1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Со колективен имунитет против Делта мутацијата

ДТЗ
28 јуни 2021

За да се постигне ова ќе биде потребно да се вакцинираат и адолесцентите. Надлежните најавуваат теренска имунизација за вакцините да станат достапни и до најоддалечените места.

Nordmazedonien | Impfzentrum in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Само голем опфат на населението со вакцинација може да ја смени сликата со епидемијата на Ковид-19 и новите мутации коишто се реална закана. Најновите прогнози на здравствените лица се дека е потребно да се постигне праг на колективен имунитет од 80 до 85 отсто кај населението за да се спречи ширењето на вирусот. Но, овој праг ќе може да се постигне само ако со вакцинацијата бидат опфатени и адолесцентите. По намалениот интензитет на имунизацијата изминатиов период, поради недостиг на вакцини, С. Македонија сега се соочува со нов предизвик – вакцини доволно има, ќе има ли и интерес кај граѓаните, со цел да се постигне повисок праг на имунитет пред најавите за нов посериозен есенски корона-бран.

Прогнози

Сегашната епидемиолошка состојба во земјата е стабилна, има малку нови случаи, болниците се празни. Прогнозите се дека крајот на епидемијата ќе може да се прогласи кон крајот на август или почетокот на септември – доколку 28 дена по ред нема појава на нови случаи и починати. Ова се укажувањата на министерот за здравство Венко Филипче, епидемиологот Драган Даниловски, раководител на Институтот за епидемиологија и биостатистика со медицинска информатика, проф. д-р Александра Грозданова, национална координаторка за имунизација и д-р Александар Петличковски, директор на Институтот за имунобиологија, коишто учествуваа на дебата за „Вакцинацијата и предизвици со Ковид-19“ во пресрет на есента.

-повеќе на темата: Делта-варијантата го загрозува постигнувањето имунитет на стадо

„Болниците се речиси празни, малку пациенти се на кислородна поддршка. Нашите капацитети се подготвени во случај на влошување на ситуацијата, обезбедена е доволна количина на лекови. Се надеваме дека до тоа нема да дојде. Но, што треба да направиме, што треба да се преземе како превенција за да не се соочиме со нов бран? Тешко е да се каже дали може нешто да се направи. Светот на науката не дава одговор на тоа прашање“, вели Филипче.

Сегашната епидемиолошка состојба во земјата е стабилна, има малку нови случаи, болниците се празни, вели Венко Филипче. Фотографија: DW/P. Stojanovski

Првичните укажувања до појавата на британскиот сој на вирусот беа дека е неопходно да се постигне имунитет кај 65 до 70 проценти од населението. Новата Делта варијанта на вирусот ги усложни работите. „Делта варијантата е толку продорна, толку позаразна што потребен е праг на колективен имунитет од 80 до 85 отсто за да има мало ширење на вирусот. Добра вест е што природниот имунитет штити и од индискиот вирус“, вели професорот Драган Даниловски. Ситуацијата во моментов е навистина неочекувано извонредно поволна од причина што објективните показатели се извонредно поволни – 14 дневна инциденција која веќе неколку дена изнесува 7. Исто така, процентот на позитивни случаи, ако е под 3 отсто, исто така се прогласува ’зелена зона’ во однос на епидемиолошките ризици. „Последната недела е 0,3 отсто, тоа е нешто што тоа би го сместил во доменот на статистичка грешка – ние практично немаме вирус во циркулација“, вели Даниловски. Според него, иако нема потреба од мерки и рестрикции во моментов, сепак, мудра одлука е да се носат маски во затворен простор. 

Теренска вакцинација

Заклучно со викендов се вакцинирани 300 илјади граѓани во С. Македонија. По пристигнувањето на кинеските вакцини „Синовак“, 14 илјади граѓани добиле термини за вакцинација. 140 илјади чекаат вакцинација, а надлежните уверуваат дека тие во брз рок ќе добијат термини. По периодот на застој, кога имаше недостиг на вакцини, па голем број граѓани побараа спас во соседна Србија или Бугарија, сега вакцини има – но нема доволен интерес кај граѓаните. Надлежните апелираат граѓаните да се пријават за имунизација – сите вакцини се безбедни и штитат од сериозни последици од Ковид-19. 

За да се мотивира населението што побрзо да се вакцинира во текот на летото, пред евентуалниот продор на Делта мутацијата на почетокот на есента, Министерството за здравство ќе започне со теренска вакцинација пред 20 јули. Идејата е со возила на здравствени домови, во оддалечени рурални места да се врши дистрибуција на вакцините, складирани во мали фрижидери. 

-повеќе на темата: Вакцинација со забрзано темпо со „Синовак“ и „Фајзер“

„Гледаме во повеќе земји во Европа и во светот различни сценарија, многу земји се соочуваат со Делта варијантата на вирусот, кој има дупла мутација и е по заразен од британскиот сој на вирусот. Во некои земји се случува и тоа што и покрај вакцинацијата се соочија со нов бран“, вели Филипче. Иако нема точни податоци, сепак искуствата се дека вакцинираните имаат полесна форма на вирусот и дека сите актуелни вакцини практично штитат и од оваа мутација на вирусот со висока ефикасност. 

„Индискиот мутант, Делта варијантата која ја имаат 92 земји нема да може да не избегне и нас. Треба да учиме на туѓите и своите искуства и да се поставиме проактивно во однос на заканите од Делта варијантата. Треба да се работи на јавното здравје со вакцинација, нема друга опција од тоа во што пократко време да се опфати што поголем број граѓани со две дози на вакцина. Гледаме во Израел што се случува, шампиони беа и сега се соочуваат со пораз на број на случаи на Делта варијантата, бидејќи испадна дека само 55 отсто од населението се вакцинирани со две дози“, укажува професорот Даниловски. 

Вакцинација на деца?

Во однос на тоа дали треба да се вакцинираат младите лица, д-р Александар Петличковски смета е исправно, бидејќи во спротивно се остава празен простор каде вирусот би се раширил. 

Препораката од СЗО е дека онаму каде достапноста на вакцините не е доволна за поголем број од населението, вакцините за деца треба да бидат второстепени.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Препораката од СЗО е дека онаму каде достапноста на вакцините не е доволна за поголем број од населението, вакцините за деца треба да бидат второстепени. Кога би се вакцинирале деца, треба да се даде приоритет на оние кои се со хронични болести или со состојби кои ги ставаат во ризична категорија. Потребната покриеност за имунизација е 80 отсто на населението. „Без вакцинацијата на адолесцентите, на лицата над 16, односно 18 години, не може да се разговара за потребната покриеност“, вели Александра Грозданова, националната координаторка за имунизација. 

Несакани ефекти

Иако не постои вакцина без несакани ефекти, здравствените работници укажуваат дека станува збор за многу мал број случаи, поради што може да се заклучи дека вакцините се исклучително безбедни. „Најдобра и најбезбедна е онаа вакцина којашто ни е достапна во моментот“, вели Петличковски. 

-повеќе на темата: Индискиот сој ги врати стравувањата од нов есенски бран на Ковид-19

Неделно три или четири случаи се пријавуваат со лесни несакани ефекти од вакцинацијата. Најчесто станува збор за покачена телесна температура, локално црвенило и слично. Единствена сериозна компликација којашто се појави е кај млада девојка која што имаше тромб по вакцинирање со „АстраЗенека“ во Србија, потсети министерот Филипче, по што македонските здравствени власти одлучија оваа вакцина да се аплицира само кај лица постари од 60 години. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми