Крвната плазма како привремено решение против Ковид-19
Оливера Живковиќ
27 април 2020
Од утре во македонските болници започнува лекување со крвна плазма на болните од Ковид-19. И во Србија и во Германија се повикуваат оздравените лица да донираат крвна плазма. Но колку терапијата е навистина делотворна?
Реклама
Таканаречената пасивна имунизација е вид третман во кој крвната плазма се зема од лица кои оздравеле од коронавирусот, за да се донира на оние кои не можат сами да развијат антитела со кои организмот би се изборил со вирусот. И во Србија и во Германија веќе постојат голем број оздравени пациенти и во двете земји има голем интерес да се донира крвна плазма.
За ДВ на оваа тема зборуваа Марија Гњатовиќ, научна соработничка во Институтот за примена на нуклеарна енергија и професорот Ерхард Зајфрид од франкфуртскиот Институт за трансфузија на крв и имунологија.„Кандидатите за донирање на плазма се исклучиво пациенти кои развиле високо ниво ефикасни антитела по инфекцијата, што за жал не е секогаш случај“, објаснува Гњатовиќ.
Според неа, високото ниво на антитела не подразбира автоматски и нивна ефикасност во борба со вирусот, но е секако подобра шанса ако нивото на антителата е високо. Она што сѐ уште не е познато е дали пациентите со симптоми на Ковид-19 развиваат помалку или повеќе антитела од оние без симтоми.
Според досегашните истражувања на франкфуртскиот Институт за трансфузија на крв, постојат пациенти кои имале силни симптоми, но развиле слаби антитела. Од друга страна има пациенти кои немале симптоми, но развиле силни антитела. На овој Институт во моментов се утврдува дали тежината на болеста и видот на симптоми имаат некакво влијание на изградбата антитела во организмот.
Професор Зајфрид истакнува дека на овој вид лечење се гледа како на „пакет помош во вонредна ситуација, кога немате лекови и вакцини“, и додава оти ништо не може да ја замени активната имунизација која би се постигнала со вакцина. Она што е сигурно е дека со оваа терапија не може масовно да се лечат пациентите.„Оваа терапија се дава само на тешко заболените пациенти чиј организам не може сам да развие антитела“, вели Гњатовиќ.
Посебни клинички студии за утврдување на ефикасноста на терапијата
Иако во земји како Германија, Кина, Америка и Јужна Кореја, на помал број пациенти е веќе утврдено дека третманот со крвна плазма придонесол за опоравување на пациентот, потребни се детални клинички испитувања за да се утврди вистинската ефикасност на оваа терапија. На франкфуртскиот Институт за трансфузија на крв започна првата таканаречена проспективна кохортна студија на светот чија цел е да се испита ефикасноста на крвната плазма при лечењето на тешко заболените. Од две групи пациенти заразени со кронавирус, едната ќе прима крвна плазма со антитела против корона, а другата само лекови кои во моментов се употребуваат за ублажување на симптомите од болеста.
„Терапијата со крвна плазма може да има и несакани дејствија како алергиски реакции, а може да се случи и пациентот едноставно да не реагира на терапијата“, објаснува професор Зајфрид и потенцира дека студијата ќе допринесе во разбирање на имунолошкиот одговор на организмот, кој претставува клуч во понатамошната борба против пандемијата од коронавирусот.
Пет совети за подобро физичко и ментално здравје во корона-кризата
Вакцина нема, лек исто така. Експертите, во моментов, не се сигурни ни дека оние кои оздравеле од Ковид-19 се целосно заштитени од нова инфекција. Затоа е препорачливо јакнење на личниот имунитет среде пандемијата.
Фотографија: Fotolia
Здрава исхрана
Докажано е дека здравата исхрана го намалува ризикот од хронични болести како што се проблемите со циркулацијата, дијабетисот или со дебелината. Исто така, со здрава исхрана се намалува и ризикот од депресија и од анксиозност. СЗО потсетува - но тоа важи и без пандемија - дека треба да се остават алкохолот, цигарите и сите останати дроги
Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Heinz
Добар сон
Додека спиеме, телото вредно работи: келиите се обновуваат, се отстрануваат отровите, се зацврстува помнењето. Како што покажаа истражувањата, недостатокот на сон влијае не само на физичката состојба, туку и на психичката. Недостатокот на сон нѐ прави поподложни на хронични болести. На поголемот број луѓе им се доволни 6 до 9 часа сон, но важно е да се спие во одреден ритам.
Фотографија: Colourbox
Движење и вежбање
Движењето го исполнува телото со „хормоните на среќа“. Тоа овозможува подобро спиење, ги намалува стресот и стравовите, го зајакнува помнењето. Движење и спорт, па макар и дома - најмалку 30 минути дневно. Тренерите велат дека не важно како ќе ги поделите тие минимални 30 минути - можеби по 10 минути наутро, напладне и навечер? Кога можете излезете на свеж воздух.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. pedersen
Одржување на контактите
Пријателите во овој период на социјална изолација поради коронавирусот се поважни од кога било. Социјалните мрежи се докажано добри за здравјето. Бидејќи излегувањата и собирите сега не се можни, речиси сѐ се одвива на интернет. Но, подобро така отколку никако.
Изолацијата можеби е шанса да се заборави на светот и на надворешните вести. Размислите, што сакате веќе подолго да направите но никако не стигнувате? Нешто во градината, да испробате нов рецепт, да научите да плетете, да прочитате некоја книга која веќе подолго ве гледа обвинувачки од полицата? Сега е идеално време за тоа.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene
5 фотографии1 | 5
Во Србија, исто така, ќе бидат организирани клинички испитувања на Институтот за трасфузиологија на крв, каде и натаму ќе се испитува ефикасноста од оваа терапија.
Струката се согласува - заштитен имунитет макар и на одредено време
Крвната плазма, меѓутоа, не служи само за лечење на заболените, туку има и исклучително значење за утврдување на развојот на имунитетот против вирусот.Во моментов во научната заедница се вршат опсежни истражувања кои требаат да утврдат колкав процент од луѓето градат имунитет и колку тој трае. Гњатовиќ истакнува дека поранешните испитувања на лицата кои биле заразени со САРС и МЕРС, кој се од истата група со коронавирусот како САРС-КоВ-2 и оти е тогаш утврдено дека имунитетот се создава од 2 па дури и до 5 години.
„Некои вируси создаваат долготраен имунитет, но постојат одредени вируси, кои создаваат имунитет само определено време, како вирусот на грипот. Кај други вируси пак се создаваат антитела, кои не се во состојба да го одбранат организмот од вирусот, каков што е случајот со ХИВ“, вели Гњатовиќ.
Таа истакнува дека мислење на целокупната научна заедница е дека кај Сарс Цов-2 имунитет ќе се развие барем неколку месеци до една година, што го потврдува и професорот Зајфрид.
Каде сѐ демне коронавирусот?
Коронавирус насекаде! Можеби дури и на пиперките, билетот за возење, сопственото домашно милениче. Што воопшто смеам да допирам? Ова вознемирувачко прашање си го поставуваат многумина. Еве неколку смирувачки одговори:
Досега познатите коронавируси остануваат опасни на површини како кваките околу четири-пет денови. Како и другите инфекции преку капки и SARS-CoV-2 се пренесува преку рацете и површините кои се допираат често во текот на денот. Иако вирусот е нов и затоа е прилично непознат, експертите сметаат дека и за него важат многу резултати од истражувања на други, веќе познати коронавируси.
Затоа, треба да се биде претпазлив и кога се руча во кантината на работното место - доколку таа одамна не е веќе затворена. Коронавирусите во основа можат преку кивање или кашлање на инфицирано лице да завршат на приборот за јадење или чиниите. Германскиот институт за проценка на ризици (БфР) меѓутоа пишува дека „досега не се познати инфекции со SARS-CoV-2 кои се појавиле со ваков начин на пренос“
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene
Страв од увозна стока?
Дали родителите мора да се плашат од инфекција преку играчки од увоз? Не, велат од БфР. Досега нема случаи на инфицирани лица за кои е докажано дека се заразиле преку увезени играчки или друга стока. Експертите сметаат дека вирусите немаат голема стабилност при промена на животната средина. Предизвикувачот на болеста е опасен повеќе денови пред сѐ во услови на студ и голема влажност на воздухот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Gollnow
Пакети полни вируси
Коронавирусите кои го напаѓаат човекот не се особено стабилни на суви површини. Со оглед на тоа што стабилноста на вирусите надвор од човечкиот организам зависи од могу фактори, како темпертурата и влажноста на воздухот, БфР ја смета инфекцијата по пошта за „главно неверојатна“. Сепак, институтот признава дека сѐ уште не располага со точни податоци за SARS-CoV-2.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Becker
Вирусен пинг-понг со домашното милениче?
Дали моето куче може да ме зарази мене или јас да го заразам него? Ризикот домашните миленичиња да се заразат од коронавирус е оценет како низок од страна на експертите. Но, тој не може сосема да се исклучи. Самите животни не покажуваат симптоми, значи не заболуваат. Но, доколку се инфицирани тие може преку својот здив, плунка, повраќање, урина да го пренесуваат вирусот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/A. Tarantino
Опасен зеленчук?
Пренесување на SARS-CoV-2 преку контаминирани прехранбени продукти, според БфР, не е веројатно. Досега нема докажани случаи на инфицирање на ваков начин. Темелно миење на рацете пред подготовка на оброкот, и во времиња пред и по коронавирусот, е нешто што се подразбира. Со оглед на тоа што вирусите се чувствителни на топлина, загревањето на намирниците натамошно го намалува ризикот од инфекција.
Досега познатите САРС и МЕРС коронавируси не сакаат топлина, но се прилично отпорни на студ. Тие може да останат опасни дури две години на температури од минус 20 степени Целзиусови. БфР меѓутоа смирува: досега нема укажувања за ланец на инфекции со SARS-CoV-2 преку конзумирање храна, вклучително и замрзнати продукти.
Избувнувањето на КОВИД-19 има и едно добро: Кина забрани храна од диви животни. Сѐ укажува на тоа дека новиот коронавирус врз човекот е пренесен од лилјаци. Лилјаците за тоа не се виновни, зашто веројатно завршиле во супа против своја волја. Но, борбата против SARS-CoV-2 ќе трае многу подолго и ќе биде потешка од ослободувањето од храна од диви животни.
Фотографија: picture-alliance/Photoshot/H. Huan
8 фотографии1 | 8
Двајцата експерти истакнуваат оти е најважно што повеќе да се истражува имунилошкиот одговор на лицата кои го прележале вирусот, бидејќи тие дотолку побргу можат да се вратат на работа, без ризик дека повторно ќе се заразат или ќе го шират вирусот.
За да се истражува имунитетот, потребни се многу веродостојни тестови, кои го детектираат присуството на антитела во кврната плазма.
Најбезбедно е домашното производство на тестови
Институтот за примена на нуклеарна енергија во Земун најави дека за нешто повеќе од еден месец ќе започне со производство на таканаречените тестови ЕЛИСА, со кои треба да се утврди вкупно присуство на антитела во крвта.
„Од сите тестови, нашето искуство покажува дека тестовите ЕЛИСА се поверодостојни од брзите тестови, кои изгледаат како тестови за бременост. Тие тестови немаат можност да детектираат високо или ниско присуство на антитела, а тестовите ЕЛИСА можат да го сторат тоа и нам ни е важно тоа за да го разбереме имунолошкиот одговор “, објасни Гњатовиќ.
Алтернативни поздрави во време на пандемија
За да го намалат ризикот од заразување со новиот коронавирус, луѓето ширум светот ги менуваат навиките за поздравување. Можеби ќе ве инспирира некоја од овие културни навики.
Фотографија: picture-alliance/AA/A. Hosbas
Ракување
Тоа е еден од најраспространетите поздрави во светото. Ќе излезе ли сега ракувањето од мода? Здравствените експерти препорачуваат да се избегнува за да се намали ризикот од зараза. Германскиот министер за внатрешни работи ја зема таа препорака сериозно па одби да се ракува со канцеларката Ангела Меркел. Двајцата потоа слатко се изнасмеаја.
Фотографија: picture-alliance/AA/A. Hosbas
Двоен бакнеж во образ
Француската влада ги советува своите граѓани да го избегнуваат традиционалниот бакнеж на двата образа. Но францускиот претседател Емануел Макрон во знак на поддршка го бакна италијанскиот премиер Џузепе Конте во Неапол неделава, давајќи до знаење дека не се плаши од коронавирусот.
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/P. Manzo
Да пукне!
Тоа е гест кој беше популаризиран во бејзболот и кошарката во САД. Преку него се пренесуваат околу 50% помалку бактерии одошто со ракување, но сепак, тоа не го прави целосно безбеден.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/R. Drew
Судир на тупаници
Најчесто користен во спортот, овој поздрав го популаризираше и поранешниот претседател на САД, Барак Обама, на сликата со шведската климатска активистка Грета Тунберг. Освен „кул“ факторот, тупаницата пренесува далеку помалку бактерии одошто ракувањето- над 90%.
Фотографија: picture-alliance/dpa/The Obama Foundation
Прегратки
Прегратката е уште еден начи на ширење микроби, но истражувањата покажуваат дека прегратката на саканиот може и да го зајакне имунолошкиот систем, а во некои случаи- и да ги подобри дипломатските односи. Прегратката меѓу претседателите на Јужна и Северна Кореја Мун Џае Ин и Ким Џонг Ун во 2018 предзивика различни реакции на двете страни на границата. Дотогаш тие само се ракуваа.
Фотографија: Reuters
Тапкање по рамо
Австралиските власти на своите граѓани им го препорачуваат токму овој гест: „Време е Австралијанците засега само да се тапкаат по рамо- без ракување“, изјави еден министер. Иако со овој поздрав речиси и не се пренесуваат бактерии, сепак во некои култури тоа може да се смета и за навреда.
Фотографија: Colourbox
Мавтање
Кралицата Елизабета и принцот Филип често им мавтаат на своите поданици од балконот на Бакингемската палата. Гестот потекнува од традицијата од 18-век кога витезите се поздравувале со вадење шлемовите за да го откријат својот идентитет и да покажат дека доаѓаат во мир. Мавтањето е исто така и навредливо во некои земји.
Фотографија: Reuters/K. Doherty
Тупаница и дланка
Во Кина, каде започна појавата на Ковид-19, традиционалниот „гонг-шу“ поздрав се препорачува во актуелниот момент. Поздравот на фотографијата го демонстрира кинеската актерка Мија Мучи.
Мал наклон со дланките споени една до друга во позиција како за молитва. Таи ваи поздравот е раширен во бројни земји на југоистокот на Азија- а уште е познат и како индиски „намасте“ или бурмански „мингалар пар“.
Фотографија: Imago Images/ZUMA Press/J. Kurtz
Јапонски наклон
Исто така безбеден, традиционалниот јапонски поздрав се уште се практикува во секојдневието. Учењето на елегантниот наклон е важен дел од општествениот статус. На фотографијата, вработени во еден трговски центар во Токио го вежбаат поздравот пред почетокот на новогодишната распродажба.
Фотографија: picture-alliance/dpa/MAXPPP/Kyodo
„Ногување“
Едно вирално видео од Кина неодамна ни покажа и нов начин на поздравување: „ногување“ или "footshake", кое некои го нарекуваат и „Вуханско ракување“. Триењето на валканите чевли, сепак е посигурно од ракувањето.
Фотографија: DW/S. Bartlick
Насмевка
Веројатно најлесниот начин да поздравите некого без да ризикувате размена на бактерии или да го навредите е да го погледнете во очи, да се насмевнете и да кажете здраво.
Фотографија: picture-alliance/PhotoAlto/E. Audras
12 фотографии1 | 12
Таа истакнува дека најважната причина за развој на домашните тестови лежи во фактот дека веродостојноста кај странски тестови не е загарантирана. „Ако некој прележал некој друг коронавирус, може да се добие лажен позитивен резултат ако имате лош тест“, додава Гњатовиќ.