1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ковидот пак ги наполни болниците

ДТЗ
9 март 2021

Последното деноноќие 22 лице ја загубија битката со Ковид-19, од кои најголемиот дел се од главниот град

Nord-Mazedonien | Coronavirus | Impfungen in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Болниците забрзано се полнат со ковид-пациенти, притисок на нови заболени има во речиси секој град. По неколку месечното затишје, ситуацијата со опасниот вирус е повторно алармантна. Бројот на заразени и починати е најголем од почетокот на годинава. Последното деноноќие 22 лица ја загубија битката со Ковид-19, од кои најголемиот дел се од Скопје. Во главниот град има и најголем број на новозаразени. Од 872 нови случаи, дури 459 се откриени во Скопје. Вирусот зема замав и во Кавадарци (35), во Прилеп (51), како и во Куманово, Битола и Охрид, каде има по 33 нови случаи. Вкупниот број на заболени од почетокот на пандемијата се искачи на 108.350. Вкупната бројка на смртни случаи, пак, порасна на 3.228 лица. Во моментов во С. Македонија има 9.300 активни случаи на коронавирус. Во последните 24 часа оздравеле 412 пациенти, додека од почетокот на пандемијата 95.822 лица го победиле опасниот вирус. 

Редици пред ковид-амбулантите

Брзата помош е преоптоварена со повици. Само во еден ден има над 120 интервенции од кои дури 60 проценти се поврзани со ковид-пациенти. И ковид амбулантите во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје се преполни со пациенти кои чекаат со часови да бидат прегледани.

Брзата помош е преоптоварена со повици, пред амбулантите се чека ред за прегледФотографија: Petr Stojanovski/DW

Зголемен е и притисокот на Инфективната клиника во Скопје, каде помош бараат пациенти на кои им е влошена клиничката слика и имаат потреба од дополнителни испитувања.

-повеќе на темата: Ковид кај децата: „Ќерка ми не можеше да стане од кревет, пиштеше од главоболки“

„Велат дека голем број од смртните случаи предизвикани од Ковид-19 се поради тоа што пациентите доцна се јавуваат на лекар. Па како да се јавиме навреме кога е вистински хаос. Со влошена клиничка слика, со висока температура, треска и премаленост со саати чекаме најпрво надвор на отворено, па потоа и внатре за преглед“, вели пациент за „Сакамдакажам“ кој вчера побарал лекарска помош во ГОБ „8 Септември“.

-повеќе на темата: Една година во канџите на короната

Според Министерството за здравство, во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 80 пациенти, а на Клиниката за инфективни болести 125, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 26 пациенти. На ГАК има 5 хоспитализирани ковид-позитивни пациентки. Вкупната бројка на пациенти позитивни и сомнителни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјата е 899. Надлежните тврдат дека има околу 330 празни болнички кревети во ковид-центрите.

Во ковид-центрите низ земјата има вкупно 546 пациентиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 43 нови пациенти поради компликации од коронавирусот, или вкупно 353 лица се на лекување на инфективните оддели во главниот град. Во ковид-центрите низ земјата има вкупно 546 пациенти. Институтот за јавно здравје неодамна  регистрираше зголемување на бројот на заразени за дури 56,4 проценти во споредба со претходниот период. 

-повеќе на темата: Полициски час од утре до 22 март 

Од утре во 22 часот стапува на сила полициски час во С. Македонија со цел сузбивање на ширењето на Ковид- 19. Мерката ќе биде на сила до 22 март.  Засега не се размислува за построги мерки во учиштата, бидејќи состојбата е стабилна и не се зголемува бројот на заболени. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вели дека е подобро пократко време да има рестриктивни мерки, отколку земјата да се соочи со целосно оптоварување на здравствениот систем.
 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми