1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога ќе се одржат изборите - на 17 или на 31 октомври?

ДТЗ
21 јули 2021

СДСМ бара согласност од партиите локалните избори да се одржат на 31 октомври, со цел да се избегне поклопување со есенскиот попис. Опозицијата не го прифаќа ваквиот предлог.

Kommunalwahlen in Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Сè уште е неизвесно кога ќе се одржат локалните избори во Северна Македонија. СДСМбара согласност од партиите изборите да се закажат за 31 октомври, со цел да се избегне нивно поклопување со есенскиот попис. Опозицијата не го прифаќа ваквиот предлог и бара изборите да се одржат на 17 октомври, како што налага Уставот. Алијанса за Албанците, исто така, е за избори на 17 октомври. „СДСМ и ДУИ нека изберат датум кога сакаат да изгубат“, порача лидерот на Алијанса, Зијадин Села. Во очекување на владејачкиот албански коалиционен партнер ДУИ да се изјасни околу предлогот на Заев, партиите во јавноста веќе ги спротивставуваат своите ставови и аргументи околу локалните избори во октомври. 

Дали ќе се одложат изборите? 

Премиерот Зоран Заев вчера најави дека ќе бара согласност од партиите за локалните избори да се одржат на 31 октомври. „Имаме причина за одложување на изборите, а тоа, секако, е пописот кој ќе се спроведува во септември и не сакаме кампањата да се поклопи со него, и секако причината за одлагањето е пандемијата. Така што, ако не се промени тоа со закон, изборите треба да бидат до 17 октомври и ќе имаме поклопување на кампањата со пописот. Предлогот доминантно од партиите е да биде 31 октомври, ако се согласат и тоа ќе биде вградено во Изборниот законик“, изјави Заев.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ е незадоволна бидејќи Заев кажал датум за одржување на изборите без претходна консултација со останатите политички партии, што, според нив, го потврдува фактот дека тој стравува од одржување на локалните избори и од судот на народот.

-повеќе на темата: Жешкото лето вовед во пожешка изборна есен

„Уставот е над сѐ и во оваа држава. Заев треба да ја прекине праксата на кршење на Уставот, кој  јасно утврдува дека мандатот на градоначалниците истекува пред датумот кој Заев го нуди како можен датум за локалните избори. Согласно Уставот, локалните избори треба да се одржат до средината на месец октомври. Ако неговиот аргумент е одржувањето на пописот, тогаш Заев може да го одложи пописот за ноември и со тоа ќе се испочитува Уставот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Согласно Уставот, локалните избори треба да се одржат до средината на месец октомври, велат од опозицијата.Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Алијанса за Албанците не гледа причина за одложување на датумот, а според нив и најавите за ситуацијата со пандемијата не одат во прилог на одложување на изборите.
„Според Уставот изборите треба да се одржат на 17 октомври и овој датум е наш предлог“, велат од Алијанса за Албанците во врска со предлогот на премиерот Заев.  
Тие тврдат дека се подготвени да победат на избори, кога и да се одржат тие. „ Го разбираме и стравот на партиите од власта кои бараат начин да купат време со надеж дека нешто ќе се промени. Ние им велиме на СДСМ и на ДУИ изберете го датумот кога сакате да изгубите“, велат од партијата на Села.

Изборни комбинаторики

Покрај за датумот на одржување на изборите, партиите ги кршат копјата и околу можните коалиции.  Заев веќе имал средба со Мендух Тачи и со Билал Касами во врска со претстојните локални избори, а до крајот на неделата најави средба и со лидерот на ДУИ,  Али Ахмети.
„Сите потврдуваме заедничко помагање, бидејќи сме коалиција на централно ниво, а убаво би било тоа да биде преточено и на локално ниво. Логично е коалициски да се поставиме, најголем дел ќе бидат коалициски настапи во првиот круг, 50 отсто, 25 или 30 проценти би биле во вториот круг и некаде по завршување на изборите ќе правиме повторно коалиција“, вели премиерот. 

Заев бара согласност од партиите за локалните избори да се одржат на 31 октомври.Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

ДУИ и БЕСА веќе најавија дека ја очекуваат поддршката од најголемиот партнер СДСМ на локалните избори во Тетово, каде кандидати за градоначалници ќе бидат Теута Арифи од ДУИ и најверојатно Биљал Касами од БЕСА.  Во однос на ова прашање, Заев вчера порача дека  е најдобро секој да излезе со свој кандидат во првиот круг, а потоа да се поддржи оној од коалицијата што ќе влезе во вториот круг. Деновиве, најави тој, ќе следуваат разговори.

Отворени листи

Измените на Изборниот законик повторно се актуелно прашање околу коешто партиите се обидуваат да најдат прифатливо решение во пресрет на изборите.  Заев вели дека меѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса за Албанците и Алтернатива има договор за отворени листи за советници на претстојните локални избори, но тоа не е официјализирано затоа што треба да се види дали се задоволни и малите партии.
Предлогот е Изборниот закон да се промени на тој начин што советниците ќе бидат избирани со отворени листи и со цензус од 3 проценти. Но, помалите партии сега стравуваат поради овој праг и бараат отворени листи.
За ВМРО-Народна партија, измените коишто се предлагаат, се само уште еден чекор со кој големите партии заеднички се договараат да ги збришат сите мали политички партии од македонската политичка сцена.

Павле Трајанов стравува дека измените на Изборниот законик може да се на штета на помалите партии.Фотографија: DW

Изборниот праг е спорен и за Демократскиот сојуз. Претседателот на партијата, Павле Трајанов на прес-конференција рече дека од тоа ќе зависи дали да се оди во коалиција на изборите или да се настапи самостојно со советнички листи. „Вака  како што се предлага, може да настапи конфузија и да биде на штета на помалите политички партии бидејќи, меѓу другото, се става да има изборен цензус. Кандидатите за советници треба да се пласираат ако освојат најмалку 3 отсто од запишаните гласачи“, вели Трајанов. Тоа за него е неприфатливо. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми