1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Кога ќе ти откаже срцето

Гудрун Хајзе
2 април 2018

Болно срце едноставно да се замени со вештачко срце? Во таков случај веќе нема да биде потребна донација на органи. Во моментов вештачките срца се ставаат само во преодниот период додека не се изврши трансплантација.

08.01.2015 DW Projekt Zukunft Kunstherz

Кога сопственото срце веќе не функционира мора да се изврши трансплантација. Но, нема доволно донирани срцеви органи, а и листата на чекање е долга. Тоа може да се премости со привремено вградување на вештачко срце. Тоа ја презема функцијата на болното срце. Пред трансплантацијата лекарите мора целосно да го отстранат болното срце, бидејќи тоа веќе не функционира. На негово место се става вештачкото срце. Тоа работи на воздушен компресор. Пациентот мора постојано да го носи со себе. Преку две црева е поврзано со пумпните комори на вештачкото срце. „Тоа сериозно го ограничува нормалното функционорање“, вели Евгениј Потапов од Германскиот центар за срце во Берлин. „Овој систем е релативно голем. Пумпата којашто го одржува вештачкото срце е надвор од телото и работи гласно.“

Не мора секогаш да се стави вештачко срце

Кај 99% од пациентите со болно и оштетено срце може да си остане нивниот орган. Во таков случај се става помошен апарат, таканаречен Систем за поддршка на срце. Ова може да се користи во случаи, на пример, кај пациенти чие срце се опоравува од сериозна болест и во одреден момент треба повторно да функционира независно. Ако успее, тогаш помошниот апарат може повторно да се отстрани

Исто така се користи и да се поддржи функцијата на едно болно срце кое сѐ уште работи за да се преброди периодот до трансплантација. Пациентите со тешки болести, како тумор и слично, или оние кои се премногу стари за трансплантација, исто така добиваат ваков помошен апарат.

Фотографија: Hospital Dr. Gustavo Fricke

Има различни апарати, но едно им е заедничко, вели Потапов: „Тие спасуваат животи, над 1000 пати годишно само во Германија. Без овие апарати пациентите би биле мртви."

Моделот од природата

Човечкото срце има две комори: десната ја пумпа крвта со ниско ниво на кислорд преку крвотокот во белите дробови. Левата комора, од друга страна, ја пумпа крвта богата со кислород од белите дробови назад во крвотокот. Така крвта го снабдува телото со кислород.

Заедничко и за вештачкото срце и за апаратите за поддршка е што се управувани од уред кој е надвор од телото. Тој е поврзан преку електричен кабел кој се става под кожата и е споен со уред на батерии. „Батериите траат од шест до осум часа, а потоа мора да се наполнат." Поголемиот број пациенти ги носат овие батерии во ранец или во чанта. „Така можат да се движат и до 12 часа“, објаснува Потапов. Потоа батериите мора повторно да се наполнат.

За да се инсталира ваков апарат лекарите ги отвораат градите на пациентот, практично се работи за операција на отворено срце. Тоа е стандарден метод. Втората можност е со минимално-инвазивен метод. Во тој случај лекарите прават два мали реза, еден кај пазувите, другиот под левата града. Всушност апаратот којшто се вградува е со големина на ѕвонче од велосипед, објаснува Потапов.

Ризици и компликации

Најголем ризик постои од инфекција. Потапов вели дека кабелот кој излегува од телото надвор е „пат до пеколот". „Бактериите често се лепат по должината на кабелот и внатре во телото. Тоа е ретко, но сепак, секој десетти пациент имал ваква инфекција. Тие можат да бидат од непријатни до смртоносни."

Местото на коешто влегува кабелот во телото е всушност хронична рана. Тоа е совршено место за развој на бактерии. Во принцип, телото може да балансира и самото да ги затвори ваквите рани“, но во ретки случаи може да доведе до компликации, како на пример кога инфекциите се шират низ крвотокот и потоа може да се предизвика труење на крвта“, вели Потапов.

Речиси десет проценти од пациентите страдаат од мозочен удар. Затоа пациентите со вештачко срце мора да земаат лекови за антикоагулација. Постои уште една закана: како кај сите технички апарати и кај вештачкото срце може да дојде до дефект и да престане да работи.

Главна цел е во даден момент донацијата на органи да се укинеФотографија: picture-alliance/dpa/B. Wüstneck

Иднинатата е во безжичен апарат

Според Потапов потребни се многу подобрувања и усовршувања на апаратите. „Како лекари сакаме да поттикнеме развојот на овој план. Во Центарот за срце во Берлин, кој е со најголема програма за вештачки срца, основавме научно истражувачка група во соработка со Европската техничка висока школа од Цирих. Сакаме да ја унапредиме и подобриме технологијата". Научниците сакаат да креираат безжичен апарат. Потапов го споредува ова со принципот на кој функционираат мобилните телефони или електричните четкички за заби. „Ги ставате на станица за полнење и така се полнат електричните четкички.“

Истиот принцип може да се примени и кај вештачките срца или апарати за поддршка. Притоа е потребно да се постави една спирала под кожата и една надвор од телото. Така ќе се индуцира електрично коло кое ќе биде безконтактно и безжично.“ Пациентот ќе може оди на пливање, да се бања, што и да сака да прави сѐ додека внатрешната батерија е полна.

Попатов е уверен дека новиот систем веќе следната година ќе биде воведен на клиниките. „Ова ќе биде голем скок напред бидејќи пациентите ќе имаат многу повеќе слобода, помалку инфекции, па дури и психолошкиот ефект ќе биде позитивен. Пациентот ќе може да прави сѐ што сака, на крајот да го стави својот елек преку кој се полни батеријата за таа повторно да се наполни."

Главната цел е во даден момент донацијата на органи да се укине. „За пет години сигурно ќе бидеме подобри. И веројатно – што се однесува до пумпата – ќе бидеме сериозна конкуренција во трансплантацијата на срца“, вели Потапов. Дотогаш веројатно ќе има и натаму луѓе коишто ќе чекаат срце од донатор за трансплантација.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми