1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога исклучокот станува секојдневие

Вера Керн / Е.М. Фиданоска2 октомври 2015

Грција - криза без крај. Лекарот Михалис Харалампидис и земјоделскиот економист Надиа Калогерополу сепак успеваат некако да излезат на крај. ДВ ги претстави двајцата Грци пред три години. Како им оди сега?

Фотографија: DW/V.Kern

Михалис Харалампидис си го сака родниот град Солун. Но, 36-годишниот лекар знае дека ако сака да води пристоен живот, мора да ја напушти Грција. „Ќе се иселам во Франција или Белгија“, вели тој. Пред три години, кога го посети тимот на ДВ, тој звучеше поинаку: тогаш Михалис Харалампидис уште работеше волонтерски во една лекарска ординација за сиромашни и се бореше да остане.

На прв поглед работите делуваат апсурдно, зашто по многу години без работа, висококвалификуваниот специјалист за гастроентерологија сега конечно има најдено работа во една државна болница во Солун.

Премалку лекари, премалку лекови

Но, Михалис Харалампидис вели: „Во болницата недостига се‘.“ Некогаш нема доволно лекови, некогаш нема основни средства за дезинфекција. Тука треба да се додадат и слабите плати и хроничниот недостиг од лекари. Затоа тој веќе не гледа шанса за себе да работи како лекар во Грција. „Немам впечаток дека во вакви услови можам да им помогнам на луѓето онака како што сакам.“

Михалис Харалампидис во времето кога работеше волонтерски во „Праксис“Фотографија: DW/V.Kern

Харалампидис смета дека здравствениот систем го принудува да си замине. Затоа веќе три години учи француски. Ситуацијата на грчкиот пазар на работна сила со години е речиси непроменето лоша. Невработен е секој четврти Грк. Кај младите под 25 години дури секој втор. Постојано нови мерки за штедење, политички нејаснотии, затворање банки - сето тоа ги право луѓето во Солун несигурни и се‘ попесимистични дека работите во Грција повторно ќе тргнат напред.

Размена наместо стоење во ред

Ни земјоделскиот економист Надиа Калогерополу не знае што ќе донесе иднината. Но, оној летен ден на крајот на јуни, кога банките во Солун затворија, таа дома опуштено гледаше во својот полн фрижидер. Овошје и зеленчук кое го разменила бесплатно. „Тоа за мене беше ден како и секој друг“, вели 38-годишната Надиа Калогерополу, која е без работа уште од почетокот на кризата во 2009 година, па оттука своето секојдневие морала наново да го организира уште од почеток. „Кому уште му е грижа за банките?“ Надиа Калогерополу е независна од еврото, онолку колку што може.

Она што и‘ е потребно го плаќа со локалната алтернативна валута коино - Надиа КалогерополуФотографија: DW/V.Kern

Од некогашната жена од кариера финансиската криза направи вистински уметник во преживување. Она што и‘ е потребно го плаќа со локалната алтернативна валута коино. Таа се заснова на размена. Калогерополу, на пример, на другите им покажува како вистински да ги компостираат отпадоците од кујната или како самите да произведат сапун, а за возврат добива виртуелни пари. Едно евро одговара отприлика на едно коино. „Сознанието дека и во тешки времиња може да се потпрам на моите силни страни, ме смирува неверојатно“, вели таа и знае дека тоа ја сместува меѓу среќниците. Таа се‘ уште има заштеди и живее во стан кој го купиле нејзините родители пред кризата.

Алтернативната продавница за животни намирници S.PA.ME, во која Надиа Калогерополу до пред три години работела бесплатно, во меѓувреме е затворена поради лошо менаџирање. Наместо тоа, сега трипати неделно готви во една винотека во центарот на градот за 2,70 евра за час. Ја нема ниту ординацијата „Праксис“ каде Михалис Харалампидис во 2012 година бесплатно лекуваше сиромашни. Лекарите волонтери во меѓувреме се преселени на островот Кос. Таму бегалците имаат итно потреба од нивна помош.

Духот „грекзит“

Секојдневието во Солун, барем така звучи во разговорите со Харалампидис и Калогерополу, е станато посурово. Секој се обидува некако да преживее. Притоа, постојано тука е и „грекзит“. Тој е како дух од шише за кој никој не знае дали е добар или лош. Харалампидис стравува од излез на Грција од еврозоната. Тој вели дека се работи за многу повеќе отколку само за евро или драхма. „Тогаш ќе престанеме да се чувствуваме како Европејци.’“

Надиа Калогерополу, наспроти тоа, нема никаков страв. Напротив. Таа остро ги напаѓа најновите мерки за штедење и приватизацијата. Критикува дека Грците се третираат како робови. „Се разбира дека и јас веќе не можам да правам планови, но некако ќе се снајдам.“ Таа знае дека и без еврото може да води достоинствен живот и вели дека е среќна - и покрај кризата на која не и‘ се гледа крај.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми