1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опозицијата со „отровни“ стрели кон новиот лидер на СДСМ

ДТЗ
14 декември 2021

Пион на Заев, „курсаџија“, човек кој манипулира со јавноста - се дел од обвинувањата кои ВМРО-ДПМНЕ ги упати кон новиот лидер на СДСМ, само еден ден по неговиот избор.

Nordmazedonien Politiker Dimitar Kovacevski
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Новиот лидер на СДСМ,Димитар Ковачевски, актуелен заменик-министер за финансии и човек од доверба на премиерот Зоран Заев, уште не седнат во партиската фотеља, веќе се најде на удар на опозицијата, која упати „отровни“ стрели кон него. Првичните обвинувања дека е пион на Заев, кои беа честа реторика на опозициската партија која притиска за вонредни избори, сега се пренасочија кон оспорувањето на стручноста и образованието на Ковачевски, обвинувајќи го дека „место студии, завршил курс на Харвард“. 

„Фризирана“ биографија 

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Ковачевски ја „фризирал“ својата биографија. „Дали е точно дека Ковачевски курсот на Харвард го прикажувал како факултетска диплома? Ако е точно, тогаш направил класична лага и манипулација на јавноста, бидејќи ваквиот курс е скапо платена кратка едукација платена со неколку десетици илјади евра, со кој може да се стекне секој граѓанин со завршен факултет во земјава, само доколку има доволно пари за него за да може да плати и да го посетува“, велат од партијата. 

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Ковачевски ја „фризирал“ својата биографија.Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Според ВМРО-ДПМНЕ, потегот Заев да го претстави „курсаџијата“ Ковачевски како дипломец на Харвард е само очај со кој тој се обидува да звучи уверливо.

„Пионот Ковачевски од курсаџија стана главен адут на Заев. Тажно, но вистинито. Очигледно фарсата наречена нов лидер на СДСМ, добива нови димензии. Ковачевски е веројатно најдобриот пион кој можел Заев да го одбере во СДСМ со цел да продолжи заевизмот и контролата на партијата како сопствена приватна фирма. Ништо во СДСМ  не се менува, заевизмот владее заедно со сиот криминален и коруптивен систем кој произлегува од него“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. 

Стравот е голем 

За владејачката СДСМ, жални се обидите на ВМРО-ДПМНЕ да го дискредитираат образованието и компетенциите на претседателот Димитар Ковачевски уште првиот ден по неговиот избор. „Очигледно стравот е голем па од недостаток на аргументи одлучија веднаш да пристапат кон нивната единствена стратегија во политиката – лажењето. На сите објавени резимеа на претседателот Ковачевски достапни на интернет, вклучително и во неговата програма стои јасно каде студирал, магистрирал и докторирал. Секаде стои јасно напишано и каде поминал стручни усовршувања, а такви имал повеќе меѓу кои и на Харвард“, реагираа од СДСМ. 

Според нив, Ковачевски имал стручно усовршување на Школата за Бизнис при Харвард Универзитетот во 2011 година, Европскиот претприeмнички колоквиум на Техничкиот Универзитет во Минхен каде станал ЕФЕР ЕЕЦ алумни во 2015 година, Ротердам Школото за Менаџмент при Еразмус Универзитетот во Холандија во 2016 година и ЕАДА Бизнис Школото во Барселона, Шпанија во 2017 година. „За разлика од ова квалитетното образование на Ковачевски, единственото стручно усовршување Мицкоски го имал кај својот татко каде бил асистент“, возвратија од СДСМ на обвинувањата на опозицијата. 

Ковачевски со докази 

Новоизбраниот претседател на СДСМ,Димитар Ковачевски ја сподели својата биографија, а откако ВМРО-ДПМНЕ обвини дека на Харвард завршил само курс. Вели дека за време на кампањата на внатрепартиските избори воопшто не зборувал за образованието и професионалните усовршувања. 

„Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ во кое намерно се изнесуваат невистини, ме принудува да го споделам моето резиме, а со тоа и вистината за образованието и вештините кои ги имам стекнато во животот. Тие се транспарентно објавени на повеќе места на интернет, вклучително и на сајтот на Министерството за финансии“, вели тој. 

Ковачевски, кој убедливо победи во битката за нов партиски лидер, беше фаворит на Заев за негов наследник во партијата, но е во игра и за негов наследник на премиерската функција.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Ковачевски посочува дека има стручно усовршување на Харвард, а такви усовршувања има уште на три други универзитети во Ротердам, Барселона и Минхен. „Точно стои каде сум дипломирал, магистрирал и докторирал, пишува Ковачевски, споделувајќи линк за да го потврди тоа што го кажал. 

-повеќе на темата:  Сите не сакаат „две во едно“: лидерот да не биде и мандатар!

Ковачевски, кој на вторите внатрепартиски избори во неделата, убедливо победи во битката за нов партиски лидер, беше фаворит на Заев за негов наследник во партијата, но е во игра и за негов наследник на премиерската функција. Заев изминатиов период во изјавите за медиумите порачуваше дека е добро за државата двете функции да се рацете на еден човек, алудирајќи дека тој што ќе ја добие довербата во партијата, ќе ја освои и довербата за да го состави и новиот владин кабинет, кој ќе се прошири и со членови на Алтернатива, која што неодамна стана владин партнер. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми