1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски и Петков задоволни од работните групи

25 март 2022

Двајцата премиери го потврдиле развојот на добрососедските односи и европската перспектива на Северна Македонија. Се унапредува соработката и во пограничните региони

Sofia Gemeinsame Sitzung Premierminister Dimitar Kovacevski und Kiril Petkov
Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за енергетика на Република Бугарија, Александар Николов денеска ќе одржат работен состанок со работната група во областа на енергетиката во рамки на Работната група за инфраструктура, транспорт и енергетика. За она што договорила работната група, двајцата министри ќе информираат на прес-конференција во 13 часот. Ова е уште една во низата средби на четирите работни групи од двете земји (плус  Историската комисија),  чии резултати треба да бидат импулс во унапредувањето на односите Скопје-Софија и пат кон решавање на отворените прашања.

Задоволство од динамиката во досегашната работа на овие групи вчера заедно изразија премиерите на двете земји,  Димитар Ковачевски и Кирил Петков,  кои имаа средба на маргините на вонредниот самит на НАТО во Брисел.

„Взаемно изразивме задоволство од динамиката на билатералната соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија преку работните групи, како и од потпишаните договори и меморандуми за соработка во повеќе области од заеднички интерес. Оценивме дека правиме сериозни чекори напред и со целосното усогласување на надворешната и безбедносната политика на Северна Македонија со политиките на ЕУ, со што ги продлабочуваме односите меѓу двете држави и го подигаме нивото на политички дијалог. Имаме причини за оптимизам од унапредувањето на соработката меѓу двете земји, со што се забрзува процесот на  европска интеграција на Северна Македонија“,  напиша Ковачевски на Фејсбук.

„Корисен разговор со Димитар Ковачевски во Брисел. Го потврдивме нашето задоволство од работата на експертските групи, развојот на добрососедските односи и европската перспектива на Северна Македонија“, оцени Петков на Твитер.

Борел: С. Македонија може да почне преговори со ЕУ до јуни

01:55

This browser does not support the video element.

Во очекување на првиот лет

Прв резултат во дел од досегашните напори за унапредување на поврзаноста и комуникацијата, треба да биде почетокот на редовниот лет на  бугарската авиокомпанија „ГуливЕр“ на релација Софија-Скопје-Софија. Првиот лет беше најавен за утре, 26-ти март. Таква информација е објавена и на веб-страницата на авиокомпанијата, која планира да има редовни летови на оваа релација двапати неделно, во сабота и во понеделник. Симболично, оваа авиолинија беше воспоставена на 11-ти февруари, кога во авионот  од Софија до Скопје  заедно допатуваа министри од македонската и бугарската влада.

Паралелно, со активностите на работните групи течат и проекти со кои границата меѓу двете земји треба да биде мост за плодна прекугранична соработка. За тоа на располагање стојат средства од европските програми за трансгранична соработка, кои и досега биле добро искористени за реализација на околу 200 проекти. Во првиот програмски период 2007-2014 биле имплементирани 100 прекугранини проекти, а во вториот 2014-2020 биле одобрени 81 и повеќето од нив беа реализирани.

Дополнителен пристап до финансии

Како продолжува соработката во третиот програмски период?

„Околу 70 милиони евра од европските програми за трансгранична соработка ќе бидат инвестирани до 2027 година за развој на пограничните региони на Бугарија со Република Северна Македонија и со Србија“, најави бугарскиот вицепремиер и министер за регионален развој, Гроздан Караџов.

Тој не прецизира колкав дел од тие средства се однесуваат само на прекуграничната соработка со земјава, но се потенцира дека поддршката за програмата со PCM е зголемена за 50% во текот на програмскиот период 2021-2027 година, обезбедувајќи дополнителен пристап до финансии.

Прекуграничниот регион на оваа програма ги вклучува областите Ќустендил и Благоевгерад во Бугарија, и североисточниот, источниот и југоисточниот плански регион во Северна Македонија. Заедничката граница меѓу двете земји се протега во должина од 165 километри и има три активни гранични премини. Благодарение на напорите од двете земји, и идејата за четвртиот наскоро треба да стане реалност.

„Нашите стратешки цели вклучуваат изградба на долгоочекуваниот граничен премин ‘Клепало’ со Северна Македонија“, рече вицепремиерот Караџов.

Но, вниманието на источната сосетка не е насочено само кон договорите во сферата на економијата, инфраструктурата, образованието, младите, спортот и културата, туку и - што е направено во однос на другите барања од бугарска страна. Во тој контекст, шефицата на бугарската дипломатија,  Теодора Генчовска,  денеска пред Народното собрание ќе треба да одговара на прашања од партијата „Преродба“, кои се однесуваат на „проблемите на бугарските граѓани кои живеат во Република Северна Македонија“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми