1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски и Столтенберг на средба за кризата во Украина

ДТЗ
3 февруари 2022

Столтенберг на прес-конференција во Брисел порача дека секоја натамошна руска агресија ќе има сериозни последици и висока цена. Како сојузници, ние сме силни, одлучни и обединети во нашата реакција, вели Ковачевски.

Brüssel | Der mazedonische Premierminister Dimitar Kovacevski mit dem NATO-Generalsekretär Jens Stoltenberg
Фотографија: Government of North Macedonia

Безбедноста на Западен Балкан, како еден од приоритетите на НАТО и ескалацијата на состојбите на границата меѓу Русија и Украина беа главните теми на коишто во четвртокот разговараа македонскиот премиер Димитар Ковачевски и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Тие повикаа на смирување на ситуацијата, со цел да продолжи дипломатскиот разговор. Столтенбер на прес-конференција во НАТО во Брисел порача дека секоја натамошна руска агресија ќе има сериозни последици и висока цена. 

„Има значително движење на руските воени сили кон Белорусија и ова е најголемото распоредување на сили од времето на Студената војна, со очекувани 30 илјади трупи, специјални сили, борбени авиони и ракетни системи. Сето ова ќе се искомбинира со годишните нуклеарни вежби на Русија кои што се очекуваат во овој период“, потенцираше генералниот сектретар на НАТО. 

Според Алијансата, секоја нација има право да го избере својот пат, а НАТО покажа дека може да ги брани сите свои сојузници. „Ние сакаме да најдеме политичко решение за кризата, но мораме да бидеме подготвени за најлошото. Вчера САД најавија дека ќе распоредат сили во Германија, Полска и Романија и ова доаѓа како плус на сите досегашни напори и распоредување на сили во НАТО командите. Ја зголемивме подготвеноста на силите на НАТО и сметаме дека е потребно дополнително распоредување во северниот дел на Алијансата“, вели Столтенберг.  

Важен сојузник на НАТО  

Столтенберг се осврна и на ситуацијата во регионот, порачувајќи дека стабилноста на Западен Балкан е од голема важност за НАТО. „Минаа две години откако Северна Македонија се приклучи кон НАТО и покажавте дека сте битен сојузник. Ги поздравувам напорите на Северна Македонија да промовира безбедност, стабилност, и напредок во регионот. Ова ги вклучува и вашите придонеси кон клучните мировни мисии и на НАТО на Косово“, рече Столтенберг. Тој потенцираше дека Алијансата ја гарантира безбедноста на земјата и го чува македонското небо. 

Поддршка за тематските состаноци за Русија  

Во првата официјална посета на Брисел откако е на премиерската функција, Димитар Ковачевски рече дека земјата го поддржува предлогот на НАТО за тематски состаноци со Русија, за европската безбедност со фокус на Украина, за транспарентноста и намалувањето на ризикот и контрола на оружјето. 

Ковачевски: Како сојузник на НАТО се приклучуваме кон апелите до Русија да деескалира и да го продолжи дипломатскиот дијалогФотографија: Government of North Macedonia

„Како сојузник на НАТО се приклучуваме кон апелите до Русија да деескалира и да го продолжи дипломатскиот дијалог. Целосно го поддржуваме суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признаените граници. Како сојузници, ние сме силни, одлучни и обединети во нашата реакција“, рече  Ковачевски. 

Во официјална посета на седиштата на ЕУ и НАТО во Брисел, тој е придружуван од шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, министерката за одбрана Славјанка Петровска и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ. Попладне премиерот ќе има средба со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, како и со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола. Средбата со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, е предвидена за в петок претпладне.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми