Кокошките алтернативни собирачи на смет
30 мај 2010
На пазарот во Мукроан е бучно, во малото белгиско гратче блиску до границата со Франција. Трговците неуморно зборуваат со своите муштерии за производите и цените. Џагорот на пазарот го надгласува гласот на Кристоф Денев од звучниците на историската општинска зграда.
Упатства за чување кокошки
Тој всушност не сака ништо да продаде, туку да подари кокошки, по две во картонско пакување. Службениците за заштита на животната средина од градот Мукроан годишно разделуваат вкупно сто кокошки. Нивната задача е да го јадат сметот, а за возврат да носат јајца. Една кокошка годишно може да изеде 150 килограми еколошко ѓубре. Кристоф Денев вели дека оние кои нема да дојдат на воведната презентација нема да добијат кокошки. Тој строго се придржува до ова правило: „Ја организиравме презентацијата за добивање упатства, оти првата година имавме негативни искуства. Имено, кај некои луѓе се случуваше кокошките кои ги делевме во картони по две недели уште да живеат во нив. Откако почнавме со информативната презентација повеќе немавме проблеми.“
Граѓаните се задоволни од проектот
Сепак градот еднаш годишно врши контрола. Кристин и Шарл Вандевил службениците сепак би можеле да ги прескокнат. Повозрасната брачна двојка оти тие веќе поседуваат осум кокошки. Кристин е воодушевена од улогата да биде „мајка на кокошките“: „Тоа се нашите ќерки, нашите ќерки, да! Кога се далеку одиме на терасата, ги довикуваме и тие доаѓаат, и тоа навистина бргу...“
Шарл исто како неговата сопруга се радува за вкусните еколошки јајца, кои секој ден ги наоѓа во кокошарникот: „Во моментов нашите шест кокошки носат меѓу четири и пет јајца дневно. Тоа е многу, тоа е добро.“ Шарл дури по проектот на градот Мукроан вистински сфати колку може да бидат практични кокошките како домашни животни: „Во секој случај со тоа се намалува сметот, оти сето она што ќе им го дадеме не завршува во кантата за отпадоци. Кога ќе преостане малку месо или зеленчук, а нема доволно за нас двајца... тогаш им го даваме на кокошките.“
Алтернативна форма на собирање ѓубре
На пазарот сега се делат картонските пакувања. Дауд Рихфи е еден од среќните добитници: „Живееме во центарот на градот и ова ни овозможува да имаме малку природа дома. Сите мои соседи веќе имаа кокошки, а јас малку им завидував...“
На еден од граѓаните, кој наскоро по третпат ќе стане татко, во турканицата му успеја да го потпише договорот со кој се обврзува соодветно да ги чува кокошките. Неговата шестгодишна ќерка Маршана во вториот обид успеја да објасни зошто се корисни кокошките: „За да ги јадеме? Не? Сепак, за да ги јадеме? За да јадат отпадоци...?“ Една од двете кокошки ќе се вика „Куку“, тоа е веќе сигурно. Според договорот со градот Мускрон тие мора да живеат најмалку две години.
Семејството Рифи имаше среќа, оти не секој заинтересиран добива кокошка ако порача по телефон. Во секој случај целта не е да се додели кокошка во сите 27 000 домаќинства, туку да им ја приближи на граѓаните на Мукроан оваа алтернативна форма на собирање на ѓубре. Имено, како што објаснува Кристоф Денев, кокошките не се скапи: „Оние кои сакаат кокошки може да си купат за седум евра. Две кокошки чинат четрнаесет евра. Трошоците за набавка се многу мали.“ Но, и тој знае дека подарената кокошка е сепак нешто посебно.
Автор: Сузане Хен / Јасна Мушиќ Јанчулева
Редактор: Александра Трајковска