1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ковид: Ќе мора ли постојано наново да се вакцинираме?

Фабијан Шмит
4 јануари 2022

По првичното имунизирање, бројот на антитела се намалува, па е потребна „освежувачка“ вакцина. Израел веќе им препорачува четврта доза вакцина на луѓето над 60 години. Ќе има ли некогаш крај?

Deutschland Erfurt Corona-Impfung
Фотографија: Jens Schlueter/Getty Images

Бустер или „обновувачките" вакцинирања се потребни, зашто бројот на антитела во нашето тело со време се намалува. Кај мРНК вакцините, до крајот на ноември 2021 година важеше правилото: околу шест месеци по примените две дози против Ковид-19, доаѓа трета доза.

Но, со појавата на варијантата Омикрон, се покажа дека е потребно третата, бустер доза да се прима порано. Германските лекари и политичари од областа на здравството оттогаш препорачуваат бустер вакцина веќе по три месеци.

А на почетокот на јануари 2022,  израелскиот премиер  изненадувачки повика сите граѓани над 60 години да се вакцинираат дури и по четврти пат.

И во Германија веќе има луѓе со примена четврта доза корона-вакцина. По правило, тоа се луѓе загрозени поради претходни заболувања, како дијабетичари или пациенти кои примаат лекови кои го потиснуваат нивниот имунолошки систем. Во ваквите ретки случаи матичниот лекар е одговорен за давање четврта доза.

Уште колку долго ќе биде потребна бустер вакцина?

Но, дали вака ќе оди во недоглед? Мора ли да се подготвиме на секои шест месеци во иднина или наесен да имаме потреба од „освежувачка“ вакцина, слично како кај грипот?

Одговорот на ова прашање медицинарите уште не го знаат, зашто недостига соодветно искуство.

Притоа улога играат различни фактори: веројатно е дека вакцините против коронавирус во иднина ќе мора да бидат приспособени на новите вирусни варијанти, слично како и кај сезонскиот грип. Веќе сега во развој се повеќе бројни нови корона вакцини, соодветни на пример за Делта или сојот Омикрон.

Дали САРС-КоВ-2 ќе стане ендемиски?

Решавачка улогоа притоа игра и натамошниот развој на пандемијата. Не е јасно дали пандемијата по четвртиот или петтиот бран ќе спласне, или дали Ковид-19 со неговите варијанти ќе премине во ендемиска форма, односно ќе се појавува постојано во одредени региони и тоа ќе трае со децении.

Тесно поврзано со тоа е и прашањето за имунитет на стадо. Дали наскоро ќе го достигнеме? Дали тоа ќе се случи со помош на вакцините или преку ненамерно инфицирање, како што се навестува на пример уште сега во големи делови од Африка? Со оглед на високите вредности на инциденцата, такво нешто може да се случи и во Европа. 

Да не се заборават Т-клетките

Но, во поглед на имунитетот, не треба да се имаат во вид само антителата, што покажува и студија која ја спроведе голем тим научници од Велика Британија и Сингапур и ја објави на 10 ноември во стрчниот часопис „Природа“.

Научниците пронашле вработени во здравствениот систем, кои имале висок експозиционен ризик од САРС-Ков-2, но во сите тие месеци ниту видно заболеле од Ковид-19, ни пак биле позитивни на ПЦР тест. И при серолошки тест за антитела 58 вработени останале без наод.

Но, научниците констатирале дека кај т.н. серонегативни вработени во здравството се присутни повеќе така наречени мултиспецифични мемориски Т-клетки отколку кај споредбената група, која работела под значително намален ризик.

Овие Т-клетки се насочени посебно против репликаторно-транскриптскиот комплекс, кој во крајна линија е одговорен за размножување на вирусот. Нејасно е од каде тие 58 вработени го добиле толку силниот имунитет преку Т-клетки, можно е тој да настанал преку поранешна инфекција со друг коронавирус, на пример некој вид настинка.

Ќе се постигне ли имунитет на стадо?

Можна последица би била: повторената изложеност на коронавируси, на пример ако САРС-КоВ-2 навистина стане ендемски и ние помалку доаѓаме во контакт со патогени, може да води до тоа нашиот имунолошки систем подобро да се оспособи за одбрана, сеедно дали со антитела или со Т-клетки. Со тоа ќе бидеме чекор поблиску до имунитет на стадо.

Научниците меѓутоа предупредуваат на претпазливост. Никој не смее да се залажува дека е отпорен на САРС-КоВ-2, зашто ризикот да не поседува отпорност, е преголем.

Останува прашањето, дали идната есен повторно ќе мораме да примиме вакцина против коронавирус. Но, за одговорот на тоа ќе треба да почекаме!

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми