1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Приватните клиники полни- ќе се опремува старата Систина

ДТЗ /ДВ
20 ноември 2020

В недела се очекува министерот за здравство Венко Филипче и сопствениците на „Жан Митрев“, „Систина“ и „Ремедика“ да ги договорат деталите како ќе се користат ресурсите на приватните клиники. Кај нив нема слободен кревет

Mazedonien Coronavirus Uniklinik in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Од идејата, приватните болници да помогнат во лекувањето на заболените од ковид-19 преку преземање на пациенти во постојните простории, веројатно ќе нема ништо, односно ќе има алтернативно решение. Сопствениците на приватните болници „Жан Митрев“, „Систина“ и „Ремедика“ попладнево беа на средба со министерот за здравство Венко Филипче, и оттаму излегоа со став дека се подготвени да помогнат, но немаат место за прием на нови пациенти.

Алтернативното решение најверојатно ќе биде дополнително оспособување на стариот објект на „Систина- Мала Богородица“, каде веќе постојат одредени услови.

Според информации на ДВ, наместо прием на пациенти во нивните актуелни болници, сопствениците ќе треба да се договорат, во стариот објект на Систина, да обезбедат 100 кревети и персонал кој ќе ги опслужува пациентите, а со објектот ќе менаџира државата. Останува до недела да се договорат уште многу детали меѓу кои е и прашањето: кој и како ќе плати за целата операција?

„Разговорите беа конструктивни, а приватните болници изразија позитивен став во однос на користење на нивните ресурси од страна на државата за справување со пандемијата. Со оглед на тоа што за прв пат државата заедно со приватните здравствени институции треба да направи реорганизација за справување со ковид-кризата во време на пандемија, дополнителни прецизирања на условите, начинот на користење на ресурсите на приватните здравствени установи ќе бидат договорени на следниот состанок закажан за в недела. Дотогаш на формализирање на соработката работат тимовите од МЗ и приватните болници“, соопшти Министерството за здравство.

Листа на чекање

Жан Митрев ја поддржа идејата и се стави на располагање во ковид-битката, но рече дека во неговата клиника нема слободни кревети. Тој објаснува дека синоќа од медиумите разбрал за планот на Владата да прогласи кризна состојба и да ги вклучи и приватните здравствени институции во справувањето со епидемијата предизвикана од Ковид-19. Митрев во изјавата дадена во писмена форма, наведува дека во клиниката нема слободен кревет, а пациенти се ставаат на листа на чекање. Тој вели дека ја поддржува секоја иницијатива за ставање на сите расположливи капацитети на располагање. Митрев вели дека на почетокот на пандемијата ставиле 40 кревети на располагање за ковид пациенти, но бидејќи ситуацијата ескалирала, и во неговата болница притисокот од нови пациенти е голем. Нема слободен кревет и има листа на чекање, која секојдневно се зголемува.

„Моментално 80 кревети се пополнети и имаме над 30 пациенти, кои чекаат да добијат слободен кревет. Како се отпуштаат оздравените на дневно ниво, така се пополнуваат сите кревети. Бидејќи ситуацијата е навистина сериозна, јас и целиот свој тим се ставаме на располагање да помогнеме со нашето знаење и искуство“, вели Митрев. Тој додава дека околу разработка на дополнителни детали стојат на располагање и очекуваат понатамошни насоки од надлежните. Тој истакнува дека работат со полн капацитет и оти персоналот им е веќе преморен, а дел и во изолација.

Од почетокот на пандемијата, приватните клиники се вклучени во борбата против заразата, но со цени кои се повисоки и во однос на ПЦР тестовите, лабораториските анализи и болничкото лекување. Како што пишуваа медиумите во изминатиот период, во одделни болници цената на дневниот престој во приватните болници надминува 500 евра. Ако се има предвид дека лекување трае во просек по десетина дена, крајната сума којашто треба да ја платат пациентите би можела да се движи и по неколку илјади евра.

Уредба

Владата се очекува да објави Уредба каде прецизно ќе биде напишано под кои услови и на кој начин ќе се користат приватните здравствени установи од страна на државата за лекување на пациенти заболени од Ковид-19. Владата вчера најави воведување на кризна состојба во траење од 30 дена. Со тоа се отвара пат државата еден месец ќе може да менаџира со приватниците болници кои ќе добијат компензација за лекување на болните. „Не станува збор за национализација на приватните болници, туку за управување со нив во битката против пандемијата на коронавирус, таму каде што Владата ќе процени дека треба“, изјави вчера претседателот Стево Пендаровски.

Во меѓувреме, во државните ковид-центри се реорганизираат оддели за да се ослободи кревет повеќе, но и да се обезбеди дополнителен медицински кадар за заболените. Само во главниот град, во последното деноноќие примени се 65, а вкупно, во болнички кревет лежат околу 460 лица.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми