Владејачките партии во Романија си го соборија премиерот
21 јуни 2017На гласањето за доверба на Сорин Гринденау во парламентот учествуваа само двете владејачки партии - социјалдемократите (ПСД) и либералите (АЛДЕ). Во барањето на владејачките партии до парламентот да му биде изгласана недоверба, меѓу другото стои дека премиерот владеел „во име на окултистичка и нелегитимна група“, дека не ги почитувал „демократските правила“ и дека покажувал „незрелост и политичка неодговорност“.
Изгласаната недоверба е финале на внатрепартискиот конфликт во ПСД. Имено, Гринденау (ПСД) не сакаше да потклекне под притисоците за повлекување од функцијата кои доаѓаа од неговата партија.
Лидерот на ПСД, Ливиу Драгнеа, бараше од Гриндеану да ги олабави законите кои ја санкционираат корупцијата. Драгнеа настојуваше да ја контролира владата, поради тоа што тој лично не смееше да биде премиер. Причина: Драгнеа е веќе осудуван. Освен тоа, против него се води и судска постапка поради обвинувања за злоупотреба на службената должност.
За да го натераат Гринденау на оставка, 25-мина од 26 министри во владата дадоа оставки под притисок на ПСД и АЛДЕ. Гриндеану почна да ги пополнува местата со нови луѓе и преку Фејсбук ја повика партиската база да му даде поддршка. Романскиот претседател Клаус Јоханис му даде поддршка на Гриндеану, со тоа што се противеше да именува нов премиер.