1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Кога вирусот ќе го врати ударот

6 јуни 2020

Вирусот се врати со голема сила кога многумина лежерно помислија дека го снемало, па дури дека и никогаш го немало. Масовното непочитување на мерките, со прикриена и отворена асистенција, на политиката го направи своето.

Nordmazedonien | Coronavirus | Pandemie
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

На почетокот од оваа недела изгледаше дека во Македонија ќе се отвори дури и расправа дали Земјата е тркалезна или е рамна плоча. Затоа што има и некои собрани во некаков вид секта, кои се обидуваат да докажат дека плочата е огромна и, се разбира, рамна. Во склад со новинарското начело – да се слушнат обете страни – за малку не дојде ситуацијата да им се отстапи време и простор на рамноплочестите заговорници во медиумите, особено електронските.

Може да ви изгледа како шега, но не е, ако се земат предвид како наеднаш во медиумите добија гласност оние што тврдат дека Ковид-19 не постои, дека сето тоа било измислица за да се држи народот под контрола, дека нема починати од корона вирусот, затоа што никој не знае никого од нив, дека антените 5Г се виновни за оваа светска ујдурма и слични бесмислени тврдења. И наеднаш некои потклекнаа. Телевизија 24 пред некој ден, кога почна драматичното зголемување на инфицираните од корона вирусот, се одлучи првиот прилог во ударните вести во 17 часот во траење од неверојатни четири и пол минути да го посвети на протестот на 20 до 30 луѓе луѓе пред Владата кои тврдат дека пандемијата е лажна, дека вакцинирањето и 5Г антените се опасни, и дека медиумите ширеле лажни информации.

И тоа во денот кога се дозна дека главниот политички новинар на телевизијата, Душица Мрѓа, мораше да замине во самоизолација поради тоа што ја модерираше дебатата со високи децибели неколку дена претходно меѓу Мухамед Зекири (за кој дента се дозна дека бил позитивен) и Игор Јанушев.

Повеќе:

-Филипче смирува: Вториот бран ќе трае кратко

-Нови 180 случаи на Ковид-19, 109 во Скопје

-Надминат априлскиот рекорд, нови 120 заразени од коронавирус

Кај никој не би требало да има забуни – Телевизија 24 и колегите новинари таму се одлични професионалци, во овие три месеци тие понесоа дел од огромниот медиумски товар за информирање на граѓаните околу злокобниот вирус и маките на општеството да се справи со него. Нејзините новинари се постојано на терен, речиси без слободни денови, и во некоја рака и исцрпени. Оваа погрешна проценка за еден настан, во основа, е дел од своевидната конфузија што го зафати општеството, кога вирусот го врати ударот за кого многумина мислеа дека е совладан, а можеби и дека големата тревога била без некоја особена причина.  

Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Вториот грб на двогрбата камила

Пред еден месец американската амбасадорка, Кејт Брнз, во интервју за „Независен“ изјави: „Треба да се гордеете како одговоривте на кризата“. Но тоа сега изгледа како многу години далеку. Некои луѓе мислат дека тоа, всушност, и никогаш не се случило. Во тие денови кога беше објавено интервјуто немаше ниту еден новоинфициран во Скопје. Сега, кога само вчера во Скопје имаше 109 нови инфицирани (иако министерот за здравство Венко Филипче вели дека 90 проценти од новите случаи се асимптоматски и со многу полесни симптоми) јасно е дека ситуацијата драматично се променила. Или како што вели епидемилогот Драган Даниловски – ние сега сме на вториот грб од двогрбата камила.

Сите имаат свои објаснувања зошто дојде до силното враќање на вирусот (иако тој воопшто не беше си заминал) и генерално најголем дел од тие толкувања се исправни: од задоцнетата промена на стратегијата на здравствените власти на новата ситуација, попуштањето пред барањата на религиските заедници, од вмешувањето на политиката во справувањето со епидемијата, играта со датумот за одржувањето на изборите, од сугестиите на одредени политичари дека мерките не треба да бидат толку остри, дека треба да се биде поблаг кон прекршителите на одредбите на властите, потоа семејните собири за време на ифтарските вечери... Системот на техничката влада (создадена да спроведе избори) почна да се распаѓа, затоа што политичарите почнаа повеќе да мислат за интересите на партиите отколку на интересите на граѓаните.

Видете само што се случи за време на оној драматичен морален пад на Христијан Мицкоски, кој помисли дека за него може да се отвори ресторан внатре, каде што е забрането, за тој да вечера со уште неколкумина на „Боемска“ во Скопје. Бидејќи тој беше фатен ин флагранти како го прекршува законот требаше да се ангажираат две полициски структури – едната да го забошоти настанот, другата да го расветли. МВР против МВР. Заедно со случајот со теретаната тоа е можеби најеклантантниот случај за дисфункција на системот – само да се заштити еден политички првенец.

Други колумни од Љупчо Поповски:

-„Здраво. Би сакал да се слушнеме. Христијан Мицкоски!“

-Автократите ја сакаат пандемијата

-Политиката се врати

Премерувајќи ги размерите на штетата Мицкоски реши по неколку часа молчење да признае дека навистина бил во ресторанот со неколкумина познајници, се извини за постапката, сведувајќи ја на прекршок затоа што не бил доволно запознает со протоколите. Тоа е драматично подјадување на моралната стамина на Мицкоски, без оглед на неговите објаснувања и армијата ботови кои се обидуваа неговото извинување да го толкуваат како доблест. 

Ова беше можеби најеклатантниот пример за конфузијата во општеството, за која што пишувавме на почетокот од текстот. Ако еден политичар, кој претендира да биде премиер, вели дека не бил доволно запознаен со протоколите од здравствените власти за однесувањето во време на корона, зошто тогаш масовната преселба на скопјани во другите краишта на државата во четвртокот попладнето да се стигматизира како морално неприфатливо однесување. Сите тие коишто излегоа од Скопје на ист начин како и Мицкоски можат да се извинат и да речат дека не биле доволно запознаени со протоколите. Ова може да изгледа како банализирање, но, за жал, не е тоа.

Амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар, во интервјуто од четвртокот за „мкд.мк“ на прашањето зошто неговата татковина Словенија (иста според население и територија како Македонија) веќе прогласи крај на епидемијата одговори едноставно: „Словенија презеде слични мерки како и вашите институции. Успехот беше можен затоа што општеството сериозно ги сфати препораките од надлежните и посветено ги почитуваше упатствата“. Жбогар се потруди одговорот да изгледа разумно неутрален, но клучот е во тоа – посветено почитување на упатствата. СДСМ вели дека посветено ги почитувале упатствата за време на партискиот настан минатата недела во Куманово, по кој повеќе членови од повисоките ешалони се во самоизолација, затоа што некои од нив биле инфицирани, а не го знаеле тоа. Но изгледа дека тоа објаснување не е доволно, како што е драматично недоволно толкувањето на Мицкоски што барал на погрешно место со погрешни постапки, кои по линија на помал отпор (или да се понуди на услуга) му го овозможил сопственикот на ресторанот.

Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Стигматизирано „бегство“

Овој викендашки изблик на „бегство“ од Скопје веројатно е во рамките на едно катарзично однесување поради долгиот карантин и неизвесната иднина. Гневните реакции на оние што останаа во Скопје се инстинктивен одговор, но во основа несоодветен. Дали сега треба да ги стигматизираме сите што заминаа од Скопје, а да се однесуваме како ништо да не се случува со баталјоните луѓе кои секојдневно не ги почитуваат мерките, одат без маски, седат во огромни групи во Градскиот парк, се качуваат по маси за да се развеселат по ресторани. Тешко е сега да се најде некакво општоприфатливо однесување од кое наеднаш ќе излезе среќата дека сме се отарасиле од вирусот. Професорот Даниловски изјави дека карантинот за Скопје и другите три града беше единственото можно решение во оваа ситуација за да се спречи префрлањето на жариштата од едно на друго место. Како човек кој внимателно ги одбира зборовите пред да каже нешто, тој веројатно е во право.

Во Шведска три дена по ред инфекциите достигнуваат нови врвови над илјада души. Во Италија вчера бројот на заразени се искачи на 518 во однос на 177 во четвртокот. Бројот на заразените на дневна основа во светот ги достигна највисоките врвови последнава недела. Вирусот е злокобен и подмолен, тој се трансформирал така за да може да се закачи за човечките клетки. Ако тој е злокобен не мора и нашето однесување да биде злокобно. Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, вчера напиша на Фејсбук дека „Заев и СДСМ ја испратија коронота да прошета низ Македонија“. Од каде му право на Јанушев да ги стигматизира оние што заминаа од Скопје и да набедува дека тие што заминале од главниот град имале корона, за потоа кога ќе се вратат нивните имиња да бидат објавени на кривичниот ѕид на срамот. Ако не беше карантинот можеби 20.000 возила немаше да заминат од Скопје, но сигурно тоа ќе го направеа петнаесетина илјади поради продолжениот викенд.

Секој ден во Скопје на работа доаѓаат од пет до десет илјади лица од Куманово, Тетово, Велес, Гостивар... Дали ние треба сите нив да ги обвинуваме дека тие секојдневно ја шетаат короната од нивните градови во Скопје?

ВМРО-ДПМНЕ вчера испрати 12 соопштенија во кои обвинува дека Филипче и владата на СДСМ ја однесле Македонија во длабока бездна за време на корона кризата и најавува дека „ќе одговараат“. СДСМ одговори со седум соопштенија во кои тврди дека државата се справува со кризата на начин како што тоа го прават и другите европски земји. И што да прават граѓаните? Да го слушаат стравот, да им веруваат на инстинктите или на политичарите? ВМРО-ДПМНЕ вели дека немаше потреба од карантин, дека тоа ги истоштува и малтертира луѓето, а не нуди одговор и стратегија за справување со здравствената криза. Владата се врати на стратегијата која претходно ја спроведуваше за да го спречи ширењето на жариштата. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пак, вчера објавува дека било дојдено времето за премиер Албанец и во подолгото обраќање на Фејсбук само попатно ќе ја спомене епидемијата. Како да не постои од вакви размери. Ни тронка од некаква емпатичност или повик за заедничка акција на сите можни структури – и политички и општествени.

Граѓаните се ставени во една конфузија. Гледаат дека преку нивните плеќи се одвива една беспоштедна борба за политичко авансирање. Сѐ помалку се зборува дека лекарите и другиот медицински персонал се „нашите херои“ во деновите кога главниот инфектолог од Градската болница „8 Септември, Патриција Каламарас, изјави дека некои од нив веќе три месеци немале ниеден слободен ден. И дека се неверојатно истоштени од борбата со невидливиот непријател. Но кој да ги слушне сега овие зборови на лекарката Каламарас во општата политичка врева.

Неколкуте телевизиски репортажи од Инфективната клиника и разговорите со луѓето заболени од корона, кои ги преколнуваат нивните сограѓани да не ја сфаќаат толку лесно болеста, беа многу добар чекор, кој здравствените власти требаше и претходно да го овозможат. Можеби, сепак, тоа не е ни премалку ни предоцна. Да се надеваме.

Во меѓувреме, за Македонија да излезе од овој неочекуван пеколен круг политичарите треба да ги остават своите политички калкулации, да смогнат сили и да се обратат заеднички до граѓаните да бидат дисциплинирани и да ги почитуваат мерките. Тоа би бил одличен во заедничката борба за потиснување на вирусот во овој момент.

Во оваа конфузија претседателот на државата, Стево Пендаровски, треба да ја одигра својата обединувачка улога како „татко на нацијата“ и да ги повика граѓаните на почитување на мерките. Тоа може да изгледа како мал гест за човекот кој нема големи ингеренции во политиката, но во основа може да има поттикнувачки ефект за сите доколку неговите зборови бидат доволно емпатични, доволно загрижувачки и доволно охрабрувачки.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми