1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови права

Кога правата се во притвор, тортурата е на слобода

24 ноември 2017

И покрај хипокризијата со која ВМРО-ДПМНЕ се ужаснува од затворските услови кои не ги подобри кога беше на власт, пред случајот Темелко не смее да се замижи, како што се мижело за слични примери во минатата деценија.

Symbolbild Gefängnis Verhaftung
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Kästle

„Притворот на Едмонд Темелко е политичка тортура и газење на човековите права и тој мора да биде ослободен“, повикува во континуитет опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата соопштија дека тој боледува од автоимуна, дегенеративна болест која постојано прогресира и дека судската власт уште кон крајот на септември ја добила медицинската дијагноза за неговата здравствената состојба.

„Сам не може да стане од кревет. Заради болеста, Темелко не може сам да се пресоблекува, ниту пак да извршува физиолошки потреби. Тој има проблем со дишењето, со хранењето, и со движењето. Едмонд Темелко има проблеми со вртоглавици, со внатрешните органи и секојдневно се бори со неподносливи болки во мускулите и во зглобовите. Темелко, секој ден успева да го преживее благодарение на помошта што ја добива од друго притворено лице. Веќе два месеци секојдневно се бори за сопствениот живот во нехумани услови затоа што Заев, СЈО и судовите под нивна контрола решиле да му се одмаздуваат“, обвини ВМРО-ДПМНЕ.

Хелсиншки ќе реагира

Секој притвореник има право на хуман третман и здравствена заштита, апелираат од организации за заштита на човековите права. Но, и потсетуваат дека партијата што сега обвинува за „живот во нехумани затворски услови“ со години ги толерираше таквите состојби во казнено-попоравните установи иако добиваше жестоки критики од Комитетот за превенција од тортура на Советот на Европа и во извештаите на Народниот правобранител, но не ги спроведуваше нивните препораки. Но, без оглед на хипокризијата со која партијата денес се ужаснува од условите во затворските и притворските одделенија, едногласен е ставот дека пред не смее да се замижи вакви случаи, како што се правело во минатото. На ова потсетува Уранија Пировска, директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.

Фотографија: DW/V. Todorovska

„За време на претходната власт постојано апелиравме за многу случаи на притворени и затворени со драматично влошена здравствена состојба, но немаше никаква реакција. Така беше и за Јован Вранишковски, така беше и Александар Диневски кој во ќелија лежеше со боца кислород, така беше и за некои од притворените во случајот „Пајажина“ (А1 телевизија), кога бремена мајка го изгуби плодот. Немаше волја да се даде прекин ни на притворот, а подоцна ни на казната заради потреба од лекување. Со Диневски сега се повторува истата ситуација. Очекуваме неговото семејството да ни достави соодветна медицинска документација, со која и ние (покрај неговиот бранител-н.з) ќе бараме пред надлежните прекин на казната заради лекување. Истото ќе го направиме и за Едмонд Темелко, доколку неговото семејство ни достави медицинска документација“, вели Пировска.

Право на здравствена заштита

Градоначалникот на општината на Пустец во Албанија, Едмонд Темелко беше приведен на 26 септември годинава во центарот на Скопје, и спроведен во истражниот затвор во Шуто Оризири. По барање на СЈО судот му одреди 30-дневен притвор, бидејќи не ја почитувал мерката претпазливост да не ја напушта Македонија. На 27-ми октомври мерката притвор му беше продолжена за уште 30 дена. Судот му го одзеде пасошот во јули годинава, а тој имаше обврска да се јавува во судот еднаш неделно. Обвинет е во случајот „Титаник“ за изборни нерегуларности. За Темелко, кој го троши третиот градоначалнички мандат во Албанија, станало збор и на средбата пред четири дена во Скопје меѓу македонскиот и  албанскиот претседател, Ѓорге Иванов и Илир Мета. Иванов посочи дека пренел и до Владата дека здравствената состојба на Темелко е нарушена и дека е прашање дали ќе може да го преживее овој судски процес. И Мета ја искажа загриженоста бидејќи станува збор и за државјанин на Албанија.

„Секој државјанин треба да ги почитува законите на државата чиј државјанин е. Во случајот со Темелко, тој има државјанство и на Република Македонија и на Република Албанија. Ја искажав мојата загриженост и на оваа средба и на средбата со претседателот на Собранието, Џафери. Се работи за јавна личност, за градоначалник, но и за лице кое има лоша здравствена состојба“, рече Мета.

Ден потоа стигна рeaкција стигна и од единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска Интеграција (МАЕИ). Таа апелираше македонските институции итно да ги преземат сите потребни чекори и да го ослободат од затвор лидерот на партијата и градоначалник на Пустец.

„Неговите роднини не информираа дека не му е дозволено да користи здравствена заштита што е спротивно на сите универзални права. Иако до македонските судовии беа доставени и соодветни лекарски докази, тие одбиваат да му овозможат користење на потребната здравствена нега“, потенцираа од МАЕИ.

Вчера и македонското друштво „Илинден“ со седиште во Тирана и огранокот за Голо Брдо, побараа итно ослободување на Едмонд Темелко.

Хуман третман

Според правни експери, нужна е итна реакција на надлежните, со цел да се направи увид во фактичката состојба, бидејќи и тој и кое било притворено лице има право на хуман третман, а здравствената состојба не треба да биде злоупотребувана за партиски пресметки со СЈО, судот или власта. На потребата од подобрување на севкупната состојба на затворените и притворените лица обврзуваат меѓународните стандарди, Европските затворски правила, Минималните стандарди на Обединетите нации за постапување со осудени лица, Европската конвенција за човекови права и домашните законски прописи, кои во основа, а според член 39 од Уставот на Република Македонија, се насочени кон почитување на основните човекови права („На секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита“).

Фотографија: Fotolia/jtanki

И во извештаите на Народниот правобранител на Република Македонија системот за здравствена заштита во казнено-поправните установи е оценуван како лош и нефункционален. Според извештајот на Европскиот комитет за превенција на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување при Советот на Европа, здравствената заштита во затворите во Македонија има две клучни карактеристики: недоволен број на вработени и непочитување на одредбата за обезбедување медицински испитувања на затворениците во рок од 24 часа од приемот.

„Срам ми е што сум премиер на држава со вакви затвори“, изјави премиерот Зоран Заев по посета на затворот „Идризово“ во септември годинава. Тој најави дека ќе се обиде да поттикне дебата во општеството за итно подобрување на условите во затворите, особено по бројните европски препораки за подобрување на условите во затворските институции. Она за што не може да има дебата се правата на притворените и затворените. Тие мора да се почитуваат, без исклучок.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми