1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Построги мерки против лекарите кои пропагираат Ивермектин?

6 ноември 2021

Поради пропагирање на лекот Ивермектин, кој го нема во протоколот за лекување на ковид, од функцијата е сменет шеф на клиника во Ниш. Зошто тој лек „за употреба кај животни“ е толку контроверзен?

Пакување од ветеринарниот лек Ивермектин, купено во аптека во Ниш, Србија
Пакување од ветеринарниот лек Ивермектин, купено во аптека во Ниш, СрбијаФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

„Добар ден, имате Ивермектин“, прашуваме во ветеринарна аптека. „Сакате пакување од 100 грама“, е единственото прашање кое ни го постави аптекарот. Плаќаме 350 динари за кесичка прав која група противници на вакцинирањето, во која има и многу лекари, ја препорачуваат како превентива и лек против Ковид-19.

На предната страна на кесичката Ивермектин јасно е видлив натписот „за примена на животни“. Покрај него има црвени квадратчиња од кои 7 се празни, а во една е нацртана свиња. На позадината од кесичката, на врвот пишува „Целен вид: свиња“. Како тогаш дошло до тоа вајбер-групата „Лекари и родители за наука и етика“, која брои над 11.000 члена во Србија, против коронавирусот го препорачува токму овој ветеринарен додаток за исхрана на свињи? И како пресметале која доза се користи кога на кесичката за овој антипаразитик стои упатство за свињи до 40 и над 40 килограми?

Препораките за употреба на Ивермектин на задната страна од пакувањето на лекотФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

„Ивермектин нема да го намали бројот на заразени“

Координаторот на ковид-болниците на југот на Србија, доктор Радмило Јанковиќ вели дека овој лек никогаш не бил во протоколот за лечење на Ковид-19, бидејќи никогаш нема направено значајни студии, туку само повеќе мали.

„Она што јас последно сум го видел е Кохрановата база на податоци. Тоа е специјализирана научна установа која во јуни годинава објави одговор на прашањето дали Ивермектин го намалува морталитетот и дали намалува преминот од полесни во фатални случаи на заболените од Ковид-19. По анализите на неколку студии, кажано е, парафразирам, дека нема или има многу малку докази оти тој помага. За мене како научник, доктор и професор, и како некој кој координира со ковид-болници, тоа е повеќе од доволно. Би сакал податоците да се поволни, не за овој, него за кој било лек - веднаш би го уфрлиле“, вели доктор Јанковиќ.

„Невозможно е да се дава Ивермектин како превенција, прво никој не знае каже колку превентивно: 5, 10, 15 дена или повеќе, и кои дози се доволно превентивни. Таа приказна треба да ја тргнеме ад акта, бидејќи имунизацијата е единствена превенција“, вели тој. „Ивермектин нема да го намали бројот на заразени што е наша цел. Што се однесува до терапискиот ефект, тука нема докази, а секако мораме да примениме тераписки протокол кој е востановен, кој е во повеќето земји.“

На прашањето колкав проблем тоа им создава на докторите во лечењето на оние пациенти кои користеле Ивермектин, доктор Јанковиќ вели дека имале такви пациенти, оти некои починале, а некои не. Но, не кажува колкав е бројот.

Координаторот на ковид-болниците во јужна Србија, Радмило Јанковиќ вели дека Ивермектин никогаш не бил во протоколот за лекување на Ковид-19 во земјатаФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Штури одговори од Лекарската комора

Не е познато, значи, дали бројот на починати е мал или не, но поради промовирање на овој лек во вајбер-групата „Лекари и родители за наука и етика“, началникот на Оделението за кардиологија на Клиниката за педијатрија во Ниш е сменет од тоа место. Не е познато ни дали тој или докторите како него и натаму ќе ги лечат пациентите.

Директорот на нишкиот клинички центар, Зоран Першиќ, не сакаше за оваа тема да разговра со новинарите. Истото прашање беше поставено и до Лекарската комора на Србија во Белград и до Регионалната лекарска комора за југоисточна Србија, но одговорите на претседателот на оваа комора, професор доктор Борис Ѓинѓиќ, се многу штури.

Во одговорот стои дека тоа е многу комплексна тема, оти одговорите лежат и во доменот на здравствената инспекција и во доменот на Етичкиот одбор на комората, па тој со директен одговор не сака да да ги наруши тие процеси. Тој додава и оти Лекарската комора на Србија секогаш ќе делува од гледна точка на медицината базирана на докази и дека таа има јасен став оти вакцинацијата е најдоброто и најефективното средство во лекувањето на разни болести.

Протести во Ниш на антиваксерската група „Лекари и родители за наука и етика“Фотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

„Пијат сè и сешто"

Координаторот на ковид-болниците на југот на Србија, д-р Радмило Јанковиќ, вели дека оние што се сомневаат во вакцинација пробуваат сѐ и сешто кога ќе се заразат. И одат во болница кога веќе е прилично доцна.

„Зошто имаме таков проблем? Никој не ни се јавува во рана фаза на болеста, а имаме одличен протокол, супериорни лекови кои мора да се даваат во раната фаза на болеста. Доаѓаат во болница на 10-тиот или 11-тиот ден со веќе развиена пневмонија, кога лековите што ги користиме во рана фаза немаат ефект. И пијат сѐ и сешто. Дали пијат ивермектин или не, тоа не менува ништо во нашиот пристап, бидејќи кога ќе стигнат до нас, тоа се веќе подоцнежни фази кога веќе има оштетување во организмот и потоа даваме лекови кои треба да го ублажат тој хиперимунолошки одговор на организмот.  Да ви кажам дека ивермектинот бил штетен - немам научни докази за тоа. Но, тоа секако е штетна приказна во начинот на кој се пренесува“, смета д-р Јанковиќ.

Групата од почетокот на приказната „Лекари и родители за наука и етика“, која е основана во август годинава, ширум Србија протестира против вакцините, ПЦР тестовите, употребата на маски и слично. Продолжува јавно да промовира алтернативни начини на превенција и лекување на својата веб-страница. Останува нејасно дали лекарите кои препорачуваат антипаразитски лек наменет за свињи ќе продолжат да ги лекуваат пациентите во нивните ординации. Ниту министерот за здравство Златибор Лончар не прецизираше какви „соодветни последици“ ќе сносат овие лекари. Тој само побара од медиумите да не им даваат простор на оние кои се против вакцинација.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми