1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Техника

Клуч за Google+

ЕМФ / дв
9 октомври 2018

Социјалната мрежа Google+ за приватни лица ќе биде затворена поради софтверска грешка, одлучи концернот мајка Алфабет. Безбедносната дупка постоела сѐ до март 2018-та.

Symbolbild Google+
Фотографија: Getty Images/S. Gallup

Концернот Алфабет ја затвора социјалната мрежа Гугл+ (Google+) за приватни корисници поради сотфверска грешка која постоела три години. Погодени биле околу 500.000 кориснички профили, соопшти концернот. Екстерни развивачи можеле да стигнат до податоци од профилите, но нема знаци дека тие и биле свесни за постоењето на грешката. Исто така, како што се тврди, нема докази „за злоупотреба на податоци“. Според она што го соопшти Алфабет, поради безбедносната дупка постоела можност да се стигне до податоци како името, имејл адресата, полот или возраста на корисниците.

Весникот „Волстрит журнал“ информираше дека надворешни развивачи на софтвер можеле да стигнат до податоците од Гугл+ во периодот од 2015 до 2018 година. Во март годинава грешката е отстранета. Весникот тврди дека Гугл поради загриженост од евентуална интензивна истрага од страна на регулаторните власти се одлучил да не го објави постоењето на грешката. За таа одлука бил информиран и шефот на Гугл, Сундар Пичаи. Во интернет документ се укажува на случајот со Кембриџ Аналитика, која злоупотребила податоци на 87 милиони корисници на Фејсбук. Веста за злоупотребата предизвика пад на вредноста на акциите на Фејсбук и интензивна истрага во САД и Европа.

Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/A. Pohl

Гугл+ би требало дефинитивно да биде затворен на крајот на август наредната година. Десетте месеци дотогаш се сметаат за преоден период. Со тоа Гугл и официјално признава пораз во конкурентската трка со Фејсбук. Гугл+ беше отворен во 2011 година, како реакција на Фејсбук. Според соопштенијата за печат, варијантата на Гугл+ за фирми останува и натаму, меѓу другото и затоа што Гугл и самиот работи со нејзе.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми