Кога ќе чепнеш турски функционер, не ти се пишува добро
Кристијан Буткерајт
30 јули 2018
Турската новинарка Пелин Ункер беше дел од тимот кој работеше на т.н. Рајски документи, поврзани со истрага на затајување даноци. Во Турција трагите ја доведоа и до синовите на тогашниот премиер Бинали Јилдирим.
Реклама
Пелин Ункер е ситна и тивка жена, која воопшто не изгледа агресивно. Таа и нејзините колеги од „Џумхуриет“ препоставуваа дека објавувањето на Рајските документи (Paradise Papers) нема да ѝ се допадне на турската влада.
„Ние претпоставувавме дека нешто ќе се случи, но дека од нас ќе бараат 500.000 лири отштета, тоа не го очекувавме", вели Ункер.
Како член на меѓународниот Конзорциум на истражувачки новинари, Пелин Ункер наиде на документи кои се поврзани со турски компании. Станува збор за милијарди евра даночно затајување преку фирми со седишта на Малта. Едната трага води до Серхат Албајрак, брат на актуелниот министер за финансии и зет на Ердоган, Берат Албајрак. Втората трага води до синовите на Бинал Јилдирим, кој до неодамна беше премиер. „Мислам дека се работи за осум компании. Една е поврзана со вујко му и пет со неговите синови кои во дел од компаниите се управители, а во некои основачи."
Не е нелегално семејството на Јилдирим да штеди на даноци, вели Ункер. Но Јилдирим бил тој што секогаш се грижел во јавноста да има имиџ на најчесниот човек.
Тој изјавуваше: „Кога влегов во политиката ги советував моите деца: никогаш немојте да правите бизнис со државата. Немојте ни да помислите."
Синовите на Јилдирим очигледно го избегнале директниот контакт со државата, вели Пелин Ункер. Тие избрале заобиколен пат: „Тие имаат многу фирми, но ние не можеме да докажеме што точно работат со нив. Откривме, на пример, дека една компанија соработува со превозната компанија ‘Орас Денизчилик' . Тоа, според мене, е многу важно, бидејќи оваа компанија има договор со владата."
Се работи за зделка вредна седум милиони долари. Како што покажуваат новинарските истражувања, зад неа стои никој друг, туку поранешниот бизнис партнер на Бинали Јилдирим. Откака ова се објави во јавноста, политичарот излезе со објаснување:
„Мојот народ добро ме познава. Јас секако имам имунитет, но моите деца немаат. Ги повикувам сите надлежни да покренат истрага, финансиска или правана. И јас го посакувам тоа", уверуваше Јилдирим.
Истрага има, но против Пелин Ункер, против нејзин колега и против „Џумхуриет“. Јилдирим и неговите синови бараат отштета од 500.000 лири за нарушување на угледот и клевета. Без притоа да дадат каков било дека истражувањата на Ункер се неточни. Пелин Ункер вели дека во нормални услови не би се плашела од судската постапка, но: „Овде сѐ е можно, бидејќи знаете ова е Турција", вели Ункер смеејќи се.
И покрај ова, Пелин Ункер ќе продолжи со објавување на вакви приказни. Тоа што треба да застане пред суд лично не ѝ пречи.
„Навикнати сме на нешто вакво, ние работиме за ‘Џумхуриет’ и секој од нас има доживеано по некоја ваква епизода. Ние сме навикнати да работиме под притисок. Тоа е тоа."
Следното рочиште во случајот Јилдирим против „Џумхуриет“ е закажано за почетокот на септември.
Глобалната елита во Рајските документи
Новинарите објавија серија тајни документи кои откриваат чудни инвестиции и избегнување данок од страна на моќните и богатите. Откритијата се на истиот тим кој ги објави „Панама пејперс“.
Фотографија: picture-alliance/dpa/D.-L. Olivas
Боно и „Нуд Естејтс“
Фронтменот на U2 и активист Боно е едно од најзвучните имиња во документите. Во комплицирана мрежа на финансиски трансакции, Боно инвестирал во компанија од Малта наречена „Нуд Естејтс“, која пак била вмешана во спорен договор за трговски центар во Литванија. Малта е позната по своите либерални даночни политики. Портпарол на пејачот тврди дека нема ништо нелегално.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Gombert
Американскиот министер за трговија
Министерот за трговија на САД, Вилбур Рос се наведува во документите поради неговите удели во руската компанија за гас, Сибур. Рос сега се соочува со обвинувања дека ги прикривал врските со Русија пред Конгресот. Тој пак тврди дека компанијата со која соработувал не била под санкции од САД, па немал ниту обврска да информира за тоа.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Harnik
Приватниот имот на кралицата Елизабета
Кралицата Елизабета собира приходи од нејзиниот приватен имот, Војводството Ланкастер. Според Рајските документи, војводството инвестирало 10 милиони фунти во офшор сметки во Бермуда и Кајманските острови. Одговорните велат дека инвестициите биле легални.
Фотографија: picture-alliance/dpa/D.-L. Olivas
Шампионот во Формула 1
Актуелниот првак во Формула 1. Луис Хамилтон избегнувал плаќање данок за својот приватен авион преку специјално дизајнирана шема, според документите. Рајските документи покажуваат дека Хамилтон добил поврат на данок во износ од 3,3 милиони фунти, откако го увезол својот авион од Ајл оф мен, офшор остров во близина на западниот брег на Англија.
Фотографија: Reuters/A. Boyers
Поранешниот германски канцелар
Името на Герхард Шредер, германски канцелар од 1998 до 2005 година, се споменува поради неговата менаџерска ролја во руско-британската енергетска фирма ТНК-БП во 2009. Компанијата била регистрирана во даночната оаза Британски Девствени острови. Во 2013 ТНК-БП била купена од рускиот енергетски гигант Роснефт, каде Шредер во меѓувреме стана директор на бордот.
Фотографија: Reuters/O. Astakhova
Колумбискиот претседател
Според сознанијата во документите, колумбискиот претседател Хуан Мануел Сантос се појавува како директор на две офшор компании на Барбадос. Тој претходно тврдеше дека ги прекинал врските со компаниите откако стана министер за финансии во владата во 2000 година.
Фотографија: picture-alliance/Photoshot
Животниот стил на богатите и моќните
Не сите откритија во Рајските документи претставуваат нелегална активност. Но, тие фрлаат светлина врз светската елита, вклучително и луѓе како ко-основачот на Мајкрософт, Пол Ален. Вмешани се и други водечки светски компании како Епл, Мекдоналдс, Фејсбук и Волмарт.
Фотографија: picture-alliance/PA Wire/B. Mitchell
Медицинската опрема на Мадона
Меѓу чудните инвестиции пронајдени во истражувањето на Рајските документи е и уделот на познатата пејачка Мадона во фирма за медицинска опрема. Актерката Кира Најтли, пак, имала удели во фирма за недвижности на британскиот остров Џерзи.