1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Некои Балканци можат да добијат помош во Германија, некои не

Наталија Милетиќ
7 април 2020

Корона-кризата остава многумина без работа, први на удар се оние со привремени договори. Државјаните на земјите од Балканот во Германија можат во тој случај да очекуваат помош само ако имаат дозвола за постојан престој.

Berlin - Über 1000 Dokumente sichergestellt
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. v. Erichsen

Германската влада започна со исплата на помошта на оние кои паднаа во тешкотии поради кризата предизвикана од ширењето на коронавирусот. Помошта е наменета на работници и работодавачи, а посебно внимание е обрнато кон малите претпријатија и самостојни претприемачи, уметници и слично.

Но, иако живеат и работат легално во Германија, многу луѓе од Балканот кои остануваат без работа, ќе останат и со покуси ракави. Имено, право на државна помош во текот на корона-кризата, доколку не се граѓани на ЕУ, ќе имаат само оние кои имаат дозвола за постојан престој.

Прекуноќ без работа

Ина Арнауталиќ е графичка дизајнерка од Сараево. Во Германија е веќе шест години, а од пред една година работи во фирма која изработува дизајн за голем моден бренд. Таа и нејзиниот шеф Штефан Херинг речиси прекуноќ останале без главниот клиент и извор на приходи. „Ние сме мала фирма од само двајца луѓе. Модната индустрија беше прва на удар и многумина од браншата ја загубија работата“, вели Ина.

„Сѐ се случи такаречи прекуноќ. Откажани се сите проекти кои ги планиравме“, објаснува Херинг за Дојче веле. Тој себеси и Ина веднаш се пријавил на скратено работно време, инструмент преку кој германската Агенција за труд им помага на оние кои поради непредвидливи околности имаат намален обем на работа и приходи. Во ваков случај, државата им исплаќа 60-67 проценти од заработувачката. Досега за овој вид помош се пријавиле околу еден милион фирми со преку еден и пол милион работници.

„Одлуката да ја пријавам Ина на скратено работно време лично ме погоди, зашто тоа значи помали примања за неа. За разлика од мене и многу други Германци, таа нема овде сигурносна мрежа и план Б. Таа мора да заработи пари и сигурно не може да очекува преголема помош од семејството. Нејзината работна и дозвола за престој зависи од тоа да е овде, да може да плати станарина и да работи“, нагласува Штефен.

Ако Ина добиеше отказ, не би имала право на државна помош. Имено, вработените и „слободњаците“ кои остануваат без работа, а не оствариле право на неограничена работна и дозвола за престој, немаат право на државните „корона-фондови“ во Германија.

Тешки социјални случаи

Сојузното Министерство за труд и социјални прашања во пишаниот одговор за Дојче веле објаснува дека единствена опција за граѓаните со ваков статус е да се јават во Агенцијата за труд: „Доколку странските државјани немаат право на бенефициите предвидени со Законот за социјални давачки, како преодно решение, ако е потребно, можат да се пријават за помош за тешки социјални случаи“, пишува во одговорот од Министерството.

Во краен случај - помош преку Агенцијата за трудФотографија: Imago/imagebroker

На тој вид помош наскоро би морал да биде принуден и Александар Дурутовиќ од Нови Сад. Во Берлин дошол во февруари минатата година, а последните неколку месеци разнесува весници. 

„Во почетокот ништо не работевме, а сега шефот најде некоја работа. Ние сме шест работници, работиме шест дена неделно, па решивме секој да работи по еден ден“, вели Александар и додава: „Моето останување овде е прилично неизвесно. Нема пари, нема работа, а за живот и натаму треба да се плаќа.“

Работниците од Западен Балкан кои се во работен однос подолго од една година, а немаат дозвола за неограничен престој, имаат право за надоместок за невработени во траење од најмногу дванаесет месеци.

Кризата со коронавирусот ги погоди и студентите

Кризата со коронавирусот во Германија ги погоди не само работниците, туку и студентите. Многу традиционални студентски работи се засегнати со ограничувањата на владата во борба против пандемијата.

Ади Хрустемовиќ од Сараево само што ги завршил магистерските студии за глума на Театарската академија во Минхен. Една од првите мерки во Баварија беше забрана за собирање, што за многу театри значеше престанок со изведување претстави. Иако некои ангажмани му се откажани поради пандемијата, официјално уште е студент и нема право на државна помош: „Толку колку што се информирав, јас со својот статус не ги исполнувам условите да добијам таков вид помош, со оглед на тоа што не сум германски државјанин и немам дозвола за постојан престој“, објаснува тој за Дојче веле.

Повеќе:

Што значи враќањето на работниците на работа во странство?

Коронавирусот и економијата: Мртвите не купуваат автомобили

Кој ќе го плати цехот по корона-кризата?

Германија ќе се брани од Ковид-19 со пакет од 1,100 милијарди евра

Студентите од земјите од Западен Балкан без постојана дозвола за престој се исклучени од државните пакети за помош. Надлежното Министерство за труд, во одговорот до Дојче веле, и нив ги упатува на социјална помош за тешки случаи, која ќе им го покрие барем здравственото и социјалното осигурување.

Ади пред почетокот на пандемијата имал потпишан договор со еден театар каде требало да почне да работи в лето. Дали се плаши дека договорот нема да се реализира?

„Не се плашам, зашто знам како може да се менува потпишан договор. Ни стигна и потврда од театарот дека нема причина за загриженост, дека работите ќе се одвиваат според планот. Но, секако се‘ може да се промени, иако се надевам дека нема да дојде до тоа.“

За луѓето од Балкан кои немаат дозвола за постојан престој во Германија, сеедно дали се работници, во слободни професии или студенти, не постојат посебни правила. Кој како ќе помине низ кризата, зависи исклучиво од статусот стекнат досега, од работодавачот и од тоа дали службениците од агенциите за вработување ќе го препознаат како тежок социјален случаи или не.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми