Коледе на македонски начин
6 јануари 2020
Коледе падна во длабока сенка, но не заради разликите околу тоа кој како го разбира ритуалот - едни како пагански обичај, други како „православно традиционален". Коледе падна во сенка, бидејќи „шоуто“ го украдоа политичките партии. Исто како што коледарската песна со која децата го навестуваат доаѓањето на денот на раѓањето Христово - Божик текстуално нема ништо поврзано со тој настан („паднало греде, утепало деде“), така и песните со кои партиите навестија политички Бадник, не гарантираат дека имаат за цел да соопштат вистина, туку да креваат прав и држат тензија.
Годинава „коледарските песни“ ги започнаа претставниците на опозицијата во преодната влада. Уште неседнати во кабинетите испратија соопштенија, обвиненија, гламурозни откритија за проблеми кои тие ќе ги решеле за сто дена!
Лош старт. Не заради упадот во празничните денови кои се синоним на разбирање, љубов и воздржаност од тешки и грди зборови. Ова е, сепак, секуларна држава - верата е во сферата на приватно, а политичарите треба да се грижат за државните и јавни политики.
Лош старт е заради брзоплетоста, заради неподносливата леснотија на неодговорноста со која туку така посочуваат и се расфрлаат со бројки. Тоа наликува на евтин политички перформанс во кој актерите добиле задача дека штом влегле некаде, таму мора да „најдат нешто“. Секако, тие не се во преодната влада за да бидат пржински украс или декор. Но, не се таму ни заради другиот екстрем - да се однесуваат како „партиски тројки“ уфрлени небаре на непријателска територија. Она што е помеѓу овие два екстрема – е интересот на граѓаните. Иако се повикуваат на него, не дадоа ниту еден аргумент дека тој е пред партиските цели.
Она што ни го прикажаа во старт, не рефлектира професионалност, туку класична паушалност. Влегоа во многу комплексни ресори, и според надлежноста (безбедност, јавен ред и мир), и според обемот на лица кои се опфатени со ресорните политики (приматели на субвенции и цел спектар на социјални трансфери). Па каков е тој професионализам, кога без ниту еден ден поминат во анализа на состојбите во ресорот веднаш изнесуваат „факти“ со обвинувања за незаконитости во разни сфери? Кога за пет минути би можела да се скенира состојбата во која било институција, макар и само во еден сегмент, најсреќни би биле оние стручни и искусни кадри од Државниот завод за ревизија. За почеток, ним нека им објаснат како се одвива таа експресна постапка - дојдов, видов, обвинив.
Ваквиот површен и брзоплет пристап, во прв план открива само една намера: да се дискредитира политичкиот опонент. Тоа е легитимна битка, но она што ја прави клучната разлика е - дали таа битка оди по патот на вистината или преку нејзино манипулирање.
Вистински професионалци, со интегритет и приврзаност кон фактите, би биле невидливи за јавноста додека не го земат цврсто кокпитот во ресорот, и не би го трошеле времето за дневно партиско шоу.
Вака, сликата за одговорноста на функционерите доживува дополнителна ерозија, покрај онаа што константно ги следи. Но, не треба да се заборава и на еден многу важен „детал“: по сите досега „паднати гредиња“, како синомим за лаги и манипулации, граѓаните барем се стекнаа со една исклучителна вештина - можат да препознаат лажни светци!