Кога државата убива
10 април 2013Организацијата за човекови права Амнести Интернешнл оценува дека борбата за укинување на смртната казна шрим светот бележи назадување. Во 2012 година пет земји - Индија, Пакистан, Јапонија, Боцвана и Гамбија, по извесна пауза, повторно спроведуваа смртни казни, се вели во најновиот извештај на Амнести. Вкупниот број на убиени во 2012 година, во споредба со годината претходно, останал стабилен. Бројот на осудени на смртна казна е намален, а бројот на спроведени смртни казни во споредба со 2011 година е е зголемен за два. Вкупно, минатата година, според Амнести Интернешнл, во 21 земја во светот биле погубени 682 лица.
Кина ги држи информациите во тајност
Тука не се вклучени податоците од Кина, поради тоа што земјата ги држи во тајност и од 2009 година веќе не се појавува во извештаите на Амнести. Организацијата претпоставува дека во Кина и натаму секоја година се погубуваат повеќе илјади луѓе, значи повеќе од сите други земји во светот заедно.
Од податоците за земјите кои се појавуваат во статистиката на Амнести, се гледа дека три четвртини од смртните казни биле спроведени во Ирак, Иран и Саудиска Арабија. Организацијата за човекови права претпоставува дека во Иран има и голем број смртни казни кои се спроведени, а не се официјално потврдени.
Амнeсти особено критикува што во Авганистан, Белорусија и други држави се погубуваат луѓе кои биле принудени да признаат дела. Во Ирак и Иран вакви наводни признанија на вина се прикажуваат и на телевизија.
Во Гамбија, Северна Кореја и Палестинските територии, како што констатира Амнести, смртна казна се добива за „злосторства против државата“. Во некои земји на смртна казна може да се биде осуден и поради брачно неверство и хомосексуалност (Иран), богохулство (Пакистан), тешка кражба (Кенија), верски престап (Иран), економски деликти (Кина) и дрога.
Укинувањето на смртната казна останува цел
Како позитивен развој организацијата за човекови права го оценува укинувањето на смртната казна во американската сојузна држава Конектикат и неспроведувањето на смртните казни во Сингапур. Смртна казна во 2012 година не била спроведена ниту во Виетнам, а Гана планира укинување на смртната казна.
Германија ја исфрли смртната казна од Уставот уште во 1949 година и денес им припаѓа на државите кои особено многу се ангажираат за нејзино укинување. Владата во Берлин оценува: „Смртната казна е нечовечка и стравотна казна за која во 21. век нема место.“
Амнести Интернешнл секоја година објавува извештај за смртната казна и нејзиното спроведување во светот. Бројките се засноваат на официјални податоци и проценки на експерти.