1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Сведоштва за последиците од ковид кај децата

Даниела Трпчевска-Зафировска
9 март 2021

Коронавирусот се посериозно ги напаѓа и најмладите во С. Македонија. Иако симптомите се различни, последиците од болеста можат да бидат многу сериозни и кај нив. Некои симптоми се исти како кај постарите.

USA Kalifornien | Schule und Corona-Pandemie
Фотографија: Prentice C. James/CSM/Zuma/picture alliance

Малата Јана има само 6.5 години. Безгрижната детска игра со постариот брат во детската соба, од пред неколку дена ја замени со болнички кревет. Причина е непредвидливиот вирус Ковид-19, кој им ја одзема насмевката и на малата Јана и нејзината мајка Ане, која веќе неколку дена деноноќно се грижи за својата болна ќерка во Детската болница во Козле. 
„Иако сите велат дека децата заразени со коронавирус поминуваат полесно, ние сфативме дека болеста може да биде многу посериозна и тешка отколку кај возрасните“, раскажува за ДВ, скопјанката Ане Василевска, во чие семејство Ковид-19 навлегол во февруари годинава.
Најпрво се заразил нејзиниот свекор, на вирусот не останала имуна ниту нејзината свекрва, по неколку дена симптомите се појавиле и кај нејзиниот сопруг, за на крај да се зарази и малата Јана.
„Почна да се жали на ужасни болки во главата. Дури ја маваше главата од што не можеше да го издржи тоа. Потоа почнаа болките во нозете, толку интензивни, што во петокот не можеше ниту да стане од кревет“, сведочи мајката за проблемите со кои минатата недела се соочило семејството. 
Веднаш била побарана лекарска помош. Од Инфективната клиника биле упатени на Иститутот за белодробни заболувања кај деца во Козле, каде биле направени сите неопходно тестирања. Малата Јана е позитивна на Ковид-19. Иако нејзината мајка е постојано со неа, таа вели дека засега добро се држи - кај неа не е детектиран вирусот. Траги од Ковид-19 нема ниту кај нејзиниот 11 годишен син.  
„Јана имаше температура само еден ден, но затоа главоболките не се смируваат. Постојано и даваме парацетамол и блок макс, но дејството брзо поминува, па повторно почнува со вриштење, се жали на големи болки. Откако сме во болница добива витаминска терапија и инфузија, двапати во текот на денот, и веќе се чувствува подобро. Се надеваме дека наскоро ќе ја напуштиме болницата“, вели загрижената мајка. 

Разорната моќ на вирусот

Ова не е инциденттен случај. Иако и светските, но и домашните искуства покажуваат дека децата релативно полесно го поднесуваат и пребродуваат вирусот, сепак не се исклучок ниту случаите каде Ковид-19 се појавува во сета своја разорна моќ и остава големи последици врз здравјето на децата. 

Лекарите укажуваат дека и децата можат да имаат сериозни последици особено во пост-ковид периодотФотографија: picture-alliance/abaca/A. Marechal

Според Министерството за здравство, во Институтот за белодробни заболувања кај деца во Козле во моментов има 26 пациенти. Според податоците на Институтот за јавно здравје објавени пред неколку дена, најмалку заразени има кај децата до 9 години (1,7%), додека во групата деца и тинејџери од 10-19 години биле 5,2% од вкупниот број тестирани. 
Родителите чии деца имаат проблеми на вирусот, на специјализирани групи за ковид совети на Фејсбук секојдневно споделуваат искуства како да се справат со болеста. Некои велат дека нивните деца со никакви или многу благи симптоми го поминале вирусот. Други споделуваат дека 13 месечни бебиња имаат црвен осип по телото, кој некогаш се смирува, но некогаш се шири по целото тело. 

-повеќе на темата: Какви последици има пандемијата врз нашите деца?

Директорката на Клиниката за детски болести во Скопје, д-р Аспазија Софијанова за ДВ потврдува дека иако првично се мислело дека децата полесно го пребродуваат вирусот, искуството изминатиов период покажува дека и најмалите можат да имаат сериозни последици особено во пост-ковид периодот. 
„Децата реагираат на ковид на најразлични начини. На почетокот сметавме дека вирусот е безопасен за нив, но се повеќе гледаме дека тој може да направи огромна штета на одредени органи во телото на децата. Тие можеби немаат симптоми како возрасните - висока температура и кашлица, но кај децата се појавуваат пост-ковид компликации кои можат да бидат многу сериозни“, вели д-р Софијанова. 

Симптоми

Многу симптоми на Ковид-19 се слични со симптомите на грип, настинка и други болести, па затоа е потребен тест за да се потврди дали некој има коронавиус. Симптомите може да се појават 2 до 14 дена по изложеноста на вирусот и може да варираат од многу лесна до тешка болест. Некои кои се заразени или биле заразени немаат никакви симптоми.
Најчести симптоми се температура, кашлица и замор. Други симптоми може да вклучат губење здив, болка или притисок во градите, болки во мускулите или телото, главоболка, губење осет за вкус или мирис, конфузија, воспаление на грлото, затнатост или течење на носот, дијареја, гадење и повраќање, болки во стомакот и осип на кожата. Покрај овие симптоми, доенчињата може да имаат тешкотии со цицањето. 
Децата на секоја возраст може да се разболат од Ковид-19. Иако децата и возрасните доживуваат слични симптоми, болеста кај децата обично е помалку сериозна отколку кај возрасните, се наведува во извештај на УНИЦЕФ.

-повеќе на темата: Ковид-19: Расте бројот на британски деца со поствирално заболување

Симптомите кои налагаат итна медицинска помош се: отежнато дишење (исто така и хрчење, неможност за цицање кај новороденчињата), модри усни или лице, болка или притисок во градите, конфузија, неможност за будење/интеракција, неможност да се пие или да се голта течност, силна болка во стомакот. 
„Ова е нов вирус и сè уште откриваме на кој начин ги погодува  децата или бремените жени. Знаеме дека е можно луѓето од секоја возраст да се заразат и да го пренесат вирусот, иако се чини дека постарите лица и/или оние со веќе постоечки медицински состојби имаат поголеми изгледи да развијат сериозна болест“, се додава во извештајот кој е објавен со цел да им помогне на родителите да ги препознаат сиптомите и да се справат со вирусот кој ги напаѓа и децата. 
Постојат извештаи за редок, но сериозен мултисистемски воспалителен синдром кој ги напаѓа децата и адолесцентите, можеби поврзан со Ковид-19. Клиничките карактеристики може да вклучат, но не се ограничени на: упорна температура; осип; црвени или розови очи; отечени или црвени усни, јазик, раце, нозе; гастроинтестинални проблеми; низок крвен притисок; слаб проток на крв во органите; и други знаци на воспаление. Многу од овие деца биле позитивни на Ковид-19. Сепак, не е со сигурност познато дали инфекцијата со ковид ја предизвикува оваа состојба. Досега, вакви случаи се пријавени претежно во Северна Америка и Европа. 

Ковид-19: Долгиот пат на опоравување

03:31

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми