1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови права

Милиони девојчиња без детство

Сабина Милер-Плотников
23 октомври 2017

Преку седум милиони девојчиња годишно се присилени на мажење, обично за многу постари мажи кои до бракот не ги ни познавале. Тоа се случува првенствено во сиромашните конфликтни региони на Блиски Исток, Африка и Азија.

Kinderehe Amnesty International
Фотографија: Getty Images/G.Bouys

Насилство во семејството, сексуално насилство, злоупотреба, експлоатација, смрт - тоа се разорувачките последици кои се закануваат кога девојчињата рано стапуваат во брак. Ним им се ускратуваат шансите за образование, а здравствените ризици се зголемуваат. Според податоците на УНИЦЕФ, секоја година ширум светот се мажат 15 милиони девојчиња пред наполнувањето 18 години, некои од нив со наполнети само десет години. Тогаш мораат да го напуштат училиштето и да се грижат за домаќинството на својот сопруг, човек кого дотогаш никогаш не го виделе, остануваат бремени, без оглед што телото физички не им е доволно зрело.

Тоа има фатални последици. Податоците на студијата на хуманитарната организација „Спасете ги децата“ укажуваат на постоење директна врска меѓу раното стапување во брак, бременоста и смртноста на децата. „Ризикот за идните мајки расте со текот на бременоста и пораѓањето“, вели Сузане Шретер, која го води Институтот за глобален ислам во Франкфурт. Таа како етнолог меѓу останатото се занимава и со истражување на промените на семејните односи во исламскиот свет. 

Детскиот брак е феномен кој во исламскиот свет речиси исклучиво ги засега девојчињата.  „Девојчињата по пораѓањето се преоптоварени со улогата на мајка, зашто и самите се уште деца. Тоа е апсолутен скандал“, вели Шретер. Девојчињата често се под притисок, зашто младоженецот најчесто е многу постар. „Односот на силите е таков што тие едноставно не можат да пружат отпор“, објаснува Шретер.

Бројки кои загрижуваат

Детските бракови во пораст

Конвенцијата на ОН за детски права предвидува, во најголем број земји, можност за стапување во брак дури со наполнети 18 години. Меѓу 2015. и 2017. година земји како Чад, Малави, Зимбабве, Евкадор и Гватемала ја подигнаа границата за стапување во брак на 18 години. Исто така ги укинаа и посебните регулативи за можност за стапување во брак на малолетни лица преку дозвола од родителите или судија.

За Сузане Кригер, директорка на германскиот огранок на организацијата „Спасете ги децата“, бројното намалување на малолетнички бракови во овие земји претставува голем успех. „Правната рамка помага во промената на општествената структура на подолг рок“, вели таа за Дојче веле.

Сепак, од 2015. година во цел свет бројот на илегални детски бракови се зголемил од 11,3 на 11,5 милиони, тренд кој продолжува. Дури 82,8 милиони девојчиња меѓу 10 и 17 години не се заштитени од присилно стапување во брак. Ако се земат предвид и земјите во кои родителите или судии можат да дозволат детски брак, тогаш бројката стигнува дури до 96,1 милион беспомошни девојчиња, посебно на Блискиот Исток, во Африка и во јужните делови од Азија.

„Религијата, културата и општествените патријархални структури се целосно испреплетени и меѓусебно се условуваат“, вели Кригер. Посебна улога игра сиромаштијата и воените судири. „Многу родители не ги мажат своите деца затоа што сакаат“, вели таа. Посебно засегнати се девојчињата од селските подрачја и од сиромашни семејства. Семејствата во некои случаи, од финансиски причини, се чувствуваат принудени своите млади ќерки да ги мажат за постари мажи.

Детските бракови во пораст во СиријаФотографија: DW/G. M. Gafari

Поголем проблем во конфликтните подрачја

Покрај економските аспекти, пред сѐ воените судири влијаат за рано стапување во брак, вели етнологот Шретер, на пример во Сирија. „По избувнувањето на војната, посебно по бранот бегалци, бројот на детски бракови енормно порасна“, наведува таа за Дојче веле. „Има девојчиња кои се омажени на 11 или 12 години со надеж дека тоа ќе ги заштити, на пример од сексуални злоупотреби“.

Целта на ОН е до 2030. година веќе да не смее да постои склучување детски бракови. По тој повод „Спасете ги децата“ организира конференција за сузбивање на оваа појава во Сенегал, на која ќе учествуваат владини претставници, верски авторитети, организации за правата на децата, агенции на ОН...

Организациите за заштита на човековите права бараат од политиката поактивен ангажман. „Најважно е образованието, девојчињата да можат да посетуваат училиште“, вели Кригер. „Сакаме да влијаеме врз владините програми, да се обезбедат финансиски можности за родителите или за девојчињата, кои подоцна би можеле да се вработат“, вели таа. Поради тоа, истакнува Кригер, неопходни се позитивни примери и разбирање на родителите и заедницата. 

Латинска Америка направи најголеми исчекори во борбата против детскиот брак. Но, и таму сѐ уште секое петто девојче му е ветено на некој дотогаш нему непознат маж.

Детски бракови - честа појава во Македонија

01:38

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми