Над 200 слободни болнички кревети повеќе за една недела
СН/агенции
1 мај 2021
Притисокот врз македонските ковид-центри постепено се намалува. Ако во минатата сабота имаше 500 слободни болнички кревети, денеска таа бројка, според податоците на министерството за здравство изнесува 740.
Реклама
Периодот на зајакнати рестриктивни мерки недвосмислено доведе до прекршување на третиот бран на епидемијата на коронавирусот во Северна Македонија. Позитивниот тренд на намалени бројки на новозаразени се отсликува и во болниците. За само една недела значително е зголемен бројот на слободни болнички кревети во ковид-центрите.
Според денешните информации на министерството за здравство во моментов има околу 740 празни болнички кревети ширум земјата.
Пред само една недела, во минатата сабота на 25 април таа бројка изнесуваше 500.
Инаку вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во Скопје и во болниците во другите градови низ земјава е 1147, соопшти денеска министерството за здравство.
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 24 нови пациенти поради компликации од коронавирусот, со што на инфективните оддели во главниот град вкупно се лекуваат 473 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.
Како коронавирусот го промени животот
Пандемијата на коронавирусот го промени од корен начинот на живот на каков што луѓето беа навикнати.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Ставете маска
И покрај тоа што македонските здравствени власти постојано предупредуваат дека носењето маска е важно за превенција од пандемијата на коронавирус, дел од луѓето сѐ уште се противат на носење маски. За неносење маски казната за граѓаните е 20 евра, за правните лица – 2000 евра. Затоа влезовите на продавниците од почетокот на пандемијата се „украсени“ и со вакви предупредувања.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Рестрикции и на отворено
Во С. Македонија маски мора да се носат и на отворено, а забрането е и групирање на јавен простор на повеќе од 4 лица по 21 часот. Не се групирајте, е апел кој постојано се повторува од страна на надлежните. Резултатите се половични – покрај дисцплинираните, сѐ уште има луѓе кои се групираат и не преземаат превентивни мерки. Оваа празна клупа трпеливо чека на крај на пандемијата и рестрикциите.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Здравствена криза, економска криза
Угостителските објекти работат со ограничено работно време – само до 21 часот. Исклучок се оние со сервис за испорака. Празните ресторани и кафулиња ја отсликуваат новата реалност што ја создаде пандемијата на Ковид-19. Многу фирми, посебно малите, се плашат од пропаѓање. Ќе им бидат ли доволни средствата за помош од државата?
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Каде се другарите?
Околу 90% од учениците следат онлајн-настава, а без проблеми се одвива и наставата со физичко присуство, тврди министерката за образование Мила Царовска. Пандемијата ја забрза дигитализацијата на образованието. Но, привремено го запре нормалниот детски живот. Како актуелното намалување на социјалните контакти влијае врз детскиот развој ќе биде веројатно предмет на многу истражувања во иднина.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Помала осаменост со домашно милениче
Домашните миленици, во време на затворање дома, можат да бидат добар чувар од психолошкиот стрес што со себе го носи пандемијата. Според студија на универзитетите Јорк и Линколн, 90% од испитаниците сметаат дека домашното милениче им помогнало во емоционалното справување со „локдаунот“, а дури 96% се уверени дека со помош на домашното милениче останале во добра физичка кондиција.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Сѐ за здравје
Од почетокот на пандемијата на Ковид-19, во пораст е побарувачката по витамини и сѐ што може да придонесе за зајакнување на имунитетот. Конзумирањето суплементи стана секојдневна рутина на многумина. Притоа, голем дел од она што го препорачуваат лекарите, не го покрива Здравствениот фонд, туку е приватен трошок. Лекувањето чини пари, превенцијата исто така. Но, сѐ за здравје!
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
6 фотографии1 | 6
Министерството потенцираше дека бројот на приеми во Скопје изминативе денови се намалува и утрината до 8 часот имало 280 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.
Во изминатите 24 часа, пак, во ковид-центрите во болниците надвор од Скопје е пријавено дека се лекуваат вкупно 674 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.