Ковид-вакцини: Јојо со АстраЗенека и некои позитивни вести
СН/агенции
1 април 2021
Многу прашања и натаму остануваат неодговорени а препораките противречни кога станува збор за вакцината на АстраЗенека. Од друга страна надеж во исцрпувачката битка со пандемијата доаѓа од другите вакцини.
Реклама
Ситуацијата околу вакцината на АстраЗенека, која германските медиуми сѐ погласно ја опишуваат како хаотична, останува неизвесна и противречна. Последните реакции на Европската агенција за лекови и на СЗО на одлуката на Германија и на неколку други земји да издадат препорака за користење на вакцината само за лица постари од 60 години, не помогнаа во разјаснување на ситуацијата. Напротив.
ЕМА соопшти дека експертите кои испитуваат можни врски меѓу вакцината на АстраЗенека и згрутчување на крвта не откриле специфични фактори на ризик, вклучително и возраста, но продолжуваат со анализата.
„Досега, студиите не идентификуваа специфични фактори на ризик, како што се возраста, полот или медицинската историја кои вклучуваат проблеми со згрутчување на крвта за овие многу ретки случаи“, наведени како компликации кај лица вакцинирани со АстраЗенека, се вели во соопштението на Европската агенција за лекови.
Вакцини- адути на човештвото против Ковид-19
Глобалната кампања за вакцинација против Ковид-19 зема сѐ поголем замав. Во различни земји, создадени се или на повидок се вакцини, кои сега се главно оружје на човештвото во справувањето со пандемијата.
Фотографија: Francis Dean/Dean Pictures/imago images
Бионтек/Фајзер: почеток на иРНК-револуцијата
Првата вакцина против Ковид-19, одобрена за употреба во САД и во ЕУ, беше вакцината на германските научници со турски корени Угур Шахин и неговата сопруга Озлем Туречи. Нивната фирма Бионтек од Мајнц влезе во сојуз со американскиот гигант Фајзер. Медиумите почнаа да зборуваат за „револуција“ во фармацевтската индустрија, откако е создадена првата иРНК вакцина.
Фотографија: Francis Dean/Dean Pictures/imago images
Модерна: родум од универзитетот Харвард
Американската компанија за биотехнологија Модерна е специјализирана и за РНК технологии, кои се сметаат за нов чекор во медицината. Нејзиното седиште се наоѓа во Кембриџ, Масачусетс, во близина на универзитетот Харвард, чии научници ја основаа компанијата во 2010 година. Вакцината на Модерна, создадена со финансиска поддршка од властите, беше втората корона-вакцина регистрирана во САД и во ЕУ.
Фотографија: Matthew Healey/AFP/Getty Images
АстраЗенека: „Оксфордската вакцина“
Научниците од Универзитетот Оксфорд во соработка со британско-шведската компанија АстраЗенека вршеа клинички испитувања и производство на нивната вакцина. Таа во голема мерка се користи во Велика Британија, ги исполнува условите во ЕУ и активно се користи во земјите во развој, бидејќи „вакцината од Оксфорд“ има многу ниска цена. Така, таа се произведува во Индија за локалниот пазар и за извоз.
Фотографија: Channi Anand/AP/picture alliance
Спутник V: првата одобрена вакцина во светот
Во август 2020, Русија објави дека прва во светот регистрирала вакцина против коронавирусот наречена Спутник V. Масовната вакцинација на руското население официјално започна во јануари 2021. Оваа векторска вакцина, изработена од научниците од Московскиот центар Гамалеја, се промовира на странските пазари од страна на Рускиот фонд за директни инвестиции.
Фотографија: Aizar Raldes/AFP/Getty Images
Џонсон и Џонсон: доволна е една доза
Американска корпорација Џонсон и Џонсон е еден од шесте производители на корона-вакцини со кои ЕУ склучи прелиминарни договори за снабдување. Од нејзината векторска вакцина потребна е само една доза, а не две како останатите и се чува во конвенционални фрижидери. За ЕУ оваа вакцина, која доби дозвола за употреба на 11.03. ќе ја произведува белгиската сестринска фирма на Џонсон и Џонсон - Јансен.
Фотографија: Johnson/AP/picture alliance
Синовак: тивкиот конкурент од Кина
Без многу врева и детални извештаи за клиничките испитувања, Кина разви најмалку три вакцини. Една од нив, создадена од деактивиран коронавирус, Синовак Биотек ја тестираше во неколку азиски земји, вклучувајќи ја и Индонезија, која потоа веднаш ја нарача. Да им даде пример на своите сонародници, претседателот на Индонезија, Џоко Видодо, прв се вакцинираше.
Фотографија: Laily Rachev/Biro Pers Sekretariat Presiden
Синофарм: Првата кинеска вакцина
Станува за вакцина со „деактивиран“ вирус која државната компанија ја разви во соработка со Институтот за вирологија од Вухан. Овој вид на вакцини се користи веќе со децении, со добри резултати во пракса. Вакцината која веќе се користи во Србија и во Унгарија, беше првата која доби одобрение за употреба од кинеските власти.
Американската фармацевтска компанија Новавакс објави дека нејзината вакцина е 96 процентно ефикасна против оригиналниот вирус и 86 проценти против британскиот сој. Тоа произлегува од студијата што Новавакс ја спроведуваше во Велика Британија. Вакцината може да биде одобрена за употреба во САД уште во мај, доколку властите утврдат дека податоците од Велика Британија се доволни, соопшти компанијата.
Фотографија: Justin Tallis/AFP/ Getty Images
КјурВак: Печатач за вакцини на Тесла
Втората германска иРНК вакцина, која се очекува да биде регистрирана до лето, ќе биде произведена и извезена на глобално ниво од компанијата КјурВак од Тибинген, во партнерство со концернот Баер. Но, ќе биде можно таа да се направи директно во клиниките ширум светот. Елон Маск (втор од лево) демонстрираше мобилен печатач на вакцини создаден од германската сестринска фирма Тесла Громан.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Schwarz
Санофи: два неуспеха и помош за Европска унија
Француската компанија Санофи е еден од најголемите светски производители на вакцини. Но, овојпат тоа не и' успеа - двапати: ни заедничкиот развој со британската ГлаксоСмитКлајн, ниту обидот за создавање иРНК вакцина досега не дадоа резултати. За да помогне во обезбедувањето на вакцини за земјите од ЕУ, нејзината фабрика во Франкфурт на Мајна ќе произведе 125 милиони дози од вакцината на Фајзер.
Фотографија: C. Stoll/Sanofi
10 фотографии1 | 10
Ажурирана препорака на ЕМА наредната недела
ЕМА прецизираше дека нејзината комисија за безбедност треба да објави „ажурирани препораки“ за вакцината по месечниот состанок закажан за в понеделник наредната недела.
Германија, како и повеќе други земји, препорача вакцината на АстраЗенека да не се користи за луѓе помлади од 60 години откако беа пријавени неколку случаи на проблеми со згрутчување на крвта односно церебрална венска тромбоза, иако ЕМА претходно уверуваше дека вакцината е безбедна.
„Не е докажана причинско-последична врска со вакцината, но тоа е можно и во тек е натамошната анализа“, соопшти ЕМА.
Европското регулаторно тело го повтори своето мислење издадено на 18 март, „Придобивките од вакцините во заштитата на луѓето од ковид-19, со придружните ризици од смрт и хоспитализација, ги надминуваат можните ризици“. Речиси со идентичен став на оваа тема реагираше и Светската здравствена организација.
„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“
15:47
Бионтек/Фајзер: екстремно ефикасна кад децата
Во меѓувреме на другата страна на медалот, американската фармацевстска компанија Фајзер соопшти дека нејзината вакцина против Ковид-19 е безбедна и многу ефикасна кај децата од 12 години, што е значаен чекор кон вакцинација на оваа старосна група пред почетокот на наредната училишна година.Поголемиот дел од вакцините против коронавирусот кои се произведуваат ширум светот се наменети за возрасните кои имаат поголем ризик од вирусот.
Вакцината на Фајзер/Бионтек е дозволена за 16-годишни и постари, но вакцинирањето на деца од сите старосни групи е пресудна за запирање на пандемијата.Во студијата спроведена на 2.260 американски доброволци на возраст од 12 до 15 години, прелиминарните податоци покажале дека немало случаи на Ковид-19 кај целосно вакцинираните адолесценти. Компаниjата Фајзер и нејзиниот германски партнер Бионтек планираат во наредните недели да побараат од американската Управа за храна и лекови и од европските регулатори дозвола за итна употреба на вакцината кај деца од 12 години.Наскоро се очекуваат резултатите на американската студија за вакцината на компанијата Модерна за популацијата од 12 до 17 години.Во САД децата процентуално изнесуваат околу 13 отсто од вкупно заразените со коронавирусот.
Пандемија: Животот свртен на глава
Пред нешто повеќе од една година мистериозен нов коронавирус започна да се шири низ светот. Денес, бројот на заразени во пандемијата е над 100 милиони, а секојдневието на луѓето ширум планетата е драматично променето.
Фотографија: Flaming Lips/Warner Music/REUTERS
Колективно физичко дистанцирање
Сингапур има многу ниски стапки на инфекции со коронавирусот од октомври досега. Набљудувачите ја фалат оваа град-држава во југоисточна Азија за одржување на вирусот под контрола со внимателно следење на нејзините граѓани, делумно со апликацијата за задолжително следење. Падот на инфекциите значи дека локалното население може да посетува кино на отворено - под услов да се одржува физичка дистанца.
