Кога детето е девојче - многу Албанки се принудени на абортус
20 октомври 2014Оваа млада жена беше принудена да абортира. Од срам и страв од семејството не сака да го обелодени својот идентитет, но сака да зборува. „Не беше само мојот сопруг, туку целото негово семејство ме притискаше. Сите сакаа момче. Јас веќе имав девојче. Мора конечно да се погрижиш да родиш машко дете, велеа тие. Затоа абортирав.“
Прегледот со ултразвук во Албанија пресудува за живот и смрт на едно дете.
Доктор Ариан Продани нѐ носи во породилното одделение. Тука се покажува застрашувачки тренд, кој важи за цела Албанија: на 110 момчиња се раѓаат само 100 девојчиња. Зад отрезнувачките бројки се крие смртоносна практика: женските фетуси целно се абортираат. Честопати со нелегално набавени медикаменти.
„Жените тогаш доаѓаат кај нас со оштетена плацента и висока температура. Тогаш мораме да интервенираме за да им помогнеме и не ни преостанува ништо друго, освен да го абортираме детето. Тоа е единствениот пат да се спаси животот на пациентката“, вели гинекологот Продани.
Ваква судбина доживуваат илјадници жени во Албанија. Многу од нив се одовде, од предградието на Драч, мочуришна област во која живеат 60.000 луѓе. Повеќето потекнуваат од сиромашниот планински регион на северот.
Меѓу нив и семејството Османи.
Во потрага по работа, семејството се досели тука. Но, сонот за подобар живот досега не им се оствари. Дотолку повеќе добива на значење традицијата. За Фабиола Лако Ерго, поборник за правата на жените, тоа е типичен пример: „Животот во градот на луѓето делува како пречка, затоа прават чекор назад. Тие овде имаат повеќе традиционални правила отколку претходно во планините“.
Овие правила се определени со канунот, албанското обичајно право од средниот век. Според него, жените се помалку вредни, тие му се поданички на мажот одговорни за работите во домот и во дворот.
Надлежните се немоќни
На новата влада во Тирана не и’ се непознати судбините на многу жени. Меѓутоа надлежната вицеминистерка Милва Економи мора да признае дека во моментов е немоќна. „Така е некако, всушност точно е, да. Тоа значи дека мора да вложиме големи напори да го промениме тоа, што значи дека мораме да преземеме мерки заеднички со сите институции и установи во нашата земја“.
За оваа жена иницијативата е задоцнета. „Тоа едноставно беше погрешен чекор. Никогаш не требаше да го направам. И никогаш повеќе нема да го сторам, дури и ако затоа би морала да го напуштам семејството. Единствено што е важно се здрави деца - женски или машки се’ едно“.
Фабиола и нејзините колешки се обидуваат колку што можат да ѝ помогнат на 30-годишната жена да ја надмине траумата. Судбина на илјадници албански жени, кои мораа да го абортираат своето дете бидејќи е девојче.