1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кое оружје ѝ го испраќа Германија на Украина?

Кристоф Хаселбах
11 мај 2022

Германија ја снабдува Украина со лесно оружје, но ќе уследи и тешко, како тенкови и артилерија, на што Киев уште одамна инсистира. Какво сѐ оружје ѝ испраќа Германија на Украина?

Todendorf | Flugabwehrpanzer Gepard Stinger Rakete
Фотографија: Carsten Rehder/dpa/picture alliance

Противвоздушен тенк Гепард"

„Гепард“ има два топа со калибар од 35 милиметри и се користи за борба против авиони и хеликоптери на височина до 3500 метри, како и против лесни оклопни цели на земја. Тоа значи дека може да се користи и за одбрана и во напад. „Гепард“ меѓутоа не би имал шанси против борбени тенкови, зашто топовите му се од релативно мал калибар. Има радиус на движење од окоу 550 километри, а може да се движи и низ вода, без посебан  дополнителна опрема

„Гепард“ се произведува од 1976 година, а она што е најважно за мисијата во Украина е што наоружувањето на „Гепард“ меѓу останатото е развиено и за борба против оклопни јуришни хеликоптери, како советскиот Ми-24.

На Украина првично ѝ беа ветени 50 „Гепарди“, но очигледно е дека засега недостига муниција.

„Гепард“ може да биде опасен заруските хеликоптери МИ-24Фотографија: picture-alliance/dpa/ ITAR-TASS

Самоодна хаубица 2000

Станува збор за оклопен самооден артилериски топ со калибар од 155 милиметри, кој може да постигне брзина на испалување од три проектили во десет секунди. Во зависност од муницијата, целите можат да се уништуваат на оддалеченост од 30, па дури и до 56 километри. Фирмите „Краус –Мафеј Вегман“ и „Рајнметал“ првите модели му ги испорачаа на Бундесверот во 1998 година.

За разлика од тенкот „Леопард 2“, самоодната хаубица може да испалува проектили само кога стои, па во борбите без сомнеж е инфериорна во однос на тенковите. По испалувањето мора веднаш да ја промени положбата за да избегне возвратен оган. Хаубицата може да се движи со брзина до 60 километри на час, има радиус на движење од околу 420 километри. Минува и низ вода до длабочина од околу метарипол. Со поддршка од воздух, успешно беше користена во Авганистан во 2006 и 2007 година.

Самоодна хаубица 2000Фотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture alliance

Според зборовите на германската министерка за одбрана Кристине Ламбрехт, Бундесверот поседува околу 100 хаубици, од кои 40 се оперативни. Владата во Берлин на Украина ѝ вети седум хаубици, но тие прво мора да станат оперативни, што би можело да потрае до лето.

Оклопен транспортер „Мардер“

Оклопните транспортери служат за превоз на пешадија, но и за огнена поддршка. „Мардер“ нуди простор за шест или седум војници и има автоматски топ со калибар од 20 милиметри или, опционално, наведувачки ракети од типот „Милан“ против цели на земја или во воздух. Заради заштита од АБЦ оружје, „Мардер“ поседува заштитен вентилациски систем, а благодарение на хидрауликата, може да се движи низ вода до длабочина од два метри.

Оклопен транспортер „Мардер“Фотографија: Philipp Schulze/dpa/picture alliance

„Мардер“ се произведува уште од 1971 година, што значи е постар од „Гепард“. Во Германија постепено го заменува моделот „Пума“, па сепак „Мардер“ уште го користат покрај во Бундесверот, и во бројни други земји. Својата ефикасност ја покажа во мисиите во Косово и во Авганистан. 

Борбен тенк „Леопард 2“

Тенкот „Леопард 2“  е класичен претставник на тешко оружје произведено во Германија. Во сериско производство е од 1978 година и оттогаш повеќепати е унапредуван. Во Бундесверот неговата замена се планира дури за 2030 година.

Поради големиот успех во извозот, фирмата „Краус-Мафеј Вегман“ која го произведува, изработува многу различни верзии, а секоја е прилагодена на посебните желби на купувачите. Се произведува и во странство, по лиценца. И претходниот модел, „Леопард 1“, исто така многу добро се продаваше и уште е во употреба во многу војски ширум светот.

„Леопард 2“ - најпознат германски тенкФотографија: picture-alliance/dpa/P. Steffen

„Леопард 2“ е наменет за одбрана од непријателски оклопни формации и има топ од 120 милиметри со кој може да гаѓа и во движење. Дури и по возење по нерамен терен, топот останува вперен во целта. Со дополнителна опрема, „Леопард 2“ може да се движи низ вода до длабочина од четири метри, а АБЦ-заштитата е дизајнирана за период од 48 часа.

Според зборовите на канадски и дански војници кои го користеле во Авганистан, „Леопард 2“ покажал пред сѐ висок степен на заштита од напади. Политички деликатна работа врзана за овој тенк е што го употребува Турција во акции во северна Сирија.

Германската влада досега не вети испорака ни на транспортер „Мардер“, ни на тенкови „Леопард 2“, но украинскиот амбасадор во Берлин, Андриј Мелник бара „брз извоз на 88 тенкови ‘Леопард 2', 100 транспортери ‘Мардер', самоодна хаубива и уште многу нешта.“

Ракета „Стингер ФИМ-92“

„Стингер“ е  ракета земја-воздух која се лансира од рамо и има инфрацрвено наведување. Се произведува од 1980 година во фирмата „Рајтеон“ во САД, но и во Европа, вклучително и во Германија. По пронаоѓањето на целта – борбен авион или хеликоптер, автоматски ја прати целта до оддалеченост од околу 4000 метри. Боевата глава експлодира со временско задоцнување, откако што (најчесто) ќе удри во резервоарот со гориво, што дополнително го зголемува разорувачкиот ефект.

Германски војник со „Стингер“ ракетаФотографија: Ingo Wagner/dpa/picture alliance

„Стингер“ се покажа како многу егикасно оружје, лесно за користење. Во текот на советската окупација на Авганистан, тамошните борци опремени со „Стингери“ од САД собориле многу советски авиони и хеликоптери.

Освен САД, Холандија и Летонија, и Германија од почетокот на војната во Украина испорача околу 500 парчиња „Стингер“ од залихите на Бундесверот.

Рачен фрлач „Панцерфауст“

Припадниците на германскиот Бундесвер, но и други војски, за борба проти тенкови и оклопни возила користат стандарден „Панцерфауст 3“, кој од 1992 во Германија го произведува „Дајнамит Нобел“. Со него од рамо можат да се гаѓаат неподвижни цели до 400, а подвижни до 300 метри. Проектилот може да пробие до 300 милиметри оклопен челик и до 240 милиметри армиран бетон. Како што соопшти германската влада, Берлин на почетокот на војната на Украина ѝ испорачал неколку илјади парчиња од ова оружје. 

„Панцерфауст“ - ефикасно оружјеФотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture alliance

Разно стрелачно оружје

До крајот на април, Германија во Украина испратила и 100 автоматски пушки, 100.000 рачни бомби, 2000 мини, околу 5300 експлозивни полнења и преку 16 милиони парчиња муниција од различен калибар, од онаа за јуришни пушки, па до онаа за митролези.

Податоците за испораките потекнуваат од кругови на украинската влада, зашто за разлика од тешко наоружување  како тенкови, Германија не објавува какво помало оружје ѝ испорачува на Украина.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми