1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија повеќе не е мотор на европските интеграции

Среќко Матиќ
23 јуни 2022

Гералд Кнаус поранешен советник на Ангела Меркел во интервју за ДВ ја критикува политиката на ЕУ кон Западен Балкан. За актуелната германска влада вели дека е премногу пасивна за евроинтеграцијата на земјите од регионот.

Германскиот експер за ЕУ, Гералд Кнаус
Германскиот експер за ЕУ, Гералд КнаусФотографија: Francesco Scarpa

ДВ: Господине Кнаус, ако треба со еден збор да ја опишеме актуелната политика на Европската Унија кон Западен Балкан и начинот на кој делува ЕУ, кој збор би го избрале?

Герал Кнаус: Месечари!

Како би гласела поопширната дијагноза?

Од една страна има одредена реторика, а од друга реални, конкретни потези. И постои длабок јаз на кредибилитет помеѓу овие две крајности. Што се однесува до реториката од страна на институциите на ЕУ, но и од германската страна последниве месеци, се вели дека Западен Балкан има ЕУ перспектива, се вели дека е важно да се забрза процесот на пристапување кон Унијата, дека мора да се исполнат дадените ветувања, и се зборува за предусловите кои мора да бидат исполнети. И кога ќе се исполнат овие критериуми тогаш земјите од регионот може да станат дел од ЕУ. Тоа е реториката која ја практикува Европската Унија.

А во однос на конкретни потези? Дали има нешто конкретно во последно време?

Во реалноста, речиси и да нема ништо од тоа. Еве неколку примери. Воопшто нема објаснување зошто Босна и Херцеговина сега нема да добие кандидатски статус. Тоа е земја во која нема политички затвореници, каде што се одржуваат слободни избори, земја во која политичарите се менуваат на избори, членка на Советот на Европа. Фактот што оваа земја денес не е кандидат за членство во ЕУ е катастрофален сигнал за сите оние во БиХ кои веруваат во европска иднина. Тоа е едноставно неправедно. Ако БиХ не е кандидат, што во суштина значи тоа ветување за забрзување на интеграцијата?

Но БиХ не е изолиран пример во регионот..

Друг пример е Албанија. Зошто Европската Унија сега не ги отвори преговорите со Албанија? Па, никој не и стави вето на Албанија! Аргументот што го слушаме е дека тоа прашање е поврзано со ветото на Бугарија против Северна Македонија. Но поврзувањето на тие две работи е сосема нелегитимно. Што значи тоа? Или ќе судите за секоја земја врз основа на нејзините постапки или не.

Со Црна гора веќе одамна се преговара , но се уште нема никакви сигнали кога оваа земја би можела да стане членка на ЕУ?

Црна Гора веќе десет години преговара со Унијата. Зошто Европскиот совет денеска не каже вакво нешто: ако Црна Гора ги исполни сите предуслови во следните 34 месеци, можеме да замислиме дека земјата ќе стане полноправна членка до крајот на 2025 година. Тоа отсекогаш било случај во другите земји. Црна Гора е членка на НАТО, членка на Советот на Европа, надворешната политика на Црна Гора е целосно компатибилна со ЕУ - значи нема простор за грижа дека се работи за компликувана земја.

Зошто токму34 месеци?

Велам 34 месеци за завршување на преговорите затоа што токму тоа беше рокот што им требаше на Литванија или Летонија кога преговараа - 34 месеци за комплетни преговори! За 34 месеци ги отворија и затворија. А Црна Гора, на пример, преговара десет години. Како и да е, никој, ама баш никој не вели дека Европската унија би била среќна Црна Гора да ги исполни сите предуслови и да стане дел од ЕУ во 2025 година.

Денес во Брисел се одржува самитот ЕУ-Западен Балкан. Статус кво по прашањето на ЕУ-интеграцијата се чини доста депримирачки...

Во најлош случај се плашам дека денес нема да има никакви сигнали за БиХ. Дека нема да има сигнали ниту за Албанија или Црна Гора. Дека нема да има сигнали ниту за Косово. Северна Македонија е блокирана, што значи преостанува само Србија. Земјата која засега е заробена во процесот на интеграција во која не веруваат ниту српските политичари.

Често сте во регионот на Западен Балкан. Какви се вашите перцепции? Како реагираат луѓето на ваквиот начин на постапување или подобро кажано недејствување на ЕУ?

 Секој разумен човек кој верува во европската иднина на регионот очајува поради ваквиот начин на постапување на Европската Унија. Таа состојба на очај резултира со апатија, а следната фаза е цинизам. И на крајот, луѓето едноставно се откажуваат.

Дали е можно да се разбие тој маѓепсан круг? И ако е можно, како?

Тоа е најважното прашање во овој момент. Како ние денес можеме тоа да го промениме? Како со помош на само неколку одлуки може повторно да се воспостави таа изгубена веродостојност на ЕУ? Јас сум уверен дека тоа е можно на денешниот самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел. Но, ако тоа не се направи тогаш Унијата секако ќе изгуби на влијание. И тоа токму во ситуација во која постои загриженост од распламтување на национализмот во контекст на руското влијание на Балканот. Путиновата Русија и тоа како има интерес тензиите на Балканот да се интензивираат. И реторички, но и преку разни операции кои последните години ги посведочивме во регионот, на пример во Црна Гора или во Северна Македонија. И во таквата ситуација некои како месечари само набљудуваат како се руши веродостојноста на ЕУ, но и веродостојноста на земји како Германија.

Фотографија: GERARD CERLES/AFP/Getty Images

Зошто?

Затоа што се ветува нешто што потоа не се прави. Затоа што не се размислува затоа како би можело нештото да се направи на подобар начин. Сметам дека тоа е опасно и дека дефинитивно не е во интерес на Европската унија.

Како таа веродостојност би можела повторно да се етаблира? Што според Вас би можело конкретно да се направи? Што Вие би му предложиле на канцеларот Шолц кога би Ве викнал и рекол: Гералде, и што сега? Помогнете, што и да кажете веднаш ќе спроведеме на дело!

Би предложил да се усвојат пет точки. Прво: земја како Црна Гора може да стане членка до 2025. Таква јасна порака би можела да мобилизира одредени сили во регионот, значи не само во Црна Гора. Второ: статусот на БиХ. Кога веќе Молдавија или Украина може да добијат статус на кандидат што сметам дека е добар потег и за што сум се залагал, тогаш и БиХ треба да добие кандидатски статус пред изборите на есен. Трето: сигнал за Албанија. Нема никаков разбирлив аргумент зошто не би требало Унијата да почне да преговара со Албанија. Четврто: либерализација на визниот режим за Косово. Петто: јасна перспектива на земјите од регионот околу пристапот на заедничкиот пазар на кој би важела слобода за проток на стока, услуги, луѓе и капитал. Поврзувањето со европскиот економски простор би можел да делува стабилизирачки, а истовремено и да отвори нови перспективи. Границите со време би станале невидливи. Степенот на безбедност во регионот би пораснал благодарение на интеграцијата.

Канцеларот Шолц пред неколку дена беше на турнеја во земјите од Западен Балкан. Како ја доживеавте таа посета?

 Важно беше канцеларот да го посети Балканот. Но, таа посета разбуди големи очекувања. А, колку се поголеми очекувањата, толку е поголем потенцијалот за разочарувања. Процесот на проширувањето во последните десет години ги разочара луѓето во регионот. Тие не гледаат напредок. Тие ја гледаат ЕУ која не ги исполнува своите ветувања. 

Но, освен лепеза пригодни зборови, канцеларот на Балканот практично не претстави ништо ново, никакви конкретни ветувања или перспективи. Во БиХ воопшто и не дојде.

Како ја гледате улогата на денешна Германија? Дали е таа и натаму мотор на европската интеграција? Гледаме дека конкретни предлози што се однесува до Балканот деновиве стигнуваат од Виена или Љубљана. Од Берлин ништо. Дали Германија е премногу пасивна?

Германија денес не е никаков мотор на европската интеграција. Тоа можеби ќе се промени овие два дена на самитот во Брисел. Но, во овој момент Германија не е никаков мотор околу ништо во врска со Балканот. Доволно е да видите што се случува по прашањето на блокадата на Северна Македонија од страна на Бугарија. Ништо не се случува. Германија е екстремно пасивна и во моментов без било каква идеја.

Гералд Кнаус е основач и директор на влијателниот берлински тинк-тенк „Европска иницијатива за стабилност“, ЕСИ (European Stability Initiative) кој се занимава со прашањата поврзани со миграиција и европска интеграција на Југоисточна Европа. Кнаус во Германија е познат и како „архитектот“ на договорот за бегалците од 2016 година кој ЕУ го склучи со Турција. Во тоа време и беше советник на тогашната германска канцеларка Ангела Меркел.

 

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми