1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клучен е тонот на Самарас

Костадин Делимитов18 јули 2013

Одговорот на Самарас, во кој тој ја одбива понудата за директни средби на највисоко ниво, е можна точка на пресврт во спорот за името. Аналитичарите што ги консултираше ДВ не се многу изненадени од потегот на Самарас.

Фотографија: AP

Клучен е тонот во писмото на Самарас до македонскиот премиер Груевски, односно образложението на грчкиот премиер, кој посочува кон Брисел како главен кочничар во евроинтеграцискиот процес, оценуваат аналитичарите. Ваквиот негов став, според поранешниот амбасадор Ристо Никовски, е „одличен потег во полза на Македонија“:

„Одговорот на Самарас е одличен потег и претставува мал престврт во името во корист на Македонија. Како прво тој ни ги отвора очите и ни кажува не губете време со Атина, проблемот е во ЕУ, односно во Вашингтон. Неспорен факт е дека од 2008 година во Букурешт Македонија е блокирана и силувана со уцени од типот - прво името па членство, што доаѓа од Брисел, а во режија на Вашингтон. Не дека Грција нема улога во тоа бидејќи Унијата работи со консензус и без грчка согласност таквата политика не е можна. Но таквата политика не е носечка. И второ и поважно, со писмото Самарас ја фрли во вода американската политика која упорно ја следат НАТО и ЕУ, а тоа е - договорете се со Грција и проблемот е решен. Самарас најдиректно им порача на сите дека клучот е во Вашингтон, со асистенција на Брисел“, коментира Никовски за Дојче веле.

Негативниот одговор од Самарас, според универзитетскиот професор Денко Малески, ја става Македонија во незавидна позиција. Клучно во моментов, според него, е да се остане активен, на меѓународен и на домашен план, но и да се изгради консензус околу компромис:

„Интересно е што Самарас тврди дека проблемите се со Брисел, а не со Атина. Тука треба да ставиме прст на чело и да размислиме што му дава таква сигурност да тврди дека ние немаме поддршка во Брисел. Тоа е сериозна работа. Мислам дека нашата позиција со ова е сега влошена. Ќе треба да се вложат двојни напори од наша страна кон Брисел и кон Вашингтон, но исто така и на ниво на постоечката комуникација преку посредникот Метју Нимиц. Во моментов очигледно е дека директната комуникација на високо ниво е невозможна, што уште на старт кажав дека е наивно да се очекува такво нешто, иако сите тоа посакувавме да се случи. Како прво треба дома да изградиме консензус околу комппромис, ако политиката е дека тој е неизбежен. Тука е почетокот и оттука треба да видиме која е нашата иницијатива. Имаме ли внатре позиција?! Се надевам дека нема да се бега во избори, зашто тоа нема да го реши проблемот, туку ќе го усложни.“

Груевски пред неполн месец му го испрати писмото на Самарас со цел да се забрза процесот на македонските евроинтеграции. Груевски тогаш напиша дека спорот за името е пречка за влез на земјата во ЕУ, каде што Грција ја има силата на земја членка, а Македонија на меѓународното право. Груевски предложи директни контакти на највисоко ниво во насока на изнаоѓање решение од што корист би имале и двете држави. Потегот на Груевски кој досега е и најконкретна понуда од македонска страна беше поздравен од домашната политичка и експертска јавност.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми