1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГлобално

Ковид-19 и витаминот Д: Помош или „хајп“

Јулија Вергин
11 јули 2020

Витаминот Д игра улога во речиси сите процеси во нашето тело. Една студија сега вели дека недостиг од витамин Д би можело да го влоши текот на Ковид-19. Дали е тоа вистина?

Symbolbild Vitamintablette
Фотографија: picture-alliance/dpa/empics/C. Ball

Неспорно е дека витаминот Д игра улога во целото тело и има важна функција. Голем недостиг од витамин Д, при вредности од 12 нанограми на милилитар крв или уште помалку, води до тешки и болни деформации на коските, кои на детска возраст се нарекуваат рахитис, а кај возрасните - остеомалазија. Но, тука и завршува консензусот на научниците.

Повеќе:

Со витамини во борба против Ковид-19

Како да останете здрави за време на изолацијата поради коронавирусот

ЕК даде условена дозвола за ремдесивирот

Од која точка почнува недостигот?

Колку витамин Д му е навистина потребен на човекот не знае никој со сигурност. Оттука, спорно е прашањето од која точка, односно вредност, почнува недостигот. Затоа, честопати како мерка се земаат повеќе гранични вредности. Факт е, меѓутоа, дека витаминот Д е се’ поомилен.

Полет бележи не само псевдонаучната литература за „сончевиот витамин“, туку енормно зголемување во последните години е забележливо и во научните истражувања на оваа тема. Витаминот Д во меѓувреме е одговорен не само за функционален скелет, туку се доведува во врска и со кардиоваскуларни заболувања, дијабетес тип 2 и различни видови на тумори.

За се’ и сешто

Нивото на витамин Д се зголемува и опаѓа главно под влијание на сончевите зраци. Доколку кожата впива доволно УВ-зраци, телото е во состојба самото да го произведува овој витамин. Само отприлика 10 до 20 проценти од потребите на телото се покриваат преку исхраната.

Витаминот Д кој се синтетизира преку сончеви зраци или исхрана прво не е биолошки активен. Мора да следат извесни метаболички процеси пред биолошки активната форма на витаминот, т.н. калцитриол, да се создаде во бубрезите и оттука да премине во крвотокот. Многу органи имаат рецептори за предстепенот на калцитриол. Од него органите потоа самите создаваат калцитриол, кој се користи за безброј други процеси во телото. Оваа форма на витамин Д го регулира лачењето на инсулинот, го спречува растот на туморите, поттикнува создавање црвени крвни зрнца и игра улога во опстанокот и делувањето на макрофагите кои се многу важни за имунолошкиот систем.

Малку витамин Д, тежок тек на Ковид-19?

Во студија на Универзитетот Хоенхајм сега се повлекува поврзница помеѓу недостигот од витамин Д, одредени претходни болести и тешкиот тек на Ковид-19.

Во студијата се вели: „Постојат многу укажувања дека различни непреносливи болести (висок крвен притисок, дијабетес, болести на кардиоваскуларниот систем, метаболички синдром) се поврзани со ниско ниво на витамин Д. Таквите придружни заболувања, заедно со недостигот од витамин Д кој често ги следи, го зголемуваат ризикот од тежок развој на Ковид-19“, се вели во анализата.

„Тоа тврдење е сосема точно“, вели Мартин Фаснахт, началник на одделението за ендокринологија на Универзитетската клиника Вирцбург. Тој сепак додава дека станува збор за „чисто набљудување дека овие појави доаѓаат заедно“.

Овој ендокринолог е многу критичен кон возбудата околу витаминот Д. Не затоа што ја негира неговата важност, туку затоа што досегашните студии ја немаат потврдено исцелителската функција на витаминот Д. „Станува збор само за воочени корелации“, вели Фаснахт.

Тој се обидува тоа го појасни со пример:

„Замислете си две групи на 80-годишници. Во една група се здрави и активни луѓе кои се занимаваат со спорт. Кога овие луѓе ќе ги споредите со другата група старци од старечки дом, тогаш разликите во нивото на витамин Д се драматични. И проценките за должината на животот кај овие две групи се многу различни.“

Но, различната здравствена состојба да се објаснува само со статусот на витаминот Д, би било недоволно. „Нивото на витамин Д е добар показател доколку едно лице е болно, но ништо повеќе од тоа“, вели Фаснахт.

Ниту една од досега спроведените контролирани студии, во кои под лупа е ставено влијанието на витаминот Д врз различни болести, го нема потврдено претпоставениот ефект на витаминот Д од претходни асоцијативни и лабораториски студии, потенцира Фаснахт.

Истражувањата имаат смисла

Препорака во анализата објавена од страна на Универзитетот Хоенхајм гласи: „При сомнеж за инфекција со коронавирус, би требало да се провери нивото на витаминот Д и доколку постои дефицит, тој треба да се отстрани“.

„Постојат студии во кои се проверува дали витаминот Д помага при Ковид-19, но јас лично не верувам дека тоа е навистина така“, потенцира Фаснахт. Сепак, се разбира дека има смисла да се спроведат такви истражувања:

„Не сакам да исклучам дека навистина постојат подгрупи на луѓе кои профитираат од дополнително внесување на витамин Д“, вели тој.

Врз основа на досегашните истражувања, Фаснахт смета дека превентивните супститути на витамин Д не се од голема помош: „Малку верувам во тоа дека витаминот некаде помага, но, се разбира, моето мислење може да е погрешно.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми