1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски и Петков преминуваат од зборови кон дела

24 јануари 2022

На заедничка седница во Софија ќе биде усогласен календарот на на 4 работни групи кои треба да остварат конкретни резултати во следните месеци, а се очекуваат и други договори за соработка.

Премиерите Кирил Петкоц и Димитар Ковачевски за време на средбата во Скопје на 18 јануари
Премиерите Кирил Петкоц и Димитар Ковачевски за време на средбата во Скопје на 18 јануариФотографија: Reg. Nordmazedonien

Со положување цвеќе пред Споменикот на незнајниот војник на плоштадот „Св. Александар Невски“ во Софија, во 16 часот по локално време ќе почне официјалната церемонија на пречек на македонскиот премиер Димитар Ковачевски, кој со владина делегација е во дводневна посета на Бугарија. Пред споменикот каде тлее вечен оган посветен на сите борци кои паднале за создавањето на бугарската држава, беше фреквентно и изминатиот викенд. Во саботата (22-ри јануари) таму се одржа и свечена церемонија по повод стапувањето на Румен Радев на неговиот втор претседателски мандат.

Денешната средба Ковачевски-Петков следи по само една седмица откако бугарскиот премиер ја реализираше неговата прва посета во странство - токму во Република Северна Македонија. Откако на таа средба беа поставени основите на новиот пристап во разговорите меѓу Софија и Скопје, утре двете влади ќе одржат и заедничка седница во резиденцијата „Бојана“, на која една од клучните теми ќе биде усогласување на календарот на активности на новоформираните 4 работни групи во двете земји. Тие со меѓуресорска соработка треба да ги динамизираат односите и да остварат конкретни резултати во следните месеци.

„Ќе направиме еден реален календар, на план со достижни цели, кој треба да го реализираме на средбите во наредните месеци, и очекувам тие средби да бидат седмични на ниво на работните групи. Реално треба да завршиме голем дел од задачите кои не се направени во изминатите години“, изјави Петков по посетата на Скопје.

Токму затоа, со премиерот Ковачевски во Софија заминуваат вицепремиери и министри кои ќе копретседаваат со четирите заеднички работни групи: за економија, трговија и иновации; за инфраструктура, транспорт и поврзување; за европска соработка - зелени политики, дигитална трансформација и владеење на правото; и за култура, наука и образование и млади. За петта работна група се смета постојната заедничка Комисија за историски прашања, која треба да ја динамизира нејзината работа. Денеска и утре се очекуваат тет-а-тет разговори меѓу двајцата премиери и ресорни министри, а на меѓувладина седница да се потпишат договори и меморандуми за соработка во повеќе области. 

Официјална церемонија за пречек на бугарскиот премиер Петков во Скопје: Слична церемонија денеска треба да има и во Софија за пречекор на македонскиот премиер КовачевскиФотографија: Reg. Nordmazedonien

Историски чин

Меѓувладината седница се случува и во еден значаен период за односите меѓу двете земји: 30 години откако Бугарија прва во светот ја призна Република Македонија како независна држава (15-ти јануари 1992 година). Посетата во Скопје не помина во знакот на овој јубилеј, но, како што дознаваме, се очекува неговото значење да биде истакнато на софиски терен. Филип Димитров, бугарски премиер во периодот на признавањето на РМ (од ноември 1991 до 30 декември 1992 г.), по дистанца од 30 години вели дека тоа бил правилен потег.

„Од гледна точка на историјата, признавањето на Македонија беше правилен чекор. Од гледна точка на тогашната положба на Бугарија во светот, тој беше успешен. Со тоа и со други нешта Бугарија се впиша во кругот на државите кои во иднина ќе учествуваат во она што генерално го нарекуваме западен свет - ЕУ и НАТО. Откако Македонија прогласи независност во септември, ја чекавме одлуката на Бадентеровата комисија, за да имаме основа на која ќе застанеме. Бев убеден дека треба да ја признаеме Македонија што е можно побрзо", изјави Димитров за бугарската ТВ Нова.

Повеќе: Софија-Скопје: И подарок и провокација почнуваат на иста буква

Но, потсети дека во тоа време не биле сите „за". Покрај опозицијата, противници имало и во неговата тогашна партија, Сојуз на демократските сили (СДС). Но, земјата не била под никаков притисок однадвор.

„Немаше никаков надворешен притисок, бидејќи тогаш сѐ уште не нѐ третираа сериозно. Ние бевме земјата позната како најлојален сателит на Советскиот Сојуз, која не се поставуваше во ист кош со Унгарија, Полска и Чехословачка. Затоа од нас беше дозволено, дека може да почнеме да правиме некои балкански марифети“, рече Филип Димитров, и ја потенцира клучната улога на тогашниот бугарски претседател, Жељу Желев, за ова прашање. 

Поранешниот бугарски премиер, Филип ДимитровФотографија: BGNES

Орден за заслуги

За исклучителни заслуги за признавањето на независна Македонија од страна на Бугарија во време на неговиот претседателски мандат (1990 -1997), но и за развивањето на односите и соработката и разбирањето помеѓу двете држави и народи, бугарскиот претседател Жељу Желев (1935-2015) на 15-ти јануари 2010 година беше одликуван со орден „Осми септември" од тогашниот македонски претседател Ѓорге Иванов. Во таа пригода Желев ги објасни мотивите на Бугарија што побрзо да ја признае западната сосетка.

„Имаше подлабоки причини, кои не обврзуваа да дејствуваме така. Најопшто земено, тие беа два типа: конјунктурно- политички и историски. Тогаш војната веќе беснееше врз поголемиот дел од територијата на разнишаната југословенска федерација. Само Македонија сѐ уште не беше зафатен од неа, но нам ни се чинеше дека тоа секој момент може да се случи. Ништо не можеше да ја сопре југо-армијата, ако Милошевиќ беше решил да ја ориентира во оваа насока. При таков развој на работите, војната требаше да се појави на нашата западна граница, што пак од своја страна, лесно можеше да се претвори во прелудија кон една нова балканска војна. Затоа ние не штедевме сили и време да работиме тоа да не се случи“, рече Желев при примањето на орденот.

За негова заслуга се смета што многу брзо и Турција (во февруари 1992 година) и Руската федерација (во август истата година), ја признаа РМ, во голема мера благодарение на неговата аргументација и лобирање. Денеска, кога РСМ е земја членка на НАТО, решавањето на прашањата кои доведоа до бугарско вето за почетокот на македонските преговори со ЕУ, ќе започне со теми кои ја тангираат сегашноста на двата народа: динамизирање на економските, културните, образовните и инфраструктурните проекти, односно теми кои повеќе ги спојуваат двата народа, за разлика од оние кои ги разделуваат - историските.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми