Кои се приврзаниците на сепаратизмот во Каталонија?
Мариел Милер
6 октомври 2017
Сепаратистите во Барселона се консолидираат и се надеваат на став. Тие стравуваат дека ескалацијата ќе зема замав.
Реклама
Тешка атмосфера во Барселона. Дождот го засилува чувството. Платото пред универзитетот во Барселона беше едно од централните места на протестите. Опремени со знамиња, мегафони и транспаренти претежно луѓе на околу 25-годишна возраст гласно го искажаа своето несогласување. „Можете да нѐ тепате, не можете да нѐ замолчите!", гласеа паролите по плакатите.
Ирене и чувството на гнев
Ирене денот на демонстрациите го минала со пријателите на улица. „Имавме таков гнев, уште сум лута“, вели седната во предворјето на Филозофскиот факултет на универзитетот во Барселона каде што студира антропологија. Зошто сѐ уште е бесна? „Затоа што секогаш се велеше дека треба да сме мирни, но ни тие не беа мирни, па зошто моравме да бидеме ние?"
Кога вели „тие", мисли на Цивилната гарда и на воената полиција кои во неделата, на денот на референдумот, провоцираа судири со гласачите. „Ние сме глупавите што прво се тепани, па уште се бара да им го подадеме и другиот образ!?"
26-годишната девојка која не сака да го објави своето презиме е „индепендиста", поддржувач на независноста од длабоко убедување. „Така израснав, мојата фамилија со генерации посакува независност." Не заради тоа што Каталонците своето богатство не сакаат да го делат со остатокот од Шпанија, како што често пати им се префрла, „туку зашто шпанската влада не ја почитува доволно нашата култура".
Ирене смета дека нивниот јазик и обичаите се загрозени. Две други студентки се надоврзуваат: „Во моментов во училиштата се без проблем во употреба двата јазика, каталонски и шпански, но се плашиме дека многу скоро тоа би можело да се промени."
Хули и правото на свој јазик
„Тотално нерационално", коментира Хули Салом, студент по филозофија на универзитетот. „Угнетување на јазикот? Секако, но ако живееме во диктатура. А вака? Кој го одржува јазикот жив? Тоа се оние кои го зборуваат, каталонскиот народ. А, тој народ нема да дозволи јазикот да изумре. Тоа е невозможно."
Хули зборува со гнев. И тој е бесен, но од други причини. Каталонците, според него, од мали се индоктринирани „дека јазикот, обичаите и територијата мора да ги цениш и чуваш и тоа им се кажува како овие нешта да се загрозени". Хули потекнува од Балеарските острови и со години живее во Барселона. Тој сакал да има легален референдум за Каталонците.
24-годишниот ја критикува неинформираноста пред референдумот. Кампањата „Си" тотално изоставила комплексни релации и прашања поврзани со економијата или улогата на ЕУ. „Наместо тоа, неконкретно апелираа на љубовта на Каталонците. Но, за ваква важна работа мора да одлучува размот, а не срцето!" Повеќето луѓе, според него, не знаат што навистина значи процесот на отцепување: „Како слепи се борат во битка за чиј што можен исход воопшто не се свесни."
Неговиот другар Каталонец Марко Бијаголос го дели неговото мислење: „Концептот независност како што ни го продава каталонската влада е толку дифузен, што секој си подразбира нешто друго." 26-годишниот предал неважечко гласачко ливче. Семта дека со „Не" ќе ја зајакнел шпанската влада, а тоа исто така не го сака. „Не ни ветија реални социјални, културни или економски промени. Зборуваа само за независноста сама по себе и луѓето тоа го примија како да е лекот за сѐ."
Франциско, економијата и парите
Пензионерот Франциско Тригерос се реши за „лекот за сѐ“. Со денови седел по училиштата каде се одвиваше гласањето за да биде сигурен дека полицијата нема предвремено да ги затвори. „Кај нас немаа храброст да влезат", раскажува гордо.
На шпанската влада ѝ префрла дека финансиски ги цеди Каталонците. „Плаќаме премногу спрема државата и даноците одат во Мадрид наместо кај нас." Аргументот е веќе познат. Критичарите пак им префрлаат на Каталонците дека не сакаат да го делат своето богатство со посиримашните Шпанци. А, тоа дека и во самата Каталонија има нееднаквост во економијата знаат малкумина. Центарот за истражување на јавно мислење на каталонската влада ЦЕО го откри следново: само 32% од Каталонците со примања под 900€ се за независност. 54% од Каталонците кои се залагаат за независност заработуваат повеќе од 4 илјади евра месечно.
„Ел сентименти каталан", каталонското чувство, на Франциско му е подеднакво важно колку и економијата во Каталонија. „Да не ни го пресечеа статусот на автономија во 2010-та никогаш немаше сепаратистичкото движење да достигне олкави размери", убеден е тој. Но, тоа било „марша форсада", изнудено одење, додава Франциско: „Секоја неправда која шпанската влада со години ни ја правеше, нѐ направи посилни. Не само екстремната репресија од изминатите денови, туку и сите лаги од изминатите години.“
Тој стравува дека ескалацијата ќе зема замав. Франциско сакал независност, но веќе нема одговор на прашањето дали претседателот Пуџдемон и навистина треба да ја прогласи. „Луѓето се на крајот на нервите. Не зборуваат веќе еден со друг."
И Ирене го дели неговото мислење: „Имаше времиња кога дијалог беше можен - тие времиња поминаа."
Историјата на каталонското движење за независност
Стремежот на Каталонците за независност има долга историја. А во текот на таа историја имало подеми и падови, засилување на автономното право и угнетување. Ова се некои од најзначајните случувања.
Фотографија: Reuters/A.Gea
Богато античко наследство
Каталонија рано ја населиле Фениќаните, а потоа Етрурците, па Грците. Грците ги населиле пред сѐ Росас и Ампуриас (на сликата). Римјаните продолжиле со изградба на населби и инфрастукура. Каталонија остана дел од Римското царство сѐ додека не ја освоија Визиготите во 507 година по Христос.
Фотографија: Caos30
Грофовства и самостојност
Во 711 година Каталонија ја освоија Арапите. Карло Велики го запре нивниот продор во 732 година кај Тур на Лоара, а веќе во 759 година северот на Каталонија стана повторно христијански. Во 1137 година каталонските грофовства влегоа во сојуз со кралството Арагон. Во 13. и почетокот на 14. век Арагонското кралство владее со западното Средоземје и ги освои Мајорка (на сликата) и Валенсија.
Фотографија: picture-alliance/Prisma Archiv
Автономија до војната за престоли
Во 13. век се создаваат институции на каталонска самоуправа, наречени „Generalidad de Catalunya". По обединувањето на земјите под круната на Арагон со кралството Кастиља во 1476 година, Арагон можеше да ги задржи своите автономни иституции сѐ до завршувањето на шпанската војна за престоли (1714 година) - со пауза за време на селската буна (на сликата) од 1640 до 1659 година.
Фотографија: picture-alliance/Prisma Archivo
Годишнина на еден пораз
Откако Барселона на 11 септември 1714 година ја освои бурбонскиот крал Филип V каталонските институции се распуштени и ѝ е ставен крај на самоуправата. Секој 11 септември Каталонците се потсетуваат на укинувањето на нивните автономни права (на сликата се демострациите од 2015 година во Барселона).
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Gene
Федерални идеи и прва шпанска република
Откако абдицираше Амадео I на 10 фебруари 1873 година е прогласена првата Шпанска Република, која траела помалку од една година. Симпатизерите на републиката се неединствени. Едните сакаа централистичка република, другите федерален систем. Симпатизер на федерализмот бил и Франциско Пи и Марагал (на сликата), еден од петте претседатели на краткотрајната република.
Фотографија: picture-alliance/Prisma Archivo
Неуспешен обид во 19 век
Обидот Каталонија во Шпанската република да создаде сопствена држава дополнително го заостри конфликтот меѓу републиканците. Во 1874 година повторно е воспоставена монархија на чело со Алфонсо XII (на сликата) од династијата Бурбон.
Во периодот меѓу 1923 и 1930 година, генералот Примо де Ривера воспоставува во Шпанија диктатура, со помош на кралот Алфонсо XII, војската и свештенството. Каталонија станува центар на опозицијата и отпорот. Политичарот Франческ Масиа (на сликата) успева да избори за Каталонија важни автономни права по крајот на диктатурата.
Самоуправа во втората Шпанска Република
За време на втората Шпанска Република, каталонските пратеници го изработија Статусот на автономија од Нурија, кој во 1932 година го прифати и шпанскиот парламент. Франческ Масиа по изборите за каталонскиот парламент беше избран и за претседател на самоуправата на Каталонија. Победата на генералот Франко во шпанската граѓанска војна (1936-1939),меѓутоа значеше крај на втората Шпанска Република.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo
Крај на сите слободи под Франко
Режимот на Франко (1939-1975) за Каталонија значеше и укинување на демократските слободи: забрана на сите политички партии и прогон на нивните активисти, укинување на автономниот статус и потиснување на каталонскиот јазик и култура.
Фотографија: picture alliance/AP Photo
Повторно воспоставување на автономијата со нов статут
По првите слободни избори по падот на Франковата диктатура „Generalidad de Catalunya“, во 1977 година е привремено повторно воспоставена. Врз основа на шпанскиот демократски устав од 1978 година, Каталонија наредната година доби нов статус на автономија.
Жорди Пујол, долгогодишен претседател на владата на Каталонија
Првиот статус за автономија по времето на Франко ги признава самостојноста на Каталонија и каталонскиот како самостоен јазик. Во споредба со статусот од 1932, проширени се овластувањата на Каталонија во областа на образованието и културата, но се ограничени во областа на правосудството, финансиската управа и јавниот поредок. Жорди Пујол беше претседател на каталонската влада од 1980 до 2013 год.
Фотографија: Jose Gayarre
Јакнење на самосвеста
Стремежот на Каталонците за независност повторно се засили во последниве години. Во 2006 Каталонија доби нов статус на автономија со проширени овластувања. Но, по тужбата на конзервативаната партија ПП, шпанскиот Уставен суд ги укина проширените овластувања.
Фотографија: Reuters/A.Gea
Прв обид за референдум
Референдум за незвависност на Каталонија беше предвиден за 9 ноември 2014 година. Неговото прво прашање гласеше: „Сакате ли Каталонија да биде држава?“ Кој ќе се изјаснеше „За“ требаше потоа да одговори на прашањето „Сакате ли таа држава да биде независна?“. Но, Уставниот суд го стави гласањето надвор од сила.
Фотографија: Reuters/G. Nacarino
Двобој на двајца премиери
Од јануари 2016 година Карлес Пуџдемон е претседател на каталонската влада. Тој го продолжува националистичкиот курс на својот претходник Артур Мас и и покрај сите напори и полициско насилство на 1 октомври 2017 година го спроведе референдумот за независност, кој шпанскиот премиер Маријано Рахој го отфрла како противуставен.