Кои се ризиците кај „децата од епрувета“?
16 декември 2008Во светот расте бројот на вештачки оплодените жени. Лекарите со помош на лекови го поттикнуваат созревањето на јајце-клетките кај жената. Откако ќе созреат, тие ги земаат од нејзиното тело и ги спојуваат со сперматозоидите од мажот. Одлично решение за парови, кои очајно посакуваат дете. Меѓутоа, тоа е поврзано со многу ризици. Процедурата не само што е многу напорна и делумно фрустрирачка за мажот и жената, туку постои и одреден ризик детето да се роди со деформитети. Колку е голема опасноста од такво нешто? Група лекари и научници направија повеќе испитувања и се обидоа да дадат одговор на ова прашање.
Рутинска практика
Триесет години по раѓањето на Луис Браун, првото бебе од епрувета, вештачкото оплодување во Германија, како и во многу други земји, стана секојдневие. Професорката Хилке Бертелсман вели.
“Забележуваме дека се' почесто се случува парови да не можат да добијат дете. Тоа со сигурност се должи што тие многу доцна се решаваат на таков чекор, а биолошката способност за создавање деца со староста се намалува. Кај жените најчесто се јавуваат пречки во каналите на јајчниците така што јајце-клетките не можат да стигнат до утерусот. Кај мажите се случува да имаат неподвижни или деформирани сперматозоиди кои не можат да пристигнат до јајце-клетката на жената”.
Кога спермиите и јајце-клетките не можат да се најдат сами од себе, лекарите за репородукција применуваат методи кај кои тоа се случува надвор од телото. При ин витро фертилизацијата на жената и’ се земаат зрели јајце-клетки и во епрувета се спојуваат со спермиите од мажот.
“Оплодувањето тогаш навистина се случува во епрувета. Понатамошното развивање на ИВФ е интрацитоплазматична инјекција на спермии. Кај овој метод јадрата на спермиите од мажот се земаат и се вметнуваат директно во јајце-клетката во телото на жената, каде што доаѓа до оплодување”.
Се пробива и свеста за ризиците
Во Германија во 1994 година беше оплодено првото дете со ИЦСИ методот. Се‘ уште не е утврдено дали неплодноста на мажот се пренесува и кај синовите. Но, веднаш по воведувањето на методот се јавија стравувања дека со вештачкото оплодување се зголемува ризикот од појава на деформитети.
“Деформација значи појава на видливи изопачувања, но и појава на проблеми со срцето, со бубрезите и слично. Другиот страв е дека при вештачкото оплодување јајце-клетката или спермиите ќе се оштетат од топлината или од директната манипулација, бидејќи при ИЦСИ поинтензивно се користи пинцета отколку кај ИВФ методот”.
Од оваа причина, научничката Хилке Бертелсман, по налог на заедничкиот сојузен совет, највисокото тело за медицинската смоуправа на лекари, болници и здравствени каси, спроведе сеопфатна анализа на литература и студии што ги истражуваат ризиците од појава на деформации при вештачко оплодување.
“Нашиот резултат беше дека десет студии ги истражувале разликите помеѓу методите ИВФ и ИЦСИ и ниту една не покажала битни разлики. Тоа значи дека методот ИЦСИ со голема веројатност не носи поголеми ризици од методот ИВФ”.
Меѓутоа, ова важи само кога е во прашање ин витро фертилизацијата. Анализата на податоците покажа дека при вештачко оплодување, сеедно дали со ИВФ или ИЦСИ, се раѓаат повеќе деца со деформитети отколку при природно оплодување.
“Мора да се каже дека не знаеме на што точно се должи тоа, на медицинските методи при вештачкото оплодување или, пак, на родителите кои носат поголем ризик, што е и причина за нивната неплодност”.
Често раѓање близнаци
Квотата на успех на вештачкото оплодување не е особено висока: само 40 проценти од вештачките оплодувања доведуваат до бременост, а само 10 до 15 проценти и до раѓање на едно дете. Затоа, многу парови се одлучуваат да се обидат одеднаш со повеќе јајце-клетки. Последица на тоа се чести раѓања на близнаци.
“Близнаците секогаш носат поголем ризик за да не успее бременоста или, пак, да дојде до мртвороденчиња или оштетувања при раѓањето. Така, тие придонесуваат до статистичко зголемување на ризикот при вештачко оплодување”.
Од оваа причина, лекарите се обидуваат да го променат законот – бидејќи во Германија, за разлика од другите соседски земји, е забрането од повеќе ембриони да се изберат и одвојат оние со најголеми шанси за раѓање.