1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ковид-19: што знаеме за кинеските вакцини?

Фабијан Шмит
1 февруари 2021

Вакцините од Кина веќе се користат во неколку земји, меѓу кои и Србија а најава за нивна набавка има и од македонското здравство. Колку се тие ефикасни во борбата против вирусот? За сега не се знае многу.

China Peking | Sinopharm Impfstoff
Фотографија: Zhang Yuwei/AP/picture alliance

Синофарм, Синовак-Биотек и КанСино – тоа се трите кинески вакцини чии резултати во моментов се ветувачки. Јавноста сепак малку знае за нивната ефикасност. Податоците за вакцината од спроведените студии во рамки на втората и третата фаза на јавноста и се даваат буквално „на грамови“. Синофарм е првата компанија која објави официјални податоци и тоа дури на крајот од минатата година. Уште помала транспарентност има кога станува збор за издавање дозволи за користење на вакцините. Вакцината на Синофарм додуша ја примија повеќе од еден милион луѓе, но тоа се случи во рамки на спроведување на студиите во забрзаната постапка за издавање дозволи при „итни случаи“.

Ковид 19 – национализам

Дописниците на германските медиуми АРД и ФАЦ од Кина јавуваат дека во тамошните државни медиуми се спроведува кампања во која под знак прашање се става и ефективноста и безбедноста на вакцината чие користење е одобрено во западните земји. Посебно се гласни забелешките дека западните медиуми ја премолчуваат опасноста од корона-вакцината на Бионтек/Фајзер.

Дури и една позната водителка од државната радио-телевизија учествуваше во дебата на оваа тема која се водеше на твитер. Парадоксално е дека и самата Кина набави од вакцината на Бионтек/Фајзер и тоа преку кинеската компанија Фосун Фарма.

Повеќе:

-Ковид национализам: Сиромашните земји „извисија“ за вакцините

Има повеќе индиции кои упатуваат на тоа дека државното раководство со оваа кампања во медиумите всушност само сакаат да го одвратат вниманието од нетранспарентноста на своите кинески производители – можеби и поради тоа што развојот на вакцините во Кина сѐ уште не ги дава очекуваните резултати. Податоците кои се до сега објавени за кинеските вакцини даваат повод да се мисли дека сепак нивната ефикасност е помала од онаа на западните конкуренти.

Ова се податоците за вакцините „made in China“, за тоа каде се користат и што се знае до сега за нивната ефикасност.

Синофарм

Се работи за вакцина со „деактивиран„ вирус која оваа компанија ја разви во соработка со Институтот за вирологија од Вухан, односно Институтот за биолошки производи. Овој вид на вакцини се користи веќе со децении, со добри резултати во пракса. На пример во борбата против дифтерија, хепатит Б, детска парализа или тетанус. Студиите во рамки на третата фаза се спроведени во десет земји во светот, меѓу кои и во Бахреин, Обединетите Арапски Емирати, Перу, Србија, Мароко, Аргентина, Јордан и Пакистан.

Една од причините поради кои се прават истражувања и надвор од Кина е поради фактот што бројките на заразени во земјата летоска толку многу опаднаа поради строгиот локдаун поради што компанијата таму не беше во можност да дојде до релевантни податоци.

Повеќе:

-Коронавирус: И С. Македонија ќе бара спас во кинеските вакцини

-Србија се вакцинира: Русија и Кина стигнаа пред Западот

-Најдобрата вакцина е таа што навреме ќе стигне

Оваа компанија е засега единствениот кинески производители кој објавил официјални податоци за својата вакцина. Синофарм на 29.12.2020 соопшти дека вакцината има 79% ефикасност. Ден потоа кинеските власти издадоа дозвола за нејзино користење.

Како германски фирми профитираат од корона-вакцинацијата

02:17

This browser does not support the video element.

Искуствата на другите земји сепак не нудат исти податоци во однос на ефикасноста на вакцината: ОАЕ во рамки на своите студии тврди дека ефикасноста на кинеската вакцина е многу повисока – 86%. Властите во Емиратите уште побрзо издадоа дозвола за користење на вакцината отколку кинеските. Вакцината почна официјално да се користи уште од почетокот на декември. На почетокот од годинава и Србија даде одобрение за користење на оваа вакцина. Податоците од Перу пак се дека ефикасноста од вакцината е нешто помала. Таму властите ги запреа клиничките тестирања уште во декември отакако кај едно лице која ја прими вакцината настапила парализа на раката.

Синовак – Биотек

И кај оваа вакцина под името КоронаВак се работи за вакцина произведена со класична деактивација на вирусот. Тестирањето е започнато уште минатото лето, меѓу другото и во Бразил, Индонезија, Бангладеш и Турција. Производителите сѐ уште немаат објавено официјални податоци за ефикасноста на вакцината. Но, анализите кои ги спроведе бразилскиот партнер упатуваат на тоа дека ефикасноста е околу 50%. Индонезиските здравствени власти тврдат пак дека нејзината ефикасност е 65%.

Врз основа на овие бројки може да се каже дека оваа кинеска вакцина не е толку ефикасна како мРНА вакцините кои се одобрени во Европа и САД, но се е поефикасна на пример од вакцината против грип чија ефикасност е од 30% до 60%.

КанСино Билоџик

Кај вакцината со име Ad5-nCoV или Конвидециа, која оваа компанија ја разви во соработка со пекингшкиот Институт за биотехнологија, се работи за таканаречена „векторска“ вакцина на база на аденовируси (тип 5). Тоа значи дека еден безопасен „транспортер“ вирус „пренесува“ одредени протеини од Сарс-Ков-2 како предизвикувачки агенс за човечките ќелии  предизвикувајќи имунолошка реакција на тој начин. Овој принцип е сличен на начинот на кој функционира вакцината на британскиот концерн Астра Зенека и Универзитетот во Оксфорд. Студиите во рамки на третата фаза веќе се спроведуваат во Пакистан, Русија, Мексико и Чиле. Ваква студија се планира и во Саудска Арабија. Во Канада пак е откажана бидејќи Кина, иако беше договорено, не им ја испорачала вакцината својот тамошен партнер, Канадскиот центар за вакцинација во Халифакс. Можна причина за пропадната соработка е веројатно сѐ уште нерешениот дипломатски спор меѓу Кина и Канада – но тоа не се знае со сигурност, бидејќи ниту едната, ниту другата страна не сакаат јавно да говорат за тоа.

Во Кина оваа вакцина се користи веќе од јуни 2020. Со неа на пример, се вакцинираат припадниците на кинеската војска. Ни овој производител сѐ уште нема објавено податоци за ефикасноста на својата вакцина. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми