1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колапс на преговорите за германска влада

ЖА /ДВ
20 ноември 2017

Преговорите за т.н. Јамајка коалиција пропаднаа, шефот на Либералите, Кристијан Линднер тврди дека разликите во ставовите меѓу политичките партии биле преголеми.

Berlin Scheitern der Sondierungsgespräche
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka

Сондирачките разговори за коалиција каква што досега никогаш не постоела во Германија  на сојузно ниво, траеја повеќе од еден месец.  Но, партиите чии бои одговараат на боите на знамето на Јамајка, црна- Унијата составена од сестринските партии ЦДУ/ЦСУ, жолта- Либерали и Зелените, потфрлија во обидот да најдат заеднички именители.

„Подобро е да не се владее. отколку погрешно да се владее“, изјави лидерот на Либералите, Кристијан Линднер синоќа пред полноќ, објавувајќи го пропаѓањето на преговорите. Четирите партии немале заедничка претстава за модернизација на земјата, а недостигала и меѓусебна доверба. Дел од политичарите од ФДП во неколку интервјуа во изминатите недели беа посебно остри кон канцеларката Ангела Меркел,  обвинувајќи ја за очајно водење на преговорите, за владеење хаос и за желба едноставно да ја продолжи политиката која ја водеше досега и сѐуште ја води во актуелната влада со социјалдемократите.

Канцеларката Меркел, која во моментов има технички мандат, во име на Христијанско-демократската и на Христијанско-социјалната унија изјави дека биле направени сите обиди за сепак да се најде решение. Меркел изрази жалење поради неуспехот на преговорите, но целиот нивен тек го претстави дијаметрално спротивно од Либералите, тврдејќи дека е многу постигнато и дека меѓу Унијата и ФДП не постоеле непрремостливи разлики.

Кристијан Линднер, шефот на Либералите: „Подобро да не се владее, отколку лошо да се владее“ Фотографија: Reuters/A. Schmidt

Слична оценка изнесоа и Зелените. Копретседателот на партијата, Чем Оздемир ги обвини Либералите дека од почетокот немале доволно спремност за влегување во коалиција. Либералите, рече тој, единствената можна комбинација за формирање влада за жал ја одбија и уништија.

Најголем камен на сопнување биле преговорите за климата и за бегалците. Според достапните информации, со оглед на тоа што преговорите беа тајни и медиумите немаат најдобар увид, Зелените се согласиле на компромис за климатските цели, но до крај инсистирале на тоа бегалците со супсидијарна заштита во Германија да смеат да ги доведат и своите семејства. Како проблем, Либералите во преден план ги истакнаа јавните инвестиции кои ги барале Зелените, додека ФДП се залагале за намалување на данокот и растоварување на граѓаните и стопанството.

Меркел пред тешка задачаФотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Што сега?

Социјалдемократите, кои со само 20 проценти на парламентарните избори на крајот на септември го остварија досега најлошиот резултат во историјата, остануваат на ставот - продолжувањето на големата коалиција за нив не доаѓа во предвид. Според партискиот потпретседател, Ралф Штегнер, сепак не треба избрзано да се распишуваат нови избори, изјава што не е сосем јасна. Математички и политички, исцрпени се сите опции освен евентуална малцинска влада на Ангела Меркел, за што постојат само минимални шанси. СПД веќе најави дека како опозиција нема да толерира таква влада.

Повторни избори, што би било првпат во историјата, би биле можни според членот 63 од Уставот: сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмајер треба прво да предложи некого за функцијата канцелар. Ако кандидатот не добие мнозинство во Бундестагот, почнува втора фаза во која Бундестагот има време од две недели да се постигне согласност околу избор на канцелар. Ако ни тоа не успее, во третата фаза за избор на канцелар е доволно само релативно мнозинство гласови. Во тој случај претседателот може да ја именува личноста која добила релативно мнозинство гласови за канцелар на малцинска влада, но може и да се реши за нови избори, во рок од 60 дена.

Во последните седмици, според анкетите, не постои голема промена во расположението на гласачите. Можно е ЦДУ, ЦСУ, ФДП и Зелените да ги чекаат две лоши сценарија: или и по нови избори ќе мораат да преговараат во ист состав  или десничарите од Алтернатива за Германија ќе зајакнат за уште некој процент и ќе претставуваат уште поголем притисок врз некоја идна влада.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми