.
Фотографија: The White House/Pete Souza/Getty Images
Хилари под притисок
Како државен секретар Хилари Клинтон си изгради добра репутација ширум светот и излезе од сенката на Бил. Но, по убиството на амбасадорот на САД, Кристофер Стивенс во Бенгази, се постави прашањето и за нејзината одговорност. Претседателот и даде поддршка во тие моменти.
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Watson
Таа продолжува
Есента 2014 ја издаде книгата „Тешки одлуки“, а на набљудувачите полека им стануваше јасно дека и покрај повлекувањето од Стејт департментот, таа нема да се пензионира. Потоа следуваше и големата одлука.
Фотографија: Getty Images/AFP/N. Kamm
„Ќе се кандидирам за претседател“
На 12 април 2015, тимот на Хилари Клинтон објави видео порака во која таа го потврди она што многумина одамна го знаеја. Хилари повторно ќе се кандидира. Таа тогаш има 67 години и ветува дека повторно ќе им даде надеж на Американците. Во една политички поделена земја, која Обама сепак не успеа да ја обедини.
Фотографија: picture-alliances/Hillary For America via AP
Другиот
Ќе се повтори ли историјата? Дали плановите на Клинтонови уште еднаш ќе доживеат неуспех пред самата цел? Републиканскиот кандидат Доналд Трамп е последната пречка на патот на Хилари кон Белата куќа. Таа е на пат да стане првата жена претседател на САД.