1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ковид-19: Опасниот страв од одење на лекарски преглед

Рина Голденберг
13 јуни 2020

Лекарите и компаниите за здравствено осигурување јавуваат дека бројот на пациенти во ургентните центри и ординациите е значително намален. Стравуваат - особено кај ризичните пациенти - од тешки долгорочни последици.

Deutschland Klinikum München Schwabing.
Фотографија: picture-alliance/SvenSimon

На почетокот на април Томас С. преживеал мозочен удар. Во Германија важеа ограничувањата заради корона, од Италија стасуваа драматични слики од интензивните оддели со тешки случаи на Ковид-19. Томас С. има 50 години и е ризичен пациент. Пред 4 години преживеал инфаркт, шеќерот во крвта му е висок, пушач е и има вишок килограми.

Кога сфатил дека пораките што ги испраќа преку Ватсап се ‘салата од букви’ се испаничил, раскажува тој за ДВ. Сепак, не сакал да оди во болница. Вели: „Тоа се места каде има корона, не одам таму за да не ја закачам”.

Реално има околности кои укажуваат дека висок притисок, дијабетес, астма, рак и други сериозни здравствени проблеми може да доведат до потешка форма на Ковид-19. Кај најголемиот дел смртни случаи пациентите имале таква предисторија.

Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Warmuth

Откажани термини од страв од зараза

Томас С. не е индивидуален случај кога е во прашање стравот од болниците. Бројките на компанијата за здравствено осигурување АОК за април покажуваат дека има намалување од 30 проценти на пациенти со срцев или мозочен удар во ургентните центри. Пред неколку дена и кардиолозите и онколозите соопштија дека бројот на пациенти во ординациите е намален за 50 отсто. Пациентите откажуваат термини, бидејќи се плашат од зараза во чекалниците.

Таквиот тренд се покажува и во другите земји. Меѓународната организација за пациенти со мозочни удари во февруари 2020 спровела анкета со доктори, како и во болници во 100 земји од светот. Забележано е глобално намалување на бројот на пациенти за 50 до 70 проценти во споредба со претходната година.

Секоја минута е важна

„Мозочен и срцев удар се акутни итни случаи, за чие лекување секоја минута е важна – дури и во време на пандемија“, предупредува доктор Кристијан Герлоф, шеф Универзитетската клиника во Хамбург во неговото интервју за магазинот „Шпигел“ уште на почетокот на април. „Пациентите во никој случај не треба да избегнуваат болнички третман поради страв од зараза."

Во Германија годишно од срцев удар умираат 47.000 пациенти. Една третина од смртните случаи се надвор од болниците, бидејќи пациентите или доцна, или воопшто не повикале итна помош.

14 милиони луѓе во светот годишно умираат од мозочен удар. И во Германија мозочниот удар е трета причина за смртност по кардиоваскуларните заболувања и карцином. Бројот на млади пациенти, под 55 години, сега е 20% од годишната бројка на 280.000 пациенти. Експерите проценуваат дека овој број ќе расте.

„Со 330 сертифицирани единици за мозочен удар“ ("Stroke Units") Германија на меѓународно ниво е во одлична позиција“, вели Марио Лесле од Германската фондација за помош при мозочни удари. Овие мултидисциплинарни одделенија за нега работат и во време на пандемијата на Ковид-19, иако дел од болничките кревети на интензивна нега биле ослободени за заболени од коронавирусот. „Акутната нега за пациенти со мозочен удар во болниците функционира беспрекороно. Проблемите повеќе се од страна на пациентите кои многу доцна, или воопшто не оделе во болница", вели Лесле.

Кај пациенти без придружба недостасуваат важни информации

Строгите ограничувања за посети во болниците им ја отежнуваат работата и на лекарите. „Од клиниките добиваме информации дека речиси сите акутни пациенти со мозочен удар на клиника доѓаат без придружба. Тогаш неврологот често не може да ги добие потребните информации, како на пример какви лекови зема пациентот, што е многу важно за понатамошниот третман“, вели Лесле.

Фотографија: DW/R. Goldenberg

Кога Томас С. конечно бил донесен во болница, било изгубено драгоцено време. Тој веќе не можел да зборува. Секој петти преживеан со мозочен удар страда од долгорочно оштетување на говорот, што значи дека е зависен од помош во текот на целиот живот. Во Германија од ова се погодени околу еден милион лица.

Брзи и сеопфатни мерки се клучни за рехабилитација кај пациенти со срцеви и мозочни удари, како и за заболени од карцином. Но, и овде Ковид-19 пандемијата има драматично влијание.

Корона долгорочни последици

Центрите за терапија се соочени со големи предизвици, бидејќи не може да ги почитуваат правилата за дистанца. Притоа терапевтите, поради нивната возраст или претходни заболувања делумно може да бидат сместени во визикоризични групи. Амбулантите исто така не работеа.

Повеќе:

-СЗО предупредува: нема докази дека коронавирусот ја губи силата

-Новата опасна детска болест се шири низ Европа – лекарите пред загатка
-Нова енигма за лекарите: долгорочно позитивни пациенти

Германското здружение за помош при мозочен удар известува за голема несигурност на луѓето, кои поради страв од зараза често се изолираат, што пак поттикнува осаменост и депресија. „Оние кои сега излегуваат од рехабилитација и немаат понатамошна терапија, секако ризикуваат да се вратат чекор наназад, поради што ризикуваат бргу да ги загубат новонаучените вештини“, вели Марио Лесле.

Немањето контакт со роднините е дополнително оптоварување - клиниките за рехабилитација и болниците воведоа строги забрани за посети. „Навистина е тажно, особено за нашите афазичари (луѓе кои имаат нарушување на центарот за говор, н.з.) што не можат да имаат контакт со блиските“, потврдува Кристијане Маис од Центарот за афазија во Северна Рајна Вестфалија. „Но, дел од нив можат барем телефонски да комуницираат со роднините."

Лични контакти со дигитализација

Тоа е тешко за Томас, кој по осум недели поминати на клиника за рехабилитација речиси се’ уште не може да зборува, ниту да пишува. Некои клиники набавиле таблети преку кои роднините испраќаат пораки, слики или видеа кои потоа медицинскиот персонал им ги покажува на пациентите. На овој начин имаат барем некаков личен контакт, вели Кристијане Маис.

Поголемиот опсег дигитални опции им дава надеж и на пациентите кои се на рехабилитација: групите за самопомош се среќаваат на онлајн терапија, а специјални апликации со фитнес вежби за рехабилитација се вистински бум. Како на пример, „Rehappy" апликацијата која ја разви еден стартап од Ахен. Софтверот нуди персонализирани медицински и фитнес програми во зависност од мотивацијата и подготвеноста за вежбање на пациентот кој преживеал мозочен удар.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми