Кобане пред паѓање - што прават Американците?
8 октомври 2014„Сите најдлабоко ќе зажалиме доколку ИД успее да го заземе градот кој толку храбро се брани. Но тоа наскоро нема веќе да биде можно“, изјави посредникот на ОН за Сирија Стафан де Мистура. Курдските борци, вели тој, се бранат храбро, но терористите се далеку подобро вооружени.
Сепак, САД и нивните сојзуници се концентрираат на воздушни напади врз цели на Исламска држава (ИД) надвор од Кобане. Американскиот претседател Барак Обама повлече јасна линија во борбата против Исламска држава. За разлика од војните во Авганистан и Ирак, САД сега нема да испратат копнени сили, му вети претседателот на американскиот народ. Значи, такви трупи нема да испрати ниту ако треба да се спречи паѓање на стратешки важниот град Кобане, на границата меѓу Сирија и Турција, во рацете на терористите. Наместо тоа, американските сили ги засилуваат воздушните напади околу Кобане, со цел да бидат задржани и потиснати терористите на ИД.
Притисок врз Турција
Освен тоа, владата на Обама врши притисок врз турската влада да се ангажира посилно во борбата против ИД. Министерот за надворешни работи Џон Кери од понеделникот (6.10) двапати водеше телефонски разговор со турскиот премиер Давутоглу околу состојбата во Кобане, соопшти порпотаролката на Кери, Џен Псаки. Генералот Џон Ален, спрецијален пратеник на претседателот Обама за меѓународната алијанса против ИД, утре (9.10) патува во Анкара на натамошни разговори со турската влада. Притоа може да стане збор и за создавање заштитна зона и зона на забранети летови во Сирија. Турција бара вакви зони за да може да ја држи понастрана сириската авијација. Тоа САД досега го отфрлаа, поради тоа што не сакаа да ризикуваат војна со режимот на Асад.
Концентрација на командните структури
Никој не сака Кобане да падне, нагласува портпаролката на Стејт Департментот. Таа истовремено потенцира дека американската влада во Сирија има други приоритети. Борците на ИД веќе не би смееле да ја користат Сирија како простор за повлекување и база за своите напади во соседен Ирак. Затоа американските трупи се концентрираат на воздушни напади на други цели во Сирија, а не на напади околу Кобане. „Се концентрираме воено на командните структури на ИД, нивната важна инфраструктура, како и на изворите на приходи како што се нафтените рафинерии“, изјави Псаки.
Висок неименуван соработник на Пентагон за Си-Ен-Ен најави дека воздушните напади врз цели надвор од Кобане ќе се интензивираат во наредните денови. Американското министерство за одбрана потенцира дека напади врз борците на ИД во град се тешко изводливи. Опасноста при вакви воздушни напади да бидат погодени и цивили е екстремно голема.
Вашингтон се надева дека дури и ако биде загубена битката за Кобане, ќе биде извојувана победа над теористите.