Фотографија: Edgar Su/REUTERS
Во Јужна Африка се шири страв
Јужна Африка е најтешко погодената африканска земја од пандемијата на коронавирусот. Овој пациент во болница во близина на Кејп Таун е еден од 1,4 милиони граѓани кои се заразени со Ковид-19. Новата варијанта на коронавирусот, позната како B.1.351 или 501Y.V2, само го зголеми стравот. Исто како и новата варијанта на британскиот вирус, се смета дека оваа јужноафриканска мутација е многу позаразна.
Фотографија: Rodger Bosch/AFP/Getty Images
„Социјално дистанцирање на сонце“
Со зголемените летни температури, многу Австралијци се во можност да уживаат во освежително пливање во океанот. Поставени се знаци за да ги потсетат посетителите на плажите да држат дистанца додека уживаат во сонцето, во обид да се спречи нов пораст на инфекции. Австралија забележа значително намалување на бројот нови случаи од септември наваму.
Фотографија: Bai Xuefei/Xinhua/imago images
Болка поради оние кои починаа
Келвија Андреа Гонкалвес (16) плаче на гробот на нејзината мајка во бразилскиот град Манаус - Андреа дос Реис Брасао почина на само 39-годишна возраст. Таа е една од безбројните жртви од Ковид-19 во градот кој остана без неопходниот кислород. Многу луѓе го обвинуваат екстремно десничарскиот претседател Жаир Болсонаро за мрачната состојба во земјата. Во Бразил од вирусот починаа над 221.000 лица.
Фотографија: Bruno Kelly/REUTERS
Што е сигурно е сигурно?
Во Хонг Конг, властите оградија цели населби без предупредување како одговор на ненадејниот пораст на инфекциите. Градот, посебен административен регион на Кина, наметна слични драконски мерки за спречување на епидемијата на вирусот како оние кои беа во сила во Кина. До неодамна, стапките на инфекции тука беа многу ниски.
Фотографија: Tyrone Siu/REUTERS
Танцување во сопствен меур
Американскиот рок-бенд The Flaming Lips смисли начин како да организира концерти со физичка дистанца: на неодамнешниот концерт во Оклахома Сити, бендот ја замоли публиката да влезе во пластични меури кои се надувуваат. На овој начин, тие можеа да се танцуваат додека безбедно се изолирани во сопствени меури. Публиката дури можеше да го држи на раце и фронтменот Вејн Којн кој се стркала од сцената.
Фотографија: Flaming Lips/Warner Music/REUTERS
Цркви претворени во центри за вакцинација
Многу цркви во моментов се затворени поради пандемијата, па местата за богослужба се претвораат во центри за итна вакцинација- како тука во катедралата Лихфилд, во близината на Бирмингем, Англија. За разлика од земјите во ЕУ кои во моментов се соочуваат со недостиг на вакцини против Ковид-19, Велика Британија редовно се снабдува со дози.
Фотографија: Carl Recine/REUTERS
Светло на крајот од тунелот
Ејми Езат подготвува торта во форма на вакцина која треба да се дистрибуира меѓу пациентите со Ковид-19 кои се лекуваат во болницата во Каиро. Египет се бори да ја активира својата кампања за имунизација низ целата земја. Сепак, на многумина можноста да се вакцинираат против коронавирусот им дава огромно чувство на надеж.
Фотографија: Hanaa Habib/REUTERS
8 фотографии1 | 8
Кинеските вакцини: безбедни и ефикасни
Вакцините на кинеските лаборатории Синофарм и Синовак се покажаа безбедни и ефикасни против Ковид-19, но се потребни дополнителни податоци, соопштија денеска стручњаците од Светската здравствена организација (СЗО). Оваа проценка ја направи Советодавната стратешка група на стручњаци за вакцинација (САГЕ), тело во СЗО, која се сретна од 22 до 25 март. Овие стручњаци се задолжени да дадат препораки по прашање на вакцинацијата. Во документот, каде се резимираат главните точки на состанокот, стручњаците навеле оти овие две кинески вакцини за кои е поднесено барање за одобрување во СЗО, покажале дека се „безбедни и ефикасни против Ковид-19 кога заразениот има симптоми“.
„Меѓутоа, нема податоци кога станува збор за постари лица и за лица со претходни болести“, се наведува во документот. Кога ќе се додадат овие податоци ќе биде потребна студија за ефикасноста и безбедноста на овие две вакцини за тој сегмент од населението.
Одлуката на СЗО на барањето за одобрување на вакцините Синофарм и Синовак се очекува најрано на почетокот на април. Претседателот на експертската група, Алехандро Кравиото, изјави дека експертите ќе ја почекаат одлуката на СЗО за одобрување на вакцините пред да ги објават своите препораки за употреба на двете кинески вакцини.
СЗО на 31 декември 2020 година ја одобри првата ковид-вакцина за итна употреба на компаниите Фајзер/Бионтек. Организацијата на 15 февруари ја одобри вакцината на АстраЗенека, а на 12 март вакцината на Џонсон и Џонсон, со само една доза.