1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ковид -19 ги „инфицираше“ и социјалните мрежи

ДТЗ /ДВ
24 ноември 2020

Обвинителството отвори предмет за случајот во Охрид, каде преку социјалните мрежи се споделуваат списоци на заболени од коронавирус. Се проверува и случајот во битолската болница каде беа фотографирани мртви пациенти.

Mazedonien Coronavirus Uniklinik in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Пандемијата на Ковид -19 ги „инфицираше“ и социјалните мрежи. Како што се распламтува вирусот, така се поголем замав земаат и злоупотребите, меѓусебните обвинувања и напади на социјалните мрежи од кои не се поштедени ниту граѓаните и нивните лични податоци, ниту заразените со Ковид-19, а се почесто на удар на критиките се и здравствените работници и условите во кои се лекуваат заболените. Надлежните институции битката против Ковид-19 ја водат на неколку фронта деновиве – обвинителството трага по лица кои со месеци наназад по социјалните мрежи споделувале списоци со заразени со Ковид-19. Оваа негативна пракса започна во Струмица, се прошири кон Куманово, за на крај да земе најголем замав во Охрид.

Покрај списоци, социјалните мрежи секојдневно се преплавени и со фотографии од болничките кревети. Се критикуваат условите, негрижата за заразените, немањето кревети за сите. Последната фотографија споделена на Фејсбук, на која може да се забележи пациент кој прима инфузија, а покрај кој лежат двајца починати пациенти, резултираше со реакција на министерот за здравство Венко Филипче, кој побара вонреден инспекциски надзор во болницата во Битола. Ова ќе биде трет вонреден надзор во болниците во последниве десетина дена, по случаите во Штип и во ковид-болницата „8 Септември“.

Отворен предмет за списоците

Охридското јавно обвинителство оформи предмет за ширење на списоци со лица заразени со Ковид-19 од Охрид преку социјалните мрежи. По допрен глас СВР Охрид испрати известување до Основното јавно обвинителство во Охрид, за да се истражи кој јавно на социјалните мрежи објавува списоци со имиња на граѓани од Охрид, позитивни на Ковид-19. Вакви списоци веќе речиси најмалку три месеци се шират меѓу охриѓани. Надлежните повикуваат граѓаните да пријават доколку наидат на такви списоци.

Правниците укажуваат дека давањето на лични и медицински податоци на еден пациент без негова согласност се коси со законот за заштита на правата на пациентите и законот за заштита на личните податоци. Стигматизацијата, пак, на лицата кои се позитивни на вирусот, доведува до нивно вознемирување.

Од Општата болница Охрид преку нивната Фејсбук страница порачаа дека тој што треба да биде стигматизиран и ставен на столбот на срамот, е тој што не ги применува мерките за заштита, алудирајќи на тоа дека не треба да бидат стигматизирани тие кои се инфицирале со вирусот. „Сите имиња и презимиња (случајно или намерно излезени во јавност) на досегашни заболени (и починати) од Ковид-19 нека Ви бидат претежок товар за Вашата неодговорност. Чувајте се себеси и своите најблиски“, порачаа од болницата.

Објавувањето списоци на заболени ги стигматизира тие групи граѓани, велат здравствените работнициФотографија: Mykola Berdnyk/DW

Од почетокот на пандемијата беа регистрирани неколку случаи кога се ширеа списоци со заразени од коронавирус и во други градови низ државата. Таков беше случајот и кога во Струмица беше објавен список со имиња на одбојкарки, а на кој се најдоа и 20-тина девојки. Од одбојкарскиот клуб тогаш најавија и кривична пријава против креаторот и лицата што го споделувале списокот. Во април годинава, Агенцијата за заштита на лични податоци поднесе кривична пријава заради неовластено објавување на списоци на кои биле објавени имиња, датум на раѓање и адреса на живеење на лица заразени со коронавирус, најверојатно од подрачјето на Куманово.

Доверливост на податоци

Законот за правата на пациентите гарантира доверливост на личните и медицинските податоци, кои мора да се чуваат во тајност и по смртта на пациентите. Законот за заштита на личните податоци исто така гарантира тајност и заштита во обработката на личните податоци, пропишувајќи обврска за здравствените центри, болниците и институтот за јавно здравје да ги чувааат како доверливи личните податоци на пациентите.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми