1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ковид-19: Повеќе вакцини за ЕУ – на пролет 

Барбара Везел
14 јануари 2021

Европската комисија ја брани својата стратегија за вакцинација и се надева на нови милиони дози вакцини од различни производители во следните месеци. Нови вакцини веќе чекаат на одобрение од ЕУ.

Mobiles Impf-Team in Potsdam Coronavirus
Фотографија: Tessa Walther/DW

Додека различни земји во ЕУ дебатираат за продолжување на „локдаунот“, а Италија веќе најави продолжување на корона-ограничувањата до април, многу граѓани во Унијата се прашуваат зошто вакцинацијата во Европа не се одвива побрзо. Додека процесот на вакцинација зависи од одделните земји членки кои самите се одговорни за распределбата и логистиката, централната набавка на вакцините е одговорност на Европската комисија.

Таа сега порача дополнителни 300 милиони дози од во моментов водечката вакцина на Бионтек/Фајзер и има можност за набавка на уште 2,3 милијарди дози од различни произведувачи од кои повеќето мора да се дадат по две дози на едно лице. Но, дали таа направи погрешна проценка во однос на производителите и дали вакцините се испорачуваат пребавно?

Нема алтернатива за набавките во ЕУ

Европската народна партија (ЕНП) во Европскиот парламент, од каде доаѓа и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, им помага на властите во Брисел со еден вид напад за олеснување.  Поука од корона-пандемијатае „повеќе Европа“ во форма на ЕУ-здравствена унија, вели претседателот на ЕНП, Манфред Вебер. Тој уште еднаш стави јасно до знаење дека европските договори за откуп на вакцината имаат предност во однос на националните договори. Тоа пред членовите на Европскиот парламент го потврди и директорката на програмата за набавка, Сандра Галина: „Нашите дози имаат предност,“ одговори таа на прашање во однос на посебна набавка на вакцината од Бионтек/Фајзер од страна на Германија.

Таа додаде дека на почетокот „на оваа авантура имаше 165 можни кандидати за производство на вакцина.“ Комисијата ги послушала советите од експертите и уште летоска морала да ги одбере компаниите со најголем изглед дека ќе направат ефикасна вакцина. И еврокомесарката Маргитис Шинас ја брани одлуката за заедничка набавка на вакцини: „Без заеднички настап големите членки би ги откупиле сите вакцини на штета на средните и помалите земји членки. Тие никогаш не ќе можеа да обезбедат доволен број вакцини по пристапна цена.“

Повеќе на темата:

Ковид-19: Зошто производството на вакцината е толку комплицирано?

Колку може да се одлага втората доза Ковид вакцина?

Коронавирус вакцини: ЕУ повторно го остави Балканот на цедило

Ризици и нуспојави од вакцините против коронавирус

Но, и понатаму пред сѐ во Европскиот парламент останува критиката за недоволна транспарентност при склучувањето на договорите. Во меѓувреме дел од нив се достапни на увид во архивата на Парламентот. Како изгледаат клаузулите за одговорност и како се формирани цените? Одговорите полека се откриваат бидејќи се вели дека преговорите со Фајзер околу одговорноста биле екстремно тешки. Се вели и дека американскиот фармацевтски гигант сакал во голема мера да биде ослободен од одговорноста. Сега на инсистирање на европратениците, Алберт Бурла, извршен директор на Фајзер, сака да утврди во која мера може да се објават во јавноста детали од договорите кои до сега беа држени во тајност.

Повеќе вакцини и подобра ефикасност?

Бурла исто така ветува и голема експанзија во производството на вакцини од Фајзер/Бионтек – целта за годинава им била да достигнат производство на две милијарди дози. И ЕУ сака да ја удвои нејзината нарачка од 300 на 600 милиони дози и бара побрза испорака на вакцините. Но, компанијата мора барањата на Европејците да ги балансира со светската побарувачка. Од таму велат дека Европа брзо реагирала во втората фаза од нарачката, така што Фајзер ќе може на ЕУ во вториот квартал од 2021 да и испорача дополнителни 75 милиони дози, покрај количините договорени на почетокот од годината. „За Европа има светло на крајот од тунелот“, објаснува менаџерот на компанијата.

Тој е доста оптимистичен и во однос на останатите горливи прашања во врска со вакцината и неговата компанија. Вакцината сега се тестирала и на деца од 12 до 16 години и првите резултати биле охрабрувачки. Засега одобрението од европските здравствени власти важи за над 16-годишна возраст. Ниту една вакцина за сега не е одобрена за деца бидејќи нема доволно клинички податоци како тие би ја поднеле.

Но, сега најважното прашање е дали луѓето кои се вакцинирани и понатаму може да го пренесуваат вирусот. Шефот на Фајзер сѐ уште нема јасен одговор. Првичните податоци од тестирање на животни даваат основа да се верува дека вирусот нема да се пренесува понатаму. Првите веродостојни податоци веројатно ќе може да се очекуваат од средината на февруари. Исто така не е јасно колку долго трае ефективноста на вакцината. Во првите клинички испитувања волонтерите биле вакцинирани пред околу шест до седум месеци и сѐ уште се заштитени. Значи треба да се почека да се види дали ефектот ќе ослабне на подолг временски период и дали и кога ќе биде потребна ревакцинација.

И други вакцини на листата на чекање

Од 6. јануари и вакцината на американската компанија Модерна има одобрение за ЕУ, прва испорака во меѓувреме имаше во Ирска и Бугарија. 

И ЕУ сака да ги зголеми нарачаните количини кај Модерна. До сега може да смета на 150 милиони дози од вакцината од кои една третина наводно се за Германија. Други членки на ЕУ ја одбиле вакцината на Модерна бидејќи во споредба со други препарати цената од 25 долари по доза била највисока.

Бидејќи Модерна за прв пат треба да произведува толкави количини, нејасно е и колку брзо ќе може компанијата да направи испорака.

Затоа надежта е насочена кон вакцината на АстраЗенека на која Европската агенција за лекови се очекува да и издаде одобрение кон крајот на месецот.

Таа важи за лесна за ракување и евтина, така што некои европски земји планираат нејзина масовна примена. Во компанијата ЕУ веќе има нарачано 400 милиони дози и производителот ветува дека во текот на годинава ќе продуцира три милијарди дози. Астра Зенека е една од најголемите светски фармаколошки компании со големо искуство во производството на вакцини и веројатно ќе може да ги исполни очекувањата. 

Во февруари би можело уште една вакцина да добие одобрение, препарат на Џонсон и Џонсон кој се произведува во Холандија, како што најави комесарот за здравство, Стела Киријакидес во средата.

Со тоа на европскиот пазар би имало четири различни вакцини што одеднаш за земјите членки ќе ја зголеми нивната достапност и значително би можело да го забрза вакцинирањето на граѓани на ЕУ во вториот квартал од годинава.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